Владимир Поп Христов, брат на актерот Кирил, вчера бил осуден на една година затвор поради одгледување марихуана во нивната викендичка во скопското село Визбегово, дознава ВЕЧЕР. Од Кривичниот суд ја потврдија пресудата, но не појаснија дали е заменета со условна или не.
Владимир Поп Христов беше уапсен на 28 ноември минатата година на граничниот премин Богородица. Тој извесно време помина во бегство во Грција и поради тоа му беше изречен притвор во отсуство. Тој се товареше за истото дело како и неговиот брат Кирил, одгледување и производство на марихуана. Владимир се обрати во неколку наврати преку социјалните мрежи, објаснувајќи дека марихуаната ја одгледувале со брат му исклучиво во медицински цели.
Тоа беше потврдено и на судскиот процес против Кили, каде што експресно во едно рочиште беше донесена пресудата. Кирил Поп Христов приложи медицинска документација која ги потврди тврдењата за неговата тешка здравствена состојба. Тој самиот изјави дека во неговата викендичка е најдена и запленета марихуана од видот “канабис индика”, која има исклучиво медицинска намена и дека од неа произведувал масло кое му ја намалувало болката и го спречувало ширењето на болеста.
Кирил Поп Христов беше уапсен на почетокот на септември минатата година. При претресот на викендичката во Визбегово, во којашто живеел неговиот брат Владимир, беа најдени околу 80 стебла марихуана во различен стадиум, како и комплетно поставен систем за осветлување, наводнување и вентилирање.
Вечер