Давидовиќ, Наков и Тортевски влегуваат во трката за нов јавен обвинител


Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, поранешниот јавен обвинител Александар Наков и адвокатот Александар Тортевски се кандидатите кои потврдија дека ќе влезат во трката за нов јавен обвинител.

Ѕвонко Давидовиќ, кој се смета за еден од најсериозните кандидати, уште на почетокот на минатиот месец обелодени дека ќе влезе во трката нагласувајќи дека треба да се избере професионалец, но и човек кој ќе има храброст да влезе во битката со криминалот.

И поранешниот јавен обвинител и судија Александар Наков потврди во јавноста дека ќе се кандидира за избор на републички обвинител и порача дека идниот jавен обвинител треба да биде личност со интегритет, авторитет и одлучност во справувањето со криминалите во последнава деценија и дека никако не смее да биде партиски кадар.

Според членот 41 од Законот за јавното обвинителство Собранието распишува оглас за кандидати за јавен обвинител во „Службен весник“ и во најмалку два дневни весника, од кои еден мора да биде на албански јазик. Наведено е дека рокот за пријавување на кандидатите е 15 дена од денот кога огласот ќе биде објавен, а за именувањето на новиот државен јавен обвинител, Законот предвидува дека Владата мора да поднесе барање за мислење до Советот на јавни обвинители, кој, пак, има рок од 15 дена за да даде позитивно или негативно мислење за сите пријавени кандидати.

Откако ќе се исполнат овие процедури пропишани со Законот за јавно обвинителство, Владата треба да достави предлог за именување јавен обвинител до Собранието, а доколку Советот на јавни обвинители од оправдани причини во рок од 15 дена не достави мислење, тогаш добива дополнителен рок од 15 дена.

Според Законот, ако и во овој рок Советот не достави мислење, тогаш се смета дека мислењето е позитивно, а ако, пак, Советот не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати, тогаш Владата не може да достави предлог за именување јавен обвинител, туку може да му предложи на Собранието да го повтори огласот.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1