Основачот на “WikiLeaks“, Џулијан Асанж нема да може да ја напушти еквадорската амбасада во Лондон, иако државата му одобри азил. Властите нема да упаднат во амбасадата, но ќе има тензија меѓу Асанж и Лондон.
Денеска на пладне , шефот на британската дипломатија Вилјам Хејг рече дека Британија нема да му дозволи на Асанж да ја напушти земјата и дека Лондон цврсто стои на одлуката, тој да биде екстрадиран во Шведска.
Десетина полицајци пробале да влезат во амбасадата, но набругу биле спречени. Шведските власти пак веднаш се јавиле кај амбасадорот на Еквадор во Шведска и им соопштиле дека одобрувањето на политички азил за Асанж е неприфатливо.
Британските медиуми пренесуваат дека полицијата нема да влезе насилно во амбасадата, но и дека Британскиот народ е револтиран поради преговорите со Еквадор, за случајот Асанж.
Министерот за надворешни работи на Еквадор, Рикардо Патино рече дека неговата земја одлучила да му одобри азил на Асанж затоа што смета дека неговите права се загрозени и дека не би имал фер судење во Шведска.
Одлука на еквадорските власти да му одобрат азил на Асанж дојде неколку часа откако Британија се закани дека ќе упадне во амбасадата на Еквадор во Лондон, каде од 19 јуни е сместен Асанж.
„Треба да бидете свесни дека, според британскиот Закон за дипломатски и конзуларни претставништва од 1987 година, постои правна основа да го уапсиме Џулијан Асанж и во зградата на амбасадата“, се наведува во писмото кое Британија му го упати на Еквадор.
Еквадорската влада останала шокирана од заканите на Британија и веднаш го објавила писмото интегрално.
“Ставот кој го зазема британската влада е неприфатлив и од политичка и од легална страна. Влегувањето во туѓа амбасада без одобрение е флагрантно кршење на Виенската конвенција“, изјави Патино.
Џулијан Асанж е по потекло од Австралија. Тој го разбесни Вашингтон кога на неговата интернет страна “WikiLeaks“ во 2010 година, обелодени стотина илјади доверливи дипломатски тајни на САД.
Шведското обвинителство го бара на распит, под сомнение дека извршил сексуален напад, што Асанж одлучно го демантира.
Основачот на “WikiLeaks“ стравува дека ако биде екстрадиран во Шведска, подоцна би можело да го пренесат во САД, каде најверојатно би го тужеле за шпионажа.