Брокер од Скопје со измама присвоил акции од познајник и ги продал, соопшти МВР. Станува збор за Р.И (30), против кого се поднесени кривични пријави за измама, за фалсификување исправа и за перење пари и други приходи од казниво дело.
Според полицијата, Р.И., кој имал положено брокерски испит, го извршил криминалот кон крајот на 2010 година. Тој го злоупотребил познанството со оштетениот, за кого знаел дека поседува обични акции во повеќе акционерски друштва од Македонија, купени во 2007 година. За купување на акциите вложил 34.509 евра, а Р.И. состојбата на сметката ја утврдил преку неговата мајка, која работела како брокер во банка во Скопје.
Измамникот до Централниот депозитар за хартии од вредност доставил барање за промена на адреса на сметката на оштетеното лице, а истиот да не биде известен од страна на депозитарот за настанатите промени на сметката.
Барањето за промена било прифатено без да биде утврден идентитетот на подносителот на барателот бидејќи истото било испратено со прием преку телефакс од хотел од Скопје.
Брокерот адаптирал и изработил лажно полномошно со вметнување податоци од оштетениот, во кое навел дека може да ги купува и да ги продава акциите што ги поседувал оштетениот, а парите од продажбата да бидат префрлени на неговата трансакциска сметка. Тој фалсификатот го доставил до Брокерското друштво, со што го довел во заблуда истото дека тој може да располага со акциите.
На тој начин Р.И. во октомври и во ноември 2010 година во брокерската куќа од Скопје дал повеќе налози за продавање, кои биле веднаш реализирани на Македонската берза за хартии од вредност. Откако биле порамнети сите трансакции и биле извршени сите продажби на предметните акции, на личната трансакциска сметка на Р.И. во повеќе наврати, од брокерската куќа биле извршени уплати во вкупна вредност 4.888 евра. Разликата меѓу износот што го вложил оштетениот за купување на акциите и нивната продажба се должи на паѓањето на цената, а дел на намерата на Р.И. да ги продаде во најкраток рок по која било цена.