Француската агенција за безбедност на воздушниот сообраќај наведува дека египетскиот авион пред падот емитувал автоматски пораки дека во леталото пред падот имало чад.
Тоа го потврди и авијацискиот експерт Тим ван Беверан за „Дојче веле“, истакнувајќи дека „во авионот избил пожар“.
Системот, оцени, испратил многу јасни пораки.
– Детектиран е чад во тоалетот. Минута подоцна, детектиран е чад во одделот за електроника. Две минути подоцна, сите единици за контрола на летот се откажуваат – појасни тој.
Авионот на египетската компанија „Иџиптер“ ноќта меѓу средата и четвртокот се урна во Средоземното Море, северно од Александрија.
Портпаролот на француското Биро за истрага и анализа рече дека авионот емитувал пораки, кои укажуваат дека во авионот имало чад непосредно пред прекинот на преносот на податоци.
Тој, меѓутоа, оцени дека уште е прерано за толкување и разбирање на причините за несреќата, се додека не се пронајде трупот и црните кутии.
Си-ен-ен вчера јави дека податоците од автоматскиот систем, кој разменува со службите на земјите податоци од авионот, покажуваат дека пред самиот пад на авионот на „Иџипт ер“ се вклучил детектор на чад.
Си-ен-ен објави дека до тие податоци дошле од египетски извор, додавајќи дека тие податоци потекнуваат од автоматскиот систем ACARS кој рутински испраќа податоци за летот до матичната авио компанија.
ACARS се користи така што редовно симнува податоци за летот на авиокомпанијата која раководи со авионот.
Филип Баум, уредник на списанието кое се занимава со безбедност на авионот, рече за Би-би-си дека технички грешки не можат да се отпишат како причина за несреќа.