Францускиот терорист, Амеди Кулибали, минал три дена во Мадрид пред минатонеделните напади во Париз. Шпанската полиција сега истражува дали таму имал своја поддршка, пишува шпанскиот весник La Vangardia.
Кулибали престојувал во Мадрид од 30-ти декември до 2-ри јануари со уште лице, чиј идентитет сè уште не е утврден, напишал овој дневен весник кој се печати во Барселона.
Шпанските власти работат со своите колеги од Франција на истрагата за активностите на Кулибали во Шпанија, за да утврдат дали имал поддршка од исламистички групи кои оперираат во таа земја.
Амеди Кулибали, во петокот на 9-ти јануари, убил 4 заложници во супермаркет во источниот дел на Париз. Тој, исто така, е одговорен за убиството на полицајка еден ден претходно во Монруж, на југот на Париз. Кулибали бил убиен во акцијата на полицијата во супермаркетот во Париз.