Државите на Балканот не мораат да се сакаат меѓу себе, но треба да соработуваат, затоа што тоа им е во заеднички интерес, изјави премиерот на Србија Ивица Дачиќ и предложи основање на Балкански совет заради засилување на соработката.
„Државите од овој регион треба да се обидат да направат Балкански совет кој има улога да делува заедно за да бидеме појаки. Не е тоа нова Југославија. Сигурно дека Босна и Херцеговина ни е поблиска од Литванија, а Литванецот, кога ќе дојде во Србија, има поголеми права него кога ќе дојде во Хрватска. Мислам дека тоа не е праведно“, изјавил Дачиќ за Телевизиската станица Ал Џезеира.
Државите и народите на регионот мораат да соработуваат без оглед на историската симпатија или антипатија, напомена Дачиќ и потсети на својата иницијатива за средби на ниво на Влада поради практични комуникации и подобрување на односите.
Запрашан за продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина, Дачиќ изјави дека „Србија нема сигурно сама на себе да си пука во глава, што би се рекло и дека ќе ги прекинеме преговорите. Тоа најмногу ќе ни наштети“, изјавил Дачиќ.
Премиерот на Србија изјави дека ќе продолжи со разговорите со претставниците на Приштина и доколку Рамош Харадинај стане премиер на Косово.
„Ако стане премиер, јас ќе немам каде да одам. Дијалогот не се води со оние со кои се согласувате, туку со оние со кои имате проблем“, изјавил Дачиќ.
Тој истакна дека дијалогот со Приштина е единствен приоритет за иднината на Србија и Европската унија.
„Јас не сум маѓепсан со Европската унија. Јас не мислам дека тоа е идеална творба, но не гледам за Србија подобра алтернатива“, изјави и додаде дека Србија може да излезе од ЕУ доколку оцени дека таму не и е добро.