Студентите од идниот четврток ќе можат бесплатно да се возат во градските автобуси и на жичарницата на Водно. Советниците на Град Скопје вчера ја усвоија предлог-одлуката идните академски граѓани да добијат поволности во градскиот превоз.
Бесплатниот превоз за студентите ќе важи во текот на целата година секој четврток, со оглед на тоа што испитни сесии се организираат и во летниот период. Истовремено, со носењето на одлуката, Град Скопје го задолжи Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) да поднесе барање до Советот за надоместување на трошоците за бесплатното возење на студентите. Според информациите на ЈСП, трошокот од воведувањето на поволноста за студентите ќе ја чини фирмата 10 милиони денари, пари што како субвенција ќе ги добие од Градот.
Бесплатен превоз во автобусите на ЈСП сега имаат студентите, пензионерите и средношколците. Пензионерите од претходната недела започнаа без пари да се возат во автобусите и в недела, па така, за нив е бесплатно во вторник, петок, сабота и недела. Средношколците, пак, не плаќаат додека трае учебната година, а за билет плаќаат на лето, додека им трае годишниот распуст.
За реализирање на овие поволности ЈСП добива субвенции од Град Скопје. Заедно со трошокот за студентите Градот се очекува на јавното претпријатие да му префрли 160 милиони денари.