Петмина од досегашните членови на ДИК поднеле барања за апанажа, што значи дека уште една година ќе земаат плати од над илјада евра. Меѓу нив се досегашниот претседател Александар Чичаковски, Виолета Дума и Игор Милев кои беа членови од СДСМ, Субхи Јакупи од ДУИ, како и Силвана Бонева од ВМРО ДПМНЕ.
Апанажа не бараат Сашо Срцев од ВМРО ДПМНЕ и независните експерти-членови, Реџеп Прекопуца и Атанас Урумов. Тројцата се враќаат на работните места на кои биле пред да станат членови на ДИК, Срцев како државен советник во Министерството за транспорт и врски, Прекопуца во Собранието, а Урумов во подрачната единица на ДИК во Гевгелија, објави Телма.
Државната изборна комисија, која сега брои само еден член, откако другите си дадоа оставки, а нови не се избрани, денеска, на глобалниот Ден на изборите, ги отвори вратите за граѓаните.
Од таму изјавија дека стручните служби и општинските изборни комисии се подготвени за евентуален референдум или избори, иако недостига главната алка- членовите. Огласот за нови членови сѐ уште не е распишан, а нивниот избор го врши Собранието.