Косовскиот премиер Хашим Тачи ги прекина преговорите во Брисел незадоволен од предлогот на високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Кетрин Ештон, јавува српски Блиц повикувајќи се на дипломатски извори во Брисел.
Според весникот, во овој момент има пауза и неизвесно е што ќе се случува понатаму. Медиумите во Белград претходно објавија дека српската страна во Брисел добила нешто подобра понуда, во врска со полицијата и безбедносните прашања.
Како што јави Б92, на српските преговарачи за северот на Косово им се нуди Србите да бидат регионални командири и локални командири на полицијата.
Извор за Блиц наведува дека разговорите овој пат се доста тешки и неизвесни, иако Брисел и Приштина малку попуштиле.
„Се покажа дека српскиот државен врв беше во право што не ја прифати понудата на претходната рунда, бидејќи сега е поповолна“ изјави соговорникот на Блиц.
Во Брисел околу 15.30 часот почна тројниот состанок меѓу Ештон, премиерот на Србија, Ивица Дачиќ и премиерот на Косово Хашим Тачи. Претходно Ештон во два наврата имаше одвоени средби со делегациите на Белград и Приштина.
Makfax