Најмалку три лица загинаа во поплавите што ја зафатија Србија. Од загрозените подрачја се евакуираат жителите, а во босански Маглај граѓаните чекаат евакуација качени на покривите
Во незапаметените поплави што ја зафатија Србија има и загинати, а 600 лица се евакуирани од најзагрозените подрачја, објави Б92. Премиерот, Александар Вучиќ, најави дека ќе биде воведена вонредна состојба во целата земја. Причината за тоа е што сите реки во земјата се надојдени, а реката Колубара вчера го достигна историски највисокото ниво на водостој и директно го загрози Ваљево, излевајќи се по улиците и поплавувајќи ги приземјата од станбените и деловните објекти.
– Ова е најголема катастрофа што не се памети во историјата на Србија. Најважно е да се сочуваат животите, бидејќи водата и оганот никој не може да ги победи – потенцираше премиерот.
Евакуираните граѓани од градот и од околината се сместуваат во касарната во Ваљево, а на отсечените приградски региони војската се обидува да им достави храна и вода. Испразнет е и затворот, а затворениците се преместени.
Најкритична е ситуацијата на територија на Колубарскиот, Мачванскиот и Моравскиот округ, каде шТо има зголемување на водостојот и излевање на реките Колубара, Јадра, Тамнава, Деспотовица, Чемерница и Баричка Река. Секторот за вонредни ситуации на Србија ги ангажира сите расположливи сили за заштита и спасување. Во областите зафатени од поплави во прекин е сообраќајот на голем број патни правци.
Инаку, со поплави се соочуваат и граѓаните на Босна и Херцеговина, каде што дождот не престанува да врне со денови. Претседателството на БиХ донесе одлука за ангажирање на оружените сили за помош во спасување луѓе и заштита на имоти. Бројни станбени и бизнис-објекти се поплавени, како и земјоделските површини. Најтешка е ситуацијата во Тузланскиот и во Сараевскиот кантон. Евакуација на население има во општините Зеница, Олово, Маглај, Завидовиќи, Добој-југ и Какањ. Маглај е под вода – сите приоди кон градот се затворени. Вонредна состојба е и во Република Српска. Поради поплавите, исклучени се голем број електроенергетски објекти, а откажана е наставата во голем број училишта. Ситуацијата во Маглај веќе е драматична, бидејќи реката Босна, практично, тече низ градот, а беспомошните граѓани на покриви од куќи чекаат спас, јавуваат локалните медиум, додавајќи дека Маглај веќе е езеро над кое се гледаат само станбени објекти”.
Во Хрватска поради неповолните временски прилики Метеоаларм издаде предупредување за речиси целата држава поради поројни дождови и повремена појава на бури. За северозападниот и источниот дел од државата објавено е црвено, највисоко ниво на тревога. Уште од завчера силна бура имаше во Сплит, Макарска, Трогир и во Комижа.
И во северозападниот дел на Словенија на сила е црвено ниво на тревога, додека во останатите делови на сила е портокаловото ниво. Исклучок е југозападот на Словенија, каде што нема невреме, јавија словенечки медиуми. Ветрот, исто така, предизвика тешкотии, но најсилни удари (над 100 км/час) се очекуваат до денес изутрина. Црвено ниво на тревога е прогласено во северозападниот дел од државата поради можна бура, која може да претставува опасност за човечките животи. Во Марибор локалната власт ги советува жителите да не се задржуваат во парковите, а возачите да не ги паркираат возилата под дрвја.