Европските лидери ја затворија темата за проширување, односно за одредување на датум за преговори со ЕУ за Македонија и Албанија без конечен заклучок, пишуваат дел од европските медиуми.
Франција, Германија, и Холандија се обидувале да напишат предлог компромис според кој донесувањето на одлуката се одложува за април 2020 година, пишува Политико.еу на својот блог во живо од самитот на ЕУ.
Во продолжение се наведува дека идејата била Франција во меѓувреме да изработи предлог за реформирање на процесот за проширување до јануари. Засега нема договор за вметнување на конкретен датум во предлог-компромисот.
Во меѓувреме на официјалниот Твитер профил на Европскиот совет е напишано дека работната сесија и натаму продолжува доцна вечерва, но тема на разговорот е Турција и нејзината офанзива во североисточниот дел на Сирија.
Франција бара од Македонија во следните шест месеци да спроведе дополнителни реформи, за да одобри почеток на преговори со ЕУ. Иако не се наведува за кои реформи точно станува збор, агенцијата Асосиејтед прес пренесува таков став на висока француска дипломатка искажан вечерва.
Доколку се прифати барањето на официјален Париз, тоа би било ново, трето по ред, одложување на преговорите со Македонија. Наспроти она што го бараше Франција изминативе денови, овојпат не се споменуваат измени во методологијата на преговарачкиот процес, кои постојано беа наведувани како главна пречка од Париз.
Од Албанија, пак, Французите бараат да ги спречи барателите на азил. Доколку се усвои ваков заклучок од самитот, за почетокот на преговорите повторно би се решавало во април следната година.
Германската новинска агенција ДПА јавува дека вечерва лидерите на ЕУ „многу долго“ разговарале околу блокадата на проширувањето од страна на Франција, но не наведува никаков пробив.
АП анализира дека одбивањето да им дозволи почеток на преговори на Северна Македонија и Албанија ќе го загрози кредибилитетот на ЕУ и ќе ризикува разгорување на проблематичниот регион. Агенцијата цитира француска дипломатка која вели дека Париз ќе дозволи почеток на преговори за шест месеци доколку види напредок во реформите.