Дедо за пример: Пензионер од Прилеп минува 30 километри дневно со велосипед


Секој ден сум на две тркала оти така ми се храни душата од панорамата на релацијата од триесетина километри во еден правец, вели за Дневник 64-годишниот прилепски пензионер Талат Маџуни.

Тој ужива да врти на педалите низ Мариово, по новиот стрмен пат за манастирот Трескавец.

dedo-tocak-Секојдневно си го крева адреналинот по серпентините, на нагорнините и по надолнините на патот од Прилеп кон Мариовско голтајќи ги прекрасните пејзажи, сончевите зраци и чистиот воздух. Небаре дневна доза за храна му е возењето велосипед. Овој прилепчанец од стара турска фамилија ја заситува и ја полни душата со новиот велосипед со амортизери, подарок од внуците од Германија. Kоњаникот на две тркала не го скусува мариовското катадневно возбудување, и тоа со години. Вели, празно ќе му е срцето ако не го јавне пријателот на две тркала. Му се чини дека ќе ’рѓоса ако не го збодне еднаш дневно. Постојано ги одржува жилавоста и кондицијата. Kамен е во рацете и во нозете. Се чувствува здрав и помлад со физичка активност на разни реквизити што ги има дома. Со билдерска става, изгледа дваесетина години помлад. Последните десетина години вози не само кон Мариово туку ја крстари и Македонија во должина и попреку, пишува Дневник.

– Секој ден сум на две тркала, некогаш и по двапати на ден. Ја возам трасата оти е пријатна и безбедна, со слаб сообраќај. До мостот на Црна Река возам еден и пол час. Возев и додека работев во пиварницата. Првин наутро, на покуса релација од дваесетина километри, а после без гајле продолжував на работното место,  вели Талат.

Мариовските височини ги совладува на пристоен, не скап велосипед. Седлото малку е дотерано за подолги патишта. Деловите му ги заменил со брендот „Шимано“. Носи облека за заштита од дожд и велосипедски панталони.

– Задоволство ми е возењето велосипед. Ако не појдам, се чувствувам папсан и ме боли главата. Зиме е посебно убаво кога градот е во магла и бркам ќеф во сончевиот сјај и во околната белина. По загубата на сопругата, ми се разминуваат мислите со возење. Ретко се одморам и возам без починка. Пијам вода пред манастирот „Писокал“ и пак продолжувам надолу или нагоре, зависи за враќање или на одење. Ако се дупне гума, носам резервна. Ја менувам за неколку минути и продолжувам. До мостот на Црна Река е 38 километри. Потаму до манастирот „Свети Илија“ е речиси 100 километри со враќање. Ги посетувам и селата Kрушевица, Чаниште, Дуње, Манастир, иако се отпат. Kај мостот земам здив со малку урми, црни сливи и суво грозје,  раскажува Талат за весникот.

Досега прегазил змии и смокови со 50-60 километри на час, но се плаши од лизгање на изметот од добиток. Вели може да вози со мижење и од превојот Слива може да слезе со врзани очи.

Фото: Дневник

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1