Бонбоните на „Европа“ АД се оригинал, обвинувањата на Пионир паднаа во вода


Стопанскиот суд во Белград неодамна ги отфрли сите обвинувања на српски „Пионир“ според кои „Европа“ АД – Скопје наводно фалсификувала нивни бонбони.

Македонската компанија со 132-годишно искуство, чии количини од производот „Бонбон ноар“ пред неколку месеци беа запленети од властите кај северниот сосед, доби и правна потврда на тоа што од самиот почеток јавно го тврдеше – дека овие слатки се оригинални, односно дека воопшто не го повредуваат жигот на српскиот конкурент. Следна постапка на „Европа“ АД – Скопје ќе биде поднесување тужба против „Пионир“ за изгубена добивка и за нарушен углед.negro-classic

– Обвинувањата за фалсификат, запленувањето на робата, како и поднесената пријава, беа настани во чие развивање „Европа АД“ немаше никаква улога. Нашата компанија со децении работи на српскиот пазар, каде што има долгогодишни, докажано лојални, купувачи. Тие самите знаат да го изберат вистинскиот квалитет, а со тоа што верно ги следат нашите производи истакнуваат дека и самите ја препознаваат разликата помеѓу плагијат и фалсификат – вели Сава Димитрова, претседател на управниот одбор на „Европа“ АД – Скопје.

„Пионир“ поднесе тужба пред српските судови и во неа бараше: да се утврди дека „Европа“ АД – Скопје го повредила жигот на компанијата и да се забрани производството, испораката, извозот, понудата и ставањето во промет на „Бонбон ноар“. За секоја од овие точки познатиот македонски бренд доби правна потврда дека се неосновани и целосно отфрлени. Тоа значи дека македонското претпријатие ќе може слободно и во иднина да го продава овој продукт во Србија затоа што сега има и судска одлука дека тој не е плагијат на „Негро“ на „Пионир“.

– Ова решение и правно го потврди тоа што ние пред неколку месеци го нагласивме – дека е во прашање крајно несериозно обвинување што нема издржаност во реалноста. „Европа“ АД – Скопје секогаш ги има предвид потребите, почитта и ставовите на своите потрошувачи и знаејќи го тоа на ум, ние никогаш не би си дозволиле да направиме нешто со кое би ја нарушиле таа доверба. Сосема спротивно, понатаму посветено ќе продолжиме да ги подобруваме веќе долго популарните производи, но и да креираме нови – истакнува Димитрова.

„Европа“ АД – Скопје уште еднаш потсетува дека во поглед на содржината, „Бонбон ноар“ е непроменет продукт којшто се создава повеќе од половина век. Тој за првпат е внесен во каталогот на компанијата пред повеќе од три децении, односно во 1982 година. Под актуелната амбалажа, пак, бонбоната се продава од 2003 и оттогаш е присутна и на пазарот во Србија, значи безмалку цели 11 години. Македонската компанија нагласува дека „Бонбон ноар“ и „Негро“ имаат различен состав.

Слично е што обете се базирани на лакрицот како состојка, меѓутоа, процентот на масното полнење, филувањето и изгледот на самата бонбона немаат допирни точки. Лакрицот во светот на бонбоните е применет од неколку стотини производители. Амбалажата на најголем дел од нив е комбинација од црна, бела и црвена боја. Причина за тоа е токму лакрицот чијшто изглед најчесто се комуницира со овој колорит. И глобални марки како „Харибо“, „Салос“, „Јанки“ и „Клене“ за своите бонбони базирани на лакриц со години се придржуваат до истиот пристап.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1