Секој петок во 17 часот се знае каде сум, во „Трета доба“, што ни овозможува нам пензионерите да останеме подолго млади и да не им досадуваме на децата, па да н` бркаат од дома, туку сами да си излеземе и да видиме и да чуеме нешто интересно и квалитетно, раскажува за Дневник, Богданка Трајкова, која ги следи предавањата на универзитетот „Трета доба“.
За луѓето постари од 65 години, кај нас тој е единствената успешна понуда за доживотно учење, со која може да излезат од дома, да се дружат и да научат нешто ново. Бесплатниот универзитет досега имал 1.000 посетители, со различни професии и со различно образование – од некогашни универзитетски професори до домаќинки.
– Се дружиме прекрасно, еднаш неделно имаме предавања од сите области – историја, здравство, географија… Правник сум и се ме интересира. Oдам на јога и пеам во хор. Годините се само бројка, важно е дали можеш да го искажеш она што го имаш во душата. А колку повеќе луѓе познаваш, толку ти е побогата душата. Од секој човек може нешто да се научи и на секој може нешто да му се пренесе, да му помогнеш и да ти помогне. Патуваме и заеднички ги прославуваме сите празници онолку колку што ни дозволуваат финансиите бидејќи, сепак, ние сме само пензионери – вели Трајкова, која во „Трета доба“ е 10 години.
А дека и на другите нејзини колеги не им е здодевно, лесно можеше да се види по итаницата со која одеа кон Филозофскиот факултет каде што в петок предавање има Љубомир Цуцуловски, а имаа и концерт на изворна македонска музика. Еден од првите членови е Тодор Јовановски, кој 40 години работел во железницата, каде што бил с` – од бравар до принуден управник.
– Иако 23 години сум во пензија, а секое утро станувам во 5 часот. Тешко е човек да се навикне да не работи оти тогаш се чувствува безвреден. А дружењето е најбитна работа, за сите луѓе, а посебно за нас постарите. Човекот е колективно суштество и не бидува кога е сам. До неодамна одев на сите патувања со „Трета доба“, но сега ме болат нозете и не сакам да им бидам пречка на другите. Во Македонија сме биле секаде, а патуваме и во соседните земји – ни раскажува Тодор, кој наскоро ќе го прослави 83. роденден, но секој би му дал барем 20 години помалку.
Целата сторија на – Дневник