СВР Велес соопшти дека четиригодишното дете каснато од куче денеска во осум часот во Неготино, претходно си играло пред куќата на дедо му и баба му во месноста викана „Калдрма”, непосредно до винарската визба „Повардарие“.
– Одеднаш играјќи си, влегло во дворот на соседот Б.Ѓ. и било нападнато од едното од двете врзани кучиња, при што било каснато повеќе пати во пределот на рамото и нозете и еднаш на главата, информираат од полицијата.
Откако видел што се случува, сопственикот на кучето го земал детето и веднаш го однел во Медицински центар Неготино, каде му била укажана прва медицинска помош.
Од страна на дежурниот лекар настанот бил пријавен во Полициска станица Неготино, а оттаму детето било пренесено во болницата во Кавадарци, каде лекарите констатирале дека детето е вон животна опасност и му пружиле соодветна медицинска нега.
За случајот е известено Oсновно јавното обвинителство во Кавадарци.