Безживотното тело што беше пронајдено на падините на планинскиот појас кај селото Велмеј во општина Дебрца е на исчезнатата Маја Блажеска, соопшти денеска Стефан Димоски, портпаролот на Секторот за внатрешни работи Охрид.
Според Димоски, тоа е потврдено со обдукцијата, спроведена по налог на истражниот судија за утврдување на идентитетот на телото и причините за настапувањето на смртта.
– На безживотното тело не се забележани траги од насилство. Досегашните информации од обдукцискиот наод укажуваат дека најверојатно се работи за измрзнување, истакна Димоски.
Телото било пронајдено на надморската висина од близу 1500 метри каде што во овој дел од годината температурата достигнува и до -20 степени.
Тој додаде дека СВР Охрид формирал посебен тим да се занимава исклучиво со случајот, биле преземени голем број мерки, активности за што побрзо пронаоѓање на малолетната Блажеска. Притоа постојано биле разменувани информации со семејството, а биле спроведени и неколку акции на пребарување на целото подрачје на планинските појаси од селото Велмеј во насока кон селото Лешани и Славеј Планина.
Активностите на полицијата продолжуваат во насока на дорасветлување на сите аспекти по однос случајот.
– Малолетната девојка имала одредени контакти преку фејсбук со лице од Скопје. Што всушност се случило, како Блажеска се нашла во планинскиот предел, тие моменти дополнително ќе бидат утврдувани со цел заокружување на случајот, додаде Димоски.
Маја Блажеска (14) од соседното село Лешани се водеше како исчезната повеќе од еден месец. Нејзиното второ исчезнување во СВР Охрид го пријави нејзиниот татко во ноември, минатата година. Нејзиното тело беше пронајдено пред два дена кај месноста „Натнасер бачила“ во атарот на охридското село Велмеј.
Kurir