Со грант од 2 милиони евра од Европската Унија, граничните терминали ќе бидат целосно автоматизирани преку проектот за паметни граници, објави заменик директорот на Царинската управа Мустафа Даути.

Тој посочува дека новиот систем ќе овозможи побрз проток на стоки, пократко време на чекање и пониски трошоци за компаниите, додека увозот, извозот и транзитот автоматски ќе се евидентираат за само неколку секунди.
„По завршувањето на постапката за јавна набавка, потпишан е договор за набавка на опрема, а имплементацијата на проектот се очекува да заврши до средината на следната година. Проектот опфаќа инсталирање на дигитални рампи, современи ваги, видеоаналитика и системи за препознавање на регистарски таблички, со што ќе се зголеми ефикасноста на контролите, ќе се обезбеди усогласеност со европските стандарди и ќе се зајакне борбата против криминалот и корупцијата“, напиша на Фејсбук директорот Даути.








