Убедливо мнозинство граѓани смета дека Гоце Делчев бил етнички Македонец, покажува последната анкета која за потребите на Детектор ја изработи Институтот за политички истражувања Скопје.
Според неа, 75% од анкетираните сметаат дека Гоце Делчев бил Македонец. 4,6% сметаат дека тој бил Бугарин, додека 4,9% се на мислење дека тој бил и Македонец и Бугарин, јавува Детектор
Гледано според етнички состав, убедливо мнозинство етнички Македонци или 94,8% смета дека Гоце Делчев бил Македонец, додека само 0,7% од анкетираните етнички Македонци сметаат дека тој бил Бугарин и 1,9% дека бил и Македонец и Бугарин.
Кај етничките Албанци, најголем број анкетирани или 56% велат дека не го знаат одговорот на ова прашање. 17,2% етнички Албанци Делчев го сметаат за Бугарин, 12,4% за Македонец и 14,4% и за Македонец и за Бугарин.
Мнозинството граѓани во сите возрасни групи сметаат дека Делчев бил Македонец а бројките се движат над 70%. Дури 80% од анкетираните граѓани на возраст меѓу 50 и 59 години го сметаат Делчев за Македонец. Процентот кај младите до 29 години е 76% додека кај оние од 40 до 49% овој процент се спушта најниско, на 70%.
Анкетата на Институтот за политички истражувања е спроведена за потребите на емисијата Детектор на Сител Тв во периодот од 4 до 7 октомври врз репрезентативен примерок од 1106 испитаници.