Двајца научници од Казахстан тврдат дека во човечката ДНК се крие порака на вонземјани, пренесува МИА
Физичарот Владимир И. Шчербак од Универзитетот во Казахстан и астробиологот Максим А. Макуков од Астрофизичкиот институт Фенсеков, сметаат дека секој од нас носи „печат“ кој ни го втиснала некоја моќна цивилизација од друга планета.
Наместо да преземаме истражувачки мисии во вселената, треба длабоко да се загледаме во нашите тела, во човечката ДНК, наведуваат казахстанските експерти, според кои човечкиот геном е плод на вонземска цивилизација, стара неколку милиони, а можеби и милијарди години.
Според Шчербак и Макуков, системот на Дарвин не умее да ја објасни математичката порака откриена во човечкиот генетски код, и заклучуваат дека „генетскиот белег“ е всушност од вонземско потекло.
Во студијата, објавена во научното списание „Икарус“, двајцата научници заговараат биолошки пристап по прашањето за постоење живот вон нашата планета, убедени се дека вонземјаните оставиле траги по Земјата.
Нивниот заклучок е дека нашиот генетски код настанал надвор од сончевиот систем пред повеќе милијарди години.
Оваа теорија ја поддржува идејата за „панспермија“, хипотеза дека живот постои ширум универзумот и дека може да биде пренесен од една на друга локација, односно дека секаде е „посеан“.