Деведесет годишниот Фреди Кнолер ја преживеал Втората светска војна, испитувањето на Гестапо, логорот Аушвиц и маршот на сметта на температура под нулата, пренесува Би-Би-Си, во рамки на 70 годишнината од ослободувањето на Аушвиц
Пред војната, во Виена живееле 170 илјади Евреи, додека на крајот на војната останале само шест илјади. Еден од оние кои успеале да побегнат бил Кнолер.
Кога Германија ја анектирала Австрија во 1938 година, Кнолер, кој тогаш имал 17 години, од родителите бил испратен во Белгија затоа што верувале дека таму ќе биде безбеден.
Војската на Хитлер, извршила инвазија на Белгија во 1940 година, па Кнолер бил приморан да бега од земјата. За своја дестинација ја избрал Франција.
– Читав безобразни книги за Париз, Монматр, Мулен руж со полуголи танчерки и таму сакав да одам – изјавил Кнолер.
Бидејќи имал германски пасош уапсен е веќе на француската граница и во мај 1940 година бил префрлен во логорот за непријатели во Франција, од каде успеал да побегне кога нацистите еден месец подоцна влегле во Франција.
Кнолер успеал да стигне во Париз, каде набавил лажни документи и нашол работа. Таму ги водел нацистичките војници по ноќните клубови и бордели.
Во јули 1943 година, кога имал 22 години бил уапсен од страна на Гестапо.
-Видов двајца цивили како ми приоѓаат. Двајцата носеа шешири и долги кожени мантили, и веднаш сватив дека се од Гестапо – изјавил тој.
Одведен бил во седиштето на Гестапо, во голема просторија со портрет на Адолф Хитлер на ѕидот, каде еден офицер го испитувал.
– Додека зборувавм на неговиот стол видов пластичен човечки череп. Кога забележа дека гледам ми рече „тоа е пластична глава, тоа е еврејска глава затоа што не научија како да препознаеме Евреи по структурата на черепот“- раскажува Кнолер.
-Тогаш ми пријде, застана зад мене и ги стави рацете на мојата глава, проучувајќи ја. Бев уверен дека ќе познае дека сум Евреј . Тогаш ми рече „да, гледам дека имаш добро германско потекло и мислам дека би требало да се приклучиш на нашата организација како преведувач, да заработуваш многу пари, а ќе работиш и со сопствениот народ“- вели тој.
-Бев запрепастен и се смеев во себе.. Каква среќа, да го избегнам Гестапо и уште да ме повикуваат да работам за нив – додава Кнолер.
Тој немал намера да ја прифати работата, туку се обратил до еден пријател за помош. Тој го запознал со водачот на француското движење на отпорот. Момчето се приклучил во отпорот и наскоро заминал на југот на Франција, каде се борел против германските војници.
– За мене беше голема радост да се борам против непријателот, наместо да заработувам пари од нив – вели тој.
Научил да пука и да поставува експлозиви на железнички пруги.
-Воз дојде, слушнавме експлозија, ја видов локомотивата како се превртува и тогаш целиот воз се сруши. Ние побегнавме назад. Морам да признаам дека беше фантастично – рече тој.
Кнолер наскоро се заљубил во мештанката Жаклина, но таа по една караница го предала кај надлежните, кои го уапсиле и мачеле гасејќи му цигари по телото за да ги предаде соборците.
Кога веќе не можел да го издржи мачењето, Кнолер го признал својот вистински идентитет и во септември 1943 бил однесен кај Гестапо, од каде бил испратен во Аушвиц. Таму останал до крајот на војната.
Во логорот пренесувал вреќи со цемент тешки 25 килограми на 25 степени под нулата, а го терале да трча додека ги носи.
Во јануари 1945 година додека руските трупи се приближувале, Аушвиц бил евакуиран. Кнолер и мнозинството затвореници биле испратени на 50 километри долг марш на смртта на студеното време.
-Одевме во тенка облека, по пат полн со снег и мраз. Некои луѓе на маршот паднаа . Ако некој не можеше да оди беше убиван од страна на Германците. Убивани беа и оние што се обидуваа да побегнат- се присетува Кнолер.
Во маршот на смртта учествувале речиси 60.000 лица од кои 15.000 не преживеале.
-Одев и одев, воопшто не мислејќи што е со другите. Видов како убиваат луѓе, но тоа не беше моја работа. И понатаму одев, и понатаму бев жив – вели тој.
Преживеаните биле качени на возови и упатени во логорот Берген-Белзен на северот на Германија, каде Кнолер останал се до 15 април 1945 година каде бил ослободен од британските сили. Во тој миг тој имал само 41 килограм.
Кнолер по војната отпатувал во САД, каде се нашол со двајцата браќа. Таму ја запознал Фреда, со која се венчал, по што заедно се преселиле во Лондон.
Тој 30 години не бил во состојба да зборува за своето искуство во Холокаустот, но децата го убедиле да раскаже.
Судбината на своите родителите ја открил дури во 1955 година. Татко му и мајка му во 1942 година биле депортирани од Виена и биле однесени во Аушвиц во истиот период кога бил и тој таму. За жал во 1944 година, двајцата биле убиени.
– Горд сум што се борев за својот живот и што бев во состојба да му раскажам на светото се што се случуваше- завршува Кнолер.