Режисерот на Еднооки, Борис Дамовски, еден од приведените во полициската акција Шпион, за НОВА изјавил дека е пуштен на слобода пред еден час и дека се однесувале коректно со него.
Во полициската акција „Шпион“ која тече во изминатите две години, доцна синоќа и утрово приведени се 17 лица, а постојат сомненија за шпионажа, злосторничко здружување, уцена и измама, за инволвирани 22. По три лица се трага, а од осомничените двајца веќе издржуваат казна затвор по друга основа.
Извршени се претреси во домовите на 17 лица, при што се одземени голем број компјутери, 27 лап-топови, досиеја, 32 мобилни телефони, мемориски картички, 16 парчиња огнено оружје, УСБ-стикови, обемна докуменатација и други видови документи. Од МВР потврдуваат дека се уште се вршат претреси.
Според информациите кои ги објавија повеќе медиуми меѓу уапсените се Ване Цветанов, екс директор на Агенција против перење пари, генерал Горан Стојков, Аце Диневски поранешен функционер од Агенцијата за разузнавање и Марјан Маџовски, шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието на РМ од 2005 година.