Министерството за образование и наука соопшти дека ја следи актуелната состојба со универзитетите во Албанија, каде што се откриени фалсификувани дипломи. МОН наведува дека македонските студенти кои дипломирале во странство поминуваат постапка за проверка на веродостојноста на дипломите, регулирана со Законот за високо образование.
– Сите студенти кои дипломирале во странство, до Министерството за образование и наука треба да достават оригинални и валидни документи кои се потребни за извршување на постапката за нострификација. Таа е во надлежност на Информативниот центар за еквиваленција и признавање на дипломи, служба во рамките на МОН, која упатува барање за проверка на валидноста на странскиот високообразовен документ, односно неговиот носител до институцијата која го издала документот и ја проверува акредитацијата на странската високообразовна установа, соопшти МОН.
Целокупната документација на дипломираните студенти, појаснува Министерството, ја разгледува Комисија составена од пет универзитетски професори, која врши споредување на предметите, студиските програми како и степените на образованието, условите за запишување на образовната програма, правата кои дипломата, односно сертификатот ги дава во земјата каде што е издадена, на кредитите освоени во текот на студиите согласно со Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС), како и исходот од образовниот процес.
– Во сите случаи кога има барање за проверка на валидноста на странски високообразовен документ, Министерството за образование и наука одговара согласно со законите на Република Македонија, нагласува МОН.