Балкан Енерџи Груп предлага за намалување на загадувањето во град Скопје надлежните институции да донесат мерки во насока на приклучување кон системот на централно греење на јавните, деловните и приватните субјекти кои имаат приклучок или достапност до топловодната мрежа.
Компанијата наведува дека главен извор на загадувањето на градот Скопје посочен од надлежните институции е согорувањето на фосилни горива (мазут, нафта, јаглен) и дрва при затоплувањето на станбените и деловните објекти. Согласно информациите од Град Скопје само 36 % од потрошувачите се затоплуваат на централно греење, а од останатите 64 % безмалку половина се затоплуваат со фосилни горива и дрва.
– Ја делиме загриженоста на граѓаните и чувствуваме потреба и одговорност пред јавноста, да го ставиме на располагање сиот свој технички и стручен потенцијал со цел да дадеме придонес во надминувањето на овој сериозен проблем. Балкан Енерџи преку системот за централно греење испорачува еколошки чиста енергија за затоплување бидејќи сите наши топлани работат на природен гас, кој е еколошки најчистиот енергенс. Техничкиот капацитет на топланите и дистрибутивната мрежа во овој момент е двојно поголем од потребите на нашите потрошувачи. Од друга страна голем дел од потрошувачите кои користат фосилни горива и дрва за затоплување веќе имаат приклучок или со мали инвестиции може да се приклучат кон системот за централно затоплување, велат од компанијата.
Според нив, со мерките кои ги предлагаат ќе придонесат за брз и непосреден ефект во намалувањето на загадувањето и подобрување на квалитетот на воздухот. Ваквите мерки се исто така во насока на заложбите на Владата на Република Македонија за гасификација на Република Македонија и зголемување на употребата на природниот гас како најчист енергенс, се вели во соопштението од Балкан Енерџи Груп.