Семејството Цековски се сомнева дека друг човек ја возел хондата која на трети април ја прегази 20-годишната Фросина пред Универзална сала. Како што денеска пред јавното обвинителство рече таткото, Љупчо Цековски, трагите од воланот биле избришани, а на возачкото седиште биле најдени отпечатоци од прсти кои не одговараат на лицето што неколку часа по сообраќајката се пријавило во полициската станица во Ѓорче Петров.
Осомниченото лице се изјаснило дека ќе се брани со молчење.
Таткото на студентката од Крива Паланка се сомнева дека возачот што сам се пријави, ја возел „хондата“ и е убеден дека некој друг бил зад воланот, некој кој го штити некој „јак човек во државава“, јави Макфакс.
Според таткото на девојката, Љупчо Цековски папиларните линии од отпечатоците на воланот не се совпаѓале со папиларните линии на отпечатоците на дваесет и шестгодишниот скопјанец кој сам се пријави дека ја предизвикал несреќата.
„Истрагата е насочена против лицето кое се пријавило, но има јаки сомнежи. Недостигот од папиларни линии, бришење на воланот, наоѓање разни отпечатоци на седиштата. Не се совпаѓаат папиларните линии на воланот со папиларните линии на убиецот. Сто отсто друг е“, рече Цековски во изјава за медиумите.
Тој е незадоволен што убиецот, како што го нарекува лицето кое ја предизвикало сообраќајната несреќа во којашто загина неговата ќерка, сé уште е на слобода, но вели дека кој и да е „ќе го најдат и ќе одговара“.
20-годишната Фросина од Крива Паланка животот го загуби на булеварот Партизански одреди, пред Универзална сала, откако во неа удри хонда со скопски регистарски таблички. 26-годишниот возач првично избегал од местото на несреќата, а потоа сам се пријавил во полициска станица. Нема информации дали тој бил во алкохолизирана состојба и дали поминал на црвено светло на семафорот.
Според очевидците ударот бил страотен и се случил во моментот кога девојката ја поминувала улицата на пешачки премин.