Сук вакиф, или во буквален превод „Постојан пазар“, е најважниот традиционален пазар во Доха, место што секојдневно го посетуваат илјадници луѓе, домашни и странци, кои тука можат да се снабдат со катарска национална облека, сувенири, зачини и други производи од ова поднебје
Тука има огромен број ресторани, со кујни од целиот свет.
Овој пазар, стар стотина години, неодамна е срушен и повторно изграден во традиционален стил. На пазарот за мирудии можете да најдете зачини од целиот свет. Посебен дел е просторот каде што се продаваат камили, ловечки соколи, а и други птици. Сук вакиф е и место каде што се отворени голем број уметнички галерии.
Раскошот на Доха се гледа насекаде. Луксузни хотели, богати продавници, огромни и снабдени трговски центри. Вистински бисер е центарот „Вилаџо“, направен во венецијански стил. Иако е од затворен тип, сводот реално го претставува небото, па се добива впечаток дека сте на отворено. Чувството е неверојатно, а одредени улици во центарот се со придушени бои, со што се создава впечаток на приквечерина. Низ целиот центар е изведен канал по кој пловат венецијански гондоли.
Што се однесува до цените на одредени продукти тука во Доха, на пример водата е два реали, што е околу 30 денари, лебот чини од 45 до 60 денари, млекото 90, а еден литар бензин е 15 денари.
Георгис Драгунис „Нова Македонија“