Околу 8.000 полицајци во текот на изминатата ноќ се отстранети од должност во цела Турција, вклучително и во Истанбул и престолнината Анкара, пред се, заради сомнежи за врски со обидот за воен удар што беше изведен во ноќта меѓу петокот и саботата, информираа турските медиуми, повикувајќи се на висок безбедносен извор.
Чистката во полициските редови доаѓа откако слични мерки беа преземени и против стотици судии и обвинители, осомничени дека се поврзани со движењето на Фетулах Ѓулен, кого турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган го обвини дека стои зад обидот за преврат.
Според информации на весникот „Хуриет“, смените во полицијата биле преземени по наредба на Главната дирекција на полицијата, која била издадена синоќа. Во текот на цела ноќ сменетите полицајци биле повикувани во управите да го предадат своето оружје.
Според медиумите во Турција, против нив требало да се покренат и судски постапки.