Родители со синџир го врзале својот син за веце-шолја за да не може да излезе и да земе дрога, друг родител ја претепал ќерка си и им признал на лекарите: „на мала душа ја оставив“, но продолжила да се дрогира. Двајца браќа потрошиле 30.000 евра на дрога, пари што ги добиле од продажба на станот на родителите. Друг наркозависник го продал мебелот од домот на татко си, а на крај му ја побарал и бурмата за да ја продаде за дрога.
Овие примери ги посочи д-р Стево Бојаџиев, психијатар кој 38 години работел со зависници, на трибината за наркоманија организирана од Македонско-турското друштво од Битола. Тој вели дека во градот се евидентирани 300 наркозависници, но се проценува дека секој од нив се обидува да навлече уште седум други лица, па неофицијалните процени се дека има над 2.000 уживатели на дрога во Битола.
– Во темна просторија носат очила. Постојано им студи. Носат долги ракави зашто рацете им се со тромбофлебити. Зениците им се како главичка од топуска. Пијат претежно портоколада, јадат благи работи, супа, а месо не. Родителите мора да бидат вистински пријатели со децата, да разговараат, со време да се запре работата. Да не настапуваат гестаповски и инспекторски – додава Бојаџиев.
Дел од битолските зависници заминуваат во манастири во Струмичката епархија или во Бигорскиот манастир, каде што се обидуваат преку духовни методи, без хемиски супстанции, да се откажат од дрогата. Но и ако лекувањето помине добро, тоа не е гаранција дека нема пак да паднат во искушение.
– Kога лицето по лекување ќе се врати во старата средина, му се нафрлаат дилери и пријатели, старото друштво. По враќање од лекувањето момче од Битола шест месеци седело дома, но првото излегување било фатално – изјави психологот Фани Димитровска-Асим.
За оние што продолжуваат по истиот пат, во градот функционираат невладини организации кои се обидуваат барем да ги намалат штетите од користењето дрога. Се делат и стерилни шприцови и игли.
– Често користат нестерилна опрема за инјектирање и си разменуваат игли, шприцови. Така може да си пренесат хепатит Ц, ХИВ и друго. Понатаму, невладините даваат информации како правилно да се употребува дрогата. Да внимаваат на составот, на тоа како ја земаат, да не се сами кога земаат дрога за да се избегне предозирање – вели Билјана Василевска-Трајковска, социјален работник од „Виа вита“.
За разлика од Македонија, каде што с` уште најупотребувана дрога е хероинот, во Европа се користат други синтетички дроги кои за кусо време им го уништуваат здравјето на зависниците.
Во Србија се продаваат и мастики со евтина дрога. Во Русија, пак, актуелен е т.н. крокодил, од кој по неколку употреби се распаѓаат рацете на зависниците.
Жанета Здравковска за Дневник