Црвенковски: Македонија живее на кредити, а кој живее на кредити умира на рати


Поранешниот претседател и премиер на Република Македонија, Бранко Црвенковски во денешното обраќање на научниот собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941-1991 / 1991-2021 година” во организација на МАНУ ја искритикува власта во државата, оцени дека Македонија е корумпирана држава, дека е длабоко конфронтирана и поделена и дека живее на рати, но како што кажа „вака понатаму не може, овој балон ќе пукне“.

Во обраќањето праша што во случај Европската Унија да одлучи да нема повеќе проширување, без разлика дали ние сме ги исполниле сите услови.

„Постојано се повторува една мантра: дека друга алтернатива освен членство во Европската Унија – немаме. Дали тогаш ќе се самораспуштиме или самоукинеме?“, праша Црвенковски.

Говорејќи за двата договори што ги потпиша Македонија, Преспанскиот со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија, рече дека меѓу нив не би ставил знак на еднаквост

„Преспанскиот договор со Грција, кој јас не го сметам за добар, уште помалку за идеален, туку за избор на помалото зло, сепак затвори едно тешко отворено прашање. Договорот со Бугарија, не само што не затвори ниту едно прашање, туку напротив, ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кои до таа мера задираат во нашиот национален идентитет и историја што компромис едноставно не е можен“, рече Црвенковски.

Тој додаде дека ако нашата главна идеја водилка е: „НАТО ќе не брани, ЕУ ќе не храни“, тврдам дека ниту ќе се одбраниме, ниту ќе се нахраниме.

„Зарем не е логично дека никој од надвор не може да биде повеќе заинтересиран од нас самите во каква држава ќе живееме и каква држава ќе оставиме на нашите деца и внуци“, вели Црвенковски.

Тој смета дека во Македонија мора да се изработи платформа, национална стратегија за иднината, со која би се утврдиле насоките по кои државата ќе се движи во иднина, без разлика дали тој пат ќе заврши со членство во Европската Унија или не. Според него, би било идеално таа национална стратегија да ја изработат политичките партии, но додаде дека не гледа начин, со оглед на нивните релации тоа и да го направат.

Рече дека таа национална стратегија не може да нѝ ја изработи некој од надвор и го повика Академијата, Универзитетот „Кирил и Методиј“, Стопанската комора и претседателот Стево Пендаровски да покренат таква иницијатива, да ги подготват документите и да им ги понудат на партиите, а откако ќе се потпишат да се обврзат на нивно исполнување и почитување.

Предлогот на Црвенковски е оваа национална платформа да се фокусира на неколку прашања: на носење на стратегија за спречување на корупцијата, којашто ќе започне од коруптивното финансирање на политичките партии.

„Под итно треба да се донесе рестриктивен закон за потеклото на имотот, кој ќе важи за сите. Потребно е да се донесе и план за рационализација на администрацијата, во кој ќе се дефинира и политиката за надворешниот долг на државата, но и да се направи сѐ земјава да ја оствари стратешката цел, да стане полноправна членка на ЕУ“, вели Црвенковски.

Според него, Македонија е корумпирана држава, живее на кредити, а кој живее на кредити, рече, умира на рати.

Во однос на грешките што тој ги направил, кажа дека згрешил што не ги заштитил работниците-акционери во транзицијата пред 30-тина години од притисокот на менаџерите на претпријатијата.

„Транзиција во негативна смисла се сведува на негативен призвук. Во Југославија се донесе одлука да се напушти социјализмот и да се гради капитализмот, некои претпријатија одлучија мнозински да се приватизираат уште додека бевме во рамките на Југославија по законот на Анте Марковиќ. Сите вработени со големи попусти и рати да станат сопственици на акции во своите фирми. Тоа изгледаше праведно. За жал, многу често тоа не беше случај. Во многу претпријатија под притисок и уцена да не ги загубат своите места, ги отстапуваа своите акции на менаџерите, а ние не создадовме механизми за заштита. Со ова искуство и со овој памет знам дека со сигурност тогаш работите би ги направил поинаку. Негативните последици мора да се признаат и за грешките додека бев премиер носам целосна одговорност“, кажа тој.

Црвенковски оцени и дека во однос на економската состојба во државата состојбите се полоши од пред 10 или 20 години, а раст има само кај буџетот, како и во бројката на вработени во администрацијата. За споредба, кажа дека од 173.469 вработени во администрацијата, сега бројката достигна до 197.530 лица, што значи 24 илјади нови вработени во јавниот сектор во последните неколку години.

Обраќањето го заврши со потсетување на реченицата дека „не нé бива ниту ќе нé биде како држава“.

„Уште повеќе ме погодува затоа што знам дека нé бива и дека можеме. Клучно прашање е дали сакаме. Ако искрено, ама навистина искрено сакаме и целосно се вложиме за остварување на таа цел, тогаш и ќе нé биде. Крајно време е тоа и да го направиме“, заклучи Црвенковски во обраќањето во МАНУ.

Share Button

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1