По седум часа преговори, земјите членки на ЕУ го прифатија барањето на Обединетото Кралство за одлагање на Брегзит и на Британците им даде две опции до крајот на мај – синоќа одлучија 12 април или 22 мај да е датумот за Брегзит.
Конкретно, ЕУ даде рок до 22 мај, денот пред почетокот на европските избори, британскиот Парламент да го прифати или не, договорот за излегување од ЕУ. Но, доколку британската влада до 12 април сѐ уште не успее да извојува ратификација на договорот за Брегзит во Вестминстер, тогаш ќе треба или да побара долго одлагање, до крајот на оваа година и да учествува на изборите, или да ги сноси последиците од напуштање на ЕУ без договор пред изборите, со сите ризици поврзани за ова сценарио. Изборите се одржуваат до 23 до 26 мај во сите земји членки.
Во случај Лондон да се одлучи да бара одлагање до крајот на годината, ќе треба да поднесе „оправдано“ барање до европските партнери, односно да организира нови избори или нов референдум, со што ќе може да ги увери земјите членки на ЕУ дека одлагањето нема да значи продолжување на ќор-сокакот во кој се наоѓаат двете страни веќе две години.
Со ова, ЕУ им дава уште две недели на Британците да изнајдат решение за иднината на Брегзит, откако Парламентот два пати го отфрли компромисот склучен помеѓу Меј и другите 27 земји членки на Унијата.