Контроверзниот закон е донесен. На бегалците во Данска ќе им се одземаат вредните предмети и парите. Оваа одлука на данскиот парламент предизвика жестоки критики.
Советот за човекови права на ОН побара од министерот за надворешни работи Кристијан Хенсен да ја објасни промената на политиката на неговата земја. Од ОН предупредуваат дека законот ќе ги рашири стравот и ксенофобијата. Амнести Интернешнл говори за „дискриминаторски мерки“ против трауматизираните бегалци од војна. Некои критичари ги израмнуваат мерките со систематското одземање на имотот на Евреите од страна на нацистите.
„Критиките се неиздржани“, одговара министерката Штојберг, која важи за „хардлајнер“ во однос на миграцијата. „И досега се бараше од луѓето кои добиваат социјална помош, да ги продадат вредните предмети кои надминуваат сума од 10 илјади круни. Тоа е принцип во Данска, дека секој кој може да се грижи за себе, тоа мора да го стори. Тоа досега важеше за сите кои живеат тука, а отсега ќе важи и за новодојденците“, вели министерката.
Поради притисокот од јавноста, владата ја измени првичната верзија на законот во кој границата беше поставена на 400 евра. Донесениот закон е резултат на широката кампања на владата на десниот центар која имаше за цел да ги одврати бегалците. Дел од тоа е и заострувањето на законот за спојување на семејство. И тоа е зголемено од една на три години за бегалците. Критичарите велат дека Данска на тој начин ја прекршува европската конвенција за човекови права. „Ќе видиме дали е така“, вели министерката Штојберг. „Подготвени сме за правна битка. Нашата доселеничката политика ќе биде одлучувана во Данска, а не во Брисел“.