Британски министри снимени како се нудат да бидат „изнајмени за пари“


Двајца поранешни британски министри за надворешни работи тајно се снимени како ги нудат своите политички врски и позиции на приватни компании за високи хонорари.

Малколм Рифкин, шеф на Форин Офисот во Владата на Џон Мејџор и Џек Стро, шеф на дипломатијата во Кабинетот на Тони Блер, се „уловени“ од новинари на лондонски „Дејли Телеграф“ и од британската телевизија „Ченел Фор“ преправени како бизнисмени од измислена кинеска фирма од Хонг Конг, како изјавуваат дека се подготвени да работата како лобисти.23022015111444_Straw_Rifkind_1

Новинарите истражувачи правеле специјален прилог за весникот и за специјална емисија за телевизијата под наслов „Политичари за изнајмување“.

На снимениот материјал Стро ветува дека може да го искористи своето влијание за да се изменат некои прописи на ЕУ за да и помогнат на приватната фирма. Цената за тоа би била 60.000 фунти годишна плата. За одржување предавање или држење говори, како и за некоја друга таква потреба, Стро рекол дека наплатува по пет илјади фунти на ден.

Рифкин, кој е пратеник на Конзервативната партија од центарот на Лондон и претседател на Комисијата за безбедност и разузнавање, на снимката вели дека тој е „самовработен“ и дека не прима плата од никого, па за да лобира наплатува меѓу пет и осум илјади фунти.

Двајцата изјавија дека не се чувствуваат виновни, ниту сметаат дека ги повредиле правилата и стандардите на британскиот Парламент. Рифкин и Стро самите ги пријавиле своите случаи кај парламентарнта Комисија за стандард, која сега ќе отвори истрага што се предвидува да трае неколку месеци.

Рифкин смета дека со своето нудење за лобист не ја загрозил позицијата претседател на една чувствителна парламентарна комисија која ја надгледува работата на двете најголеми британски разузнавачки агенции.

Стро изјави дека не може да си прости што дозволил да биде уловен и вовлечен во замката на новинарите. Тој самиот побара да биде суспендиран од работата во парламентарната група на Лабуристичката партија, со што лидерот Ед Милибанд се согласи.

Овој поранешен угледен лабуристички функционер и министер за внатрешни, па за надворешни работи, а во владата на Гордон Браун и за правда, најави дека повеќе не сака да биде пратеник, па нема да се кандидира на мајските парламентрани избори. Стро сепак рече дека ќе соработува со парламентарната комисија до нејзината одлука за него и за Рифкин.

Лобирањето за приватни и државни компании не е дозволено со правилата на британскиот Парламент за работењето и однесувањето на пратениците.

Повеќемина пратеници од овој и од поранешниот состав беа откриени на сличен начин од новинари на лондонските медиуми како прифаќаат да работат како лобисти.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1