Означувањето, безбедноста и чувањето на храната, рокот и датумот на производство, како и нутритивните својства на продуктите се уште се најчестите поплаки на потрошувачите по пазарењето. Сепак, тие мора да посветат поголемо внимание кога го прават изборот иако притоа, особено е значајна и одговорноста на трговците во малопродажната мрежа зашто стојат зад понудата.
Ова беше речено на денешната конференција во Тетово по повод почетокот на кампањата „Безбедноста на храната е обврска на сите заинтересирани страни во системот за безбедност на храната“.
Според директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Дејан Рунтевски, минатата година се доставени околу 130 претставки од граѓаните најмногу околу нехигиената, изминатите рокови и несоодветните декларации на пренрамбрените производи. Притоа во сите случаи каде што биле констаирани прекршувања на Законот за заштита на храната се преземени соодветни санкции и се поднесени прекршочни пријави.
Рунтевски и директорката на Организацијата на потрошувачи на Македонија Маријана Лончар ја нагласија потреабата од поголема информираност и едукација на граѓаните кога станува збор за храната.
– За таа цел ќе организираме трибини во девет градови низ Македонија. Изготвени се и соодветни брошури со сите неопходни информации за безбедноста на храната. Ќе бидат посетени и повеќе маркети низ државата за на терен да се сретнеме со потрошувачите, да го чуеме нивното мислење и да видиме колку во продажната мрежа трговците се придржуваат кон Законот за безбедност на храната, рече Рунтевски.
Целта на кампањата е потрошувачите да се информираат за безбедноста на храната, означувањето на адитивите, ГМО, алергените, нутритивните состојки.