Ден на жалост: Италија се простува од загинатите во земјотресот


Во Италија во саботата е ден на жалоста за 283 жртви од земјотресот кој во средата утрото го погоди централниот дел од земјата каде што стотици спасувачи уште ги пребаруваат урнатините но без големи надежи дека ќе бидат пронајдени преживеани.

Во цела Италија знамињата на половина копје за погребот на жртвите од Арквата дел Тронто, едно од трите најпогодени локации во земјотресот од 24-ти август со магнитуда 6,0 по Рихтер на сртот од Апенините.italija-zemjotres1

Последното испраќање ќе се одржи претпладнето во спортската сала во Асколи Пичено, во подножјето на планинскиот масив, во присуство на претседателот на републиката Серџо Матарела и премиерот Матео Ренци.

Во петокот спортската сала беше претворена во капела каде роднините и пријателите дојдоа да се поклонат пред триесетината ковчези. Дел од семејствата одлучија да не учествуваат на церемонијата на саботното погребување, па претходно се простија од посмртните останки на своите блиски.

Уште една погребна церемонија, без тела, е предвидена за следната седмица за жртвите од Акумоли и Аматриче, од другата страна на планината.

Во меѓувреме семејствата започнаа да ги погребуваат загинатите. Во Помезија, јужно од Рим, бискупот во петокот попладнето одржа пред стотици лица погреб на шест жртви, меѓу кои осумгодишно момченце и две девојки.

Според најновите податоци од службата за цивилна заштита, бројот на смртно настраданите се искачи на 283 жртви, од кои 223 само во Аматриче каде во саботата претпладнето се извлечени уште две тела од хотелот „Roma“, додека 388 луѓе се хоспитализирани поради повреди, пренесува RaiNews24.

Од четвртокот не е пронајден ниеден преживеан. Потрагата, меѓутоа, продолжува особено во Аматриче, со обучени кучиња за пребарување на урнатини.

„Ќе продолжиме да бараме додека не бидеме сигурни дека повеќе нема никого“ под урнатините, изјави локалниот функционер на цивилната заштита Луиџи Д’Анџело. Меѓутоа, спасувачите во петокот започнаа да ги расчистуваат урнатините со багери, што укажува дека се слаби надежите дека ќе бидат откриени преживеани.

Во селото има долга колона од автомобили на семејствата на жртвите кои дошле да ги препознаат телата, бидејќи без таа постапка италијанското правосудство го забранува нивното отстранување.

Работата на спасувачките екипи ја комплицираат и бројните помали потреси. Повеќе од илјада се регистрирани од средата, од кои најсилен беше потресот со магнитуда од 4,8 еден час по главниот подземен удар во средата утрото.

Многу од настраданите престојувале во погодената област привремено, како туристи или минувајќи ги летните празници кај бабите и дедовците. Цивилната заштита регистрирала дека речиси 2.500 лица останале без домови, и ноќта кон саботата минаа уште едена ноќ во некој од 42-та подигнати кампови со шатори.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1