Христијанската заедница на Каиро е потресена од чудо: две икони на нашиот Господ Исус Христос, во домот на едно од Коптските семејства во египетската престолнина, започнаа обилно да излеваат крв и миро – известува “Copts Today“.
Во предминатата недела и понеделник, кварталот Езбат – ен – Нахел, кој се наоѓа на северозападниот дел на Каиро, беше исполнет со верници од сите различни вероисповеди: православни и муслимани, католици и протестанти, се обидуваа да ги видат и допрат двете икони кои наеднаш почнаа да крвоточат и мироточат во предминатата недела во домот на еден од локалните жители Копти.
Како што раскажа отец Рафат Рушти, клирик на црквата „Пресвета Богородица и св. Јован Богослов“ во Езбат – ен – Нахел, тој го открил ова чудо во домот на својот парохјан Адел Самир, кој до неодамна се наоѓаше во болница.
„Адел појде во Асван за спроведување на неопходните испитувања, во очекување на една многу сложена операција на отворено срце“, започна свештенослужителот.
„Резултатите на десетици анализи покажаа дека треба да оди на операција; Адел не беше спремен за неа (најпосле тој немаше ни жена, ни децата, ниту роднини), но мораше да се покори на волјата и упорноста на докторите. За време на самата операција, еден извонреден хирург, д-р. Махмуд, кој ја вршеше операцијата, стана сведок на чудо. Тој самиот раскажуваше: ’Јас јасно почувствував мирис на темјан којшто не се губеше во текот на целата операција; Такво нешто никогаш не ми се случило‘. После вакви операции болните со недели лежат на интензивна нега, со посебно надгледување од страна на докторот, но Самир толку брзо се опорави што уште на вториот ден него го пренесоа во обичното одделение“.
Според зборовите на о. Рафат, во саботата Адел му се јавил и побарал да ја провери состојбата во неговиот дом, каде веќе неколку дена немало никој. Клирикот влегувајќи во домот на своето духовно чедо бил запрепастен – во тој момент, едната икона крвоточела, другата обилно излевала миро. „Јас го известив домаќинот и свештенството за ова чудо и сите ние ја поминавме ноќта во молитва. Утрото во неделата Самир пристигна дома и исто така го посведочи фактот на истекувањето на миро и крв“, заклучи свештеникот.
Во зората на 20 октомври, специјален одред на реонската полиција го посети домот на Адел Самир, и откако состави детален опис на иконите, го обезбеди потребниот премин за литијата, па чудотворните икони беа пренесени во црквата на Пресвета Богородица. Во храмот нив ги пресретнаа стотици верници предводени од епископот на Езбат – ен – Нахел, Ал – Анба – Бафли, кој чиноначалствуваше со торжествената Литургија и со благодарствениот молебен кон Господ Исус Христос, во сослужение со десетици клирици од Каиро.
Denesen.mk