Ден по ден: Кои настани во Македонија ја одбележаа годината која завршува?


1 јануари

Првото бебе во 2013 година е машко родено во 00.01 часот.

2 јануари

20130226-makedonija znameНајдоминантниот бренд во полициските возила ќе биде „шкода јети“, кои ќе ги заменат полициските „крајслери“ кои се користеа повеќе од 12 години.

Пратениците од СДСМ, НСДП, ЛП, ПЕИ, СЛ и од НДП, како и други пратеници дел од нивните пратенички групи ја бојкотираат работата на Собранието на Република Македонија.

Во неколку градови низ Македонија продолжија собирите на Сојузот за иднината, предводен од СДСМ.

Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ од денеска ги има на располагање сите 312 нови автобуси, донација од Владата и Министерството за транспорт и врски, вредна околу 57 милиони евра.

6 јануари

Старт на почетокот на градбата на Градскиот аква парк, објект кој ќе биде во состав на Спорсткиот центар. Пректот вреден 4,2 милиони евра.

8 јануари

Македонската полиција, во рамки на продолжението на акцијата „Диригент“, во соработка со австриската и германската служба за борба против дрога, вчера изврши претреси кај 18 лица, од кои кривично се пријавени 16, а по 4 лица се уште се трага.

10 јануари

Во пожарот што избувна во Градскиот трговски центар беа  зафатени еден дуќан, кафетерија и продавница за готови производи на површина од 50 метри квадратни.

Во Кривичниот суд беше соопштена и пресудата за полициската акција позната како „Бришач“ која што беше разделена во две посебни акции „Бришач 1“ и „Бришач 2 “. Сите 57 обвинети добија условни казни.

Комисијата за верификација на фактите утврди дека познат писател и поранешен член на Советот за радиодифузија, добитник на највисоки книжевни награди и директор на училиште во Кичево биле соработници на тајната полиција.

11 јануари

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски ги распиша локалните избори за 24 март.

12 јануари

Опозицијата го одржа Маршот за вистината, кој почна пред платото спроти телевизијата Сител, продолжи пред Владата, Собранието и заврши пред зградата на МРТВ.

20 јануари

Манифестациите поврзани со одбележувањето на Водици и верските празници Богојавление и Соборот на Свети Јован Крстител во Охрид беа заокружени со нов Гинисов рекорд на приготвени 3,3 тона рибна чорба.

21 јануари

Конгресменот Ден Мафеи од Демократската партија е новиот член на групата пријатели на Македонија во Конгресот на САД.

Премиерот и претседател на ВМРО–ДПМНЕ Никола Груевски денеска го покани претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски на средба на која ќе се разговара за актуелните политички состојби во земјава. Црвенковски ја прифати поканата за средба.

Собранието на Република Македонија го именува Марко Зврлевски за јавен обвинител на Република Македонија. За предлогот гласаа 58 пратеници, воздржани и против немаше.

Собранието на Република Македонија го разреши Воислав Зафировски од Државната комисија за спречување на корупцијата, по иницијатива на комисијата.

22 јануари

Комисијата за верификација на фактите на својот веб страница објави решенија за Васил Тоциновски и Трајко Батанџиовски за кои утврди дека биле соработници на Службата за државна безбедност (СДБ) и на Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање (ДБК).

Во Клубот на пратениците се одржа средба на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски, на која не беше постигнат никаков договор.

Министерот за здравство Никола Тодоров и директорот на реномираната компанија Арен С.Р.Л. од Торино, Давиде Савоини потпишаа Договор за изготвување архитектонско-урбанистички проект со идеен проект и основен проект за изградба на нов блок на универзитетските клиники Скопје, со функционално поврзување на клиниките за гинекологија и за онкологија и радиотерапија, како и реновирање на хирушките клиники во комплексот универзитетски клиники „Мајка Тереза“. Вредноста на договорот изнесува над 99,6 милиони денари односно над 1,6 милиони евра.

23 јануари

Пратениците од НДП го прекинаа бојкотот на Собранието и најавија дека до сите пратенички групи, вклучувајќи ги и оние на опозициските пратеници кои се уште се надвор од Парламентот, ќе достават предлог за формирање анкетна комисија за расветлување на настаните што се случија на 24 декември минатата година.

Македонското малцинство избришано од резолуцијата на ПССЕ за Бугарија

Еврокомесарот Штефан Филе ненајавено дојде во Македонија на средби со премиерот Никола Груевски, со претседателот Ѓорге Иванов и со лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски.

Маж на возраст од 62 години од Тетово со детектиран вирус на грип од типот А (H1N1) почина вчера на Клиниката за инфективни болести.

24 јануари

Домашна компанија ќе врши детални геолошки истражувања на минерални суровини во локалитетот „Алшар“ кај Кавадарци. Понудата на домашната компанија била највисока од вкупно доставените три на јавниот повик распишан во средината на ноември минатата година преку кој Владата бараше концесионери за истражување на минерални суровини.

25 јануари

На плоштадот „Македонија“ во Скопје беше означен почетокот на реализацијата на проектот за поставување спомен-обележје на Мајка Тереза.

НОРМАК Инвестмент груп и официјално е конзорциумот што ќе стопанисува и менаџира со слободната економска зона во Тетово.

26 јануари

Почна увидот во Избирачкиот список пред одржувањето на локалните избори

Пациентите кои ќе имаат потреба да се лекуваат надвор од земјата тоа ќе можат да го направат со плаќање на најмногу 200 евра за болничко лекување во странство. Владата ја усвои Информацијата на Фондот за здравство со која се дефинираат процедурите, механизмите и буџетот за реализација на оваа мерка

Заврши реализацијата на првата фаза од изградбата на хидросистемот „Злетовица“. Инвестицијата е вредна 100 милиони евра, а со неа се решава проблемот за водоснабдување на шест општини во источниот дел од земјава.

27 јануари

Претседателот на Република Македонија Ѓпрге Иванов, донесе одлука да поведе иницијатива за формирање објективна непартиска експертска комисија за утврдување на фактите за настаните од 24 декември 2012 година, во и пред Собранието на Република Македонија, но и за настаните кои претходеа.

Претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски го одби предлогот на претседателот Ѓорге Иванов за формирање непартиска експертска комисија за утврдување на фактите за настаните од 24 декември во и пред Собранието и за настаните кои претходеа.

28 јануари

ЕК ја поддржа иницијативата на претседателот Ѓорѓе Иванов и повика СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да не ја одбиваат.

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски и премиерот Никола Груевски ја поддржаа и прифатија иницијативата на македонскиот претседател Ѓорге Иванов за формирање објективна непартиска експертска комисија за утврдување на фактите за настаните од 24 декември 2012 година, во и пред Собранието на Република Македонија, но и за настаните кои претходеа

30 јануари

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) во Скопје го промовираше веб порталот prispatpravda.mk, наменет за сите граѓани кои имаат потреба од информациите кои ги содржи со посебен фокус на граѓаните со потешка материјална положба и припадниците на ранливите категории граѓани.

Државниот архив на Република Македонија и „Македоника Литера“ во соработка со Универзитетската библиотека „Св.Климент Охридски“ – Битола ги промовираа собраните ракописи на Павел Шатев – Историја на Македонија и Борис Сарафов (биографија), чие издавање финансиски го поддржа Министерството за култура.

Во Њујорк завршија дводневните средби на посредникот за спорот за името амбасадорот Метју Нимиц со претставниците на Македонија, амбасадорот Зоран Јолевски, и на  Грција, Адамантиос Василакис.

31 јануари

Пратеникот на ДУИ Арбен Љабеништа поднесе оставка од функцијата.

Најновата проекција на НБРМ за растот на македонската економија годинава е 2,2 проценти.

1 февруари

Владата ќе поддржи отворање 2.000 работни места во компаниите со финансиска поддршка во износ од милион евра преку низа програми со обуки невработени лица.

ЕВН Македонија од денеска го презеде управувањето со седумте мали хидроцентрали кои од 2002 година беа под концесија на чешки Хидропол

2 феверуари

Министерството за труд и социјална политика промвираше Акциски план за вработување на младите до 2015 година, во кој целна група се лицата од 15 до 29 години.

3 февруари

Отворање нови бензински пумпи со придружни услужни центри на повеќе локации на автопатот М1 по Коридорот 10 и на магистрални и регионални патни правци, како и времени пазари за збогатување на содржините на автопатот од Табановце до Гевгелија имаат за цел мерките кои ги презеде Владата со цел овозможување нови инвестиции, нови работни места и поддршка на локалниот економски развој.

СДСМ најави дека ќе ги нивните пратеници нема да се вратат во Парламентот и ќе ги вратат пратеничките мандати, а ја потврди одлуката партијата да не учествува на локалните избори.

4 февруари

Македонија одбележа 141. година од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев..

Деветстотини и триесет невработени лица добиваат можност да почнат сопствен бизнис преку Програмата за самовработување, за која беше објавен оглас Агенцијата за вработување.

Пожар избувна во манастирскиот комплекс од 13 век – „Успение на Пресвета Богородица“ – Трескавец, кој се наоѓа на десетина километри од Прилеп.

5 февруари

„Балкан енерџи“ побара од Регулаторната комисија за енергетика да ја намали цената на парното и да грее до 23,30 часот

Царинските службеници на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје  спречија обид за нелегално внесување 1.600 парчиња рачно изработен луксузен сребрен накит – филигран чија вредност на македонскиот пазар би можела да достигне и до 65.000 евра.

Министерството за финансии преку аукција на тримесечни државни записи, со и без девизна клаузула, продаде државни хартии од вредност во висина од 8,116 милијарди денари, односно  131,97 милиони евра со каматна стапка од 3,60, односно 3,65 отсто.

6 февруари

Министерството за финансии врати во стопанството 8,294 милијарди денари  или 134,86 милиони евра. Со ова нето задолжување на домашниот пазар по основ на државни хартии од вредност ќе се намали за 3 милиони евра.

Македонски лекари и останатиот медицински кадар ќе се обучуваат на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Тексас. Меморандумот за соработка е потпишан во рамки на посетата на македонскиот министер за здравство на Медицинскиот центар „Херман Мемориал“ во Хјустон.

Претседателот Ѓорге Иванов преку новиот грчки амбасадор повторно го повика грчкиот претседател Каролос Папуљас на средба.

Пратеникот Александар Николовски како претседател на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања предложи измени на Деловникот за работа на Собранието со кои се предлага временски да се ограничи дискусијата во рамки на парламентарните комисии.

Пратениците од владејачкото мнозинство не го прифатија предлогот на нивниот колега од НДП Изет Зеќири пратениците да имаат право на лично обезбедување од едно лице вработено МВР.

Адвокатите на Јохан Тарчуловски ја започнаа постапката за негово предвремено пуштање на слобода.

7 февруари

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, пратениците Александар Спасеновски и Владимир Ѓорчев и министрите за здравство Никола Тодоров и за економија Ваљон Сарачини во Вашингтон присуствуваа на годинашниот Молитвен појадок.

Џери Наумоф и Крис Павловски  се новите членови на Одборот на директори на Македонија 2025.

Владата ги подобри условите за проектот „Купи куќа, купи стан“, зголемувајќи ги субвеницијата од  50 на 75 проценти  за изградба на нова куќа.

Македонија и Косово потпишаа договор за признавање на пензискиот стаж.

МЕПСО со склучување договори со најдобрите понудувачи за изградба на два далновода почнува инвестициски циклус од 13,22 милиони евра за изградба на 122 километри нови далноводи.

8 февруари

Претседателството на Македонската академија на науките и уметностите се е со став дека создадената политичка криза ги загрозува виталните интереси на македонското оштество и побара нејзино итно разрешување преку воспоставување квалитетен дијалог меѓу политичките субјекти одговорни за состојбата во земјата.

Промовирана лабораторија за информатичко-криминалистички испитувања во МВР

9 февруари

Главниот истражител за повторно отворената истрага за авионската несреќа во која загина претседателот на Република Македонија Борис Трајковски, Омер Кулиќ соопшти информации за текот на повторно отворената истрага и најави дека истрагата за „кингерот“ треба да заврши за шест до 12 месеци

Без договор за предвремени парламентарни избори нема решение за излез од постојната криза, најави СДСМ по карванот на отпорот кој заврши пред владината зграда.

10 февруари

Отпис на долгови по однос на обврски од пензиско и од здравствно осигурување заради поддршка на ликвидноста во стопанството и надминување на последиците од светската економска криза, е целта на новите мерки што ги донесе Владата.

11 февруари

Шест дуќани изгореа во пожарот што избувна на сопски Бит пазар на полноќ. Во пожарот нема повредени.

Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања го верифицираше мандатот на Недим Рамизи за пратеник во Собранието на Република Македонија.

Граѓаните кои ќе се одлучат да отворат бизнис во руралните средини ќе добиваат финансиска поддршка од Владата во висина од 50 проценти од трошоците за започнување бизнис. За оваа цел Владата ќе одвои околу четири милиони евра.

Министерството за информатичко општество и администрација почна да го спроведува пилот проектот „Воведување систем за следење предмети преку мобилни технологии“ за следење на предметите во администрацијата со користење на бар кодови.

До Државната изборна комисија се поднесени 29 независни кандидатски листи за градоначалници и  94 за советници.

12 февруари

Министерот за здравство Никола Тодоров, во рамки на работната посета на САД,  потпиша Меморандум за соработка со реномираниот Универзитет на Калифорнија и Лос Анџелес (УКЛА), основан 1919 година.

Доделени првите електронски картички за превоз на опасни материи.

Државата ги намали обврските кон компаниите за 72,4 милиони евра.

Нема договор за предвремени парламентарни избори порача премиерот Никола Груевски и лидер на ВМРО-ДПМНЕ

Со 63 гласа „за“ пратениците ги изгласаа измените и дополнувањата на Деловникот на Собранието на Република Македонија.

13 февруари

Затворски казни за лажирање спортски натпревари и построги казни за насилството на спортските терени предвидуваат измените и дополнувањата на Кривичниот законик кои беа усвоени од Владата на Република Македонија.

Македонската полиција пресече меѓународен канал за недозволена трговија со марихуана на релација од Македонија за западноевропските земји, при што заплени околу 10 килограми дрога – марихуана.

Републичкото Собрание ги усвои измените и дополнувањата на  Законот за работни односи, по скратена постапка чија цел е заштита на правата на работниците, спречување на злоупотребите при спогодбените откази, како и намалување на бројката на непријавени работници.

Акционерски друштва и друштвата со ограничена одговорност во кои Фондот за пензиско и инвалидско осигурување има акции ги злоупотребувале средствата на Фондот. До ваков заклучок дошол Фондот за пензиско и инвалидско осигурување по направената ревизија.

Опозициската СДСМ останува на одлуката да ги бојкотира претстојните локални избори.

14 февруари

Известувачот на ЕП за Македонија Ричард Ховит во Скопје имаше средби со македонскиот државен врв и со претставници на политички партии.

Шефовите на мисиите на Европската унија, Канцеларијата за врски на НАТО, ОБСЕ и на Соединетите Американски Држави во денешната пишана изјава до медиумите изразија голема загриженост од политичката состојба во земјава и ги повикаа сите страни да го зајакнат политичкиот дијалог.

По предходно добиени оперативни сознанија, а врз основа на судка наредба, полициските службеници од СВР Куманово извршиле претрес во домот на С.А.(40) од село Лојане, каде што се пронајдени десет државјани на Авганистан, од кои едното е дете на возраст од 10 години.

15 февруари

Ховит најави одложување гласањето на Извештајот за Македонија поради политичката криза

Вицепремиерката за евроинтеграции Теута Арифи и министерот за локална самоуправа Невзат Бејта поднесоа оставка на функцијата поради нивното учество на претстојните локални избори како  кандидати на ДУИ за градоначалници на општините Тетово и Гостивар.

Министерот за надворешни работи Никола Попоски, испрати писмо до неговиот чешки колега Карел Шварценберг, во кое се заблагодарува за одлуката на Чешка да ја потврди и официјализира досегашната пракса на обраќање кон Република Македонија со нејзиното уставно име во билатералната комуникација.

Претседателот на Владата Никола Груевски на Собранието му предложи нов министер за одбрана да биде Талат Џафери, координатор на пратеничката група на ДУИ, со евроинтеграциите да раководи Фатмир Бесими, актуелен министер за одбрана, а нов министер за локална самоуправа да биде Тахир Хани.

Панчо Минов, градоначалник во два мандата и поранешен пратеник, е исклучен од СДСМ Кавадарци.

Со цел да се овозможи учество на опозицијата и измени на Изборниот закон согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР, локалните избори да се одложат за еден месец и да се одржат на 28 април. Ако на тие локални избори советничките листи на здружената опозиција „Сојуз на иднината“ освои бареме еден глас повеќе од листите на коалицијата околу ВМРО-ДПМНЕ да има предвремени парламентарни избори кои ќе се одржат на 29 септември, предложи СДСМ.

ВМРО – ДПМНЕ прифати продолжување на рокот за листите, но не и одложување на локалните избори

16 февруари

Одделот за недозволена трговија со дрога при МВР пресече меѓународен канал за транспорт на кокаин на релација од Јужна Америка во Република Македонија.

17 февруари

МВР во соработка со Царинската управа пресече меѓународен канал за криумчарење на наркотици кон западноевропските земји.

Стевчо Јакимовски поднесе кандидатура за градоначалник преку Српската напредна странка во Македонија (СНСМ), потврди Државната изборна комисија.

18 февруари

Европскиот парламент не поддржува бојкот на избори, реагира известувачот за Република Македонија Ричард Ховит, по сознанието дека дел од опозициската СДСМ и дел од нивната коалиција не доставиле листа на кандидати за претстојните локални избори.

Собранието на Република Македонија ги избра Фатмир Бесими за министер без ресор кој ќе биде задолжен за евроинтеграциите, a Талат Џафери и Тахир Хани за нови министри за одбрана односно за локална самоуправа.

Стевчо Јакимовски исклучен од СДСМ.

19 февруари

ДИК соопшти дека за претстојните локални избори се поднесени вкупно 268 кандидатури за градоначалници, и 350 советнички листи. Од нив 25 се независни кандидати за градоначалници, а 93 советнички листи.

Собранието на Република Македонија го донесе Законот за отпишување на камати на доспеани обврски по основ на придонеси од задолжително социјално осигурување.

Презентиран Национален електронски систем за закажување пациенти и интервенции во здравствениот систем во Македонија.

ОБСЕ/ОДИХР одлучи да ги следи претстојните локални избори во Македонија со 300 краткорочни и 20 долгорочни набљудувачи. Бројот на монитори ќе биде ист како и на претходните два изборни циклуса, претседателските и локалните во 2009 и вонредните парламентарни во 2011 година.

20 февруари

Општина Центар денеска ја пушти во употреба првата катна гаража која располага со околу 500 паркинг места и со која треба да се надмине проблемот со паркинг просторот во централното градско подрачје.

Пратениците од опозицијата ќе ги депонираат оставките на денот на одржување на локалните избори, на 24 март, најави Игор Ивановски, член на Извршниот одбор на СДСМ.

21 февруари

Македонскиот амбасадор во САД Зоран Јолевски во Библиотеката на американскиот Конгресот ја предаде едицијата од
130 тома, која опфаќа над 1000 години од македонската книжевност.

Еврокомесарот за проширување на ЕУ Штефан Филе испрати одделни писма до премиерот на Република Македонија Никола Груевски и до лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски во однос на актуелната ситуација во земјата.

Груевски до Филе: Ние држиме до зборот и да јавно искажаните принципи, продолжуваме со реформите.

Земјите-членки на Вишеградската група како влијателен фактор во рамките на ЕУ, ќе продолжи со поддршката на европските и евроатланските аспирации на Република Македонија, истакнале амбасадорите на Чешка, Полска, Унгарија и на Словачка на средбата со претседателот Ѓорге Иванов.

22 февруари

ЕК: Македонија со поголем економски раст од ЕУ и Еврозоната во 2013 и 2014 година

23 февруари

До ДИК пристигнаа потврдените кандидатски листи за советници и за градоначалници за претстојните локални избори од сите 80 општински изборни комисии и од Градот Скопје.

Лустрациска ги провери сите кандидати за локалните избори, нема соработници на тајните служби

По долго боледување почина актерот Бранко Ѓорчев, директор на Драмскиот театар-Скопје.

24 февруари

Редоследот на кандидатите на гласачкото ливче за локалните избори 2013 година беше утврден со жрепка што се одржа во Државната изборна комисија (ДИК).

25 февруари

Канцаларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) на ОБСЕ, ја почна набљудувачката мисија на локални избори во Македонија.

ВМРО- ДПМНЕ, врз база на досегашните принципиелни ставови и позициите за заштита на државните и национални интереси на Република Македонија по пакетот мерки кои ги предложи премиерот и лидер на партијата Никола Груевски на 12 февруари, повторно упати нов предлог до СДСМ за надминување на актуелниот политички предизвик предлагајќи утврдување нов рок за доставување на листите за кандидати за градоначалник и за советници кој би траел до 3 март, недела, до 24 часот.

Донесена одлука да биде отворена 51 аптека во рурални средини и во поголеми населени места низ државата. Бенефит од ова ќе имаат околу 100 илјади граѓани во Македонија.

Комисијата за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент ја прифати препораката на пратеникот Ричард Ховит и го одложи гласањето за Резолуцијата за Република Македонија.

26 февруари

Владата на Република Македонија по итна постапка усвои Предлог-закон за измена и дополнување на Изборниот закон со кој се определува дополнителен рок за поднесување листи  за кандидати за советници и за градоначалниcи за локалните избори до 3 март (недела) заклучно со 00:00 часот.

Собранието на Република Македонија денеска на итна седница со 68 гласа „за“ и ниту еден против и воздржан го донесе Предлог-законот за измена и дополнување на Изборниот законик. За законот се изјаснија и 21 пратеник од немнозинсските заедници.

Шефовите на мисите на ЕУ, ОБСЕ и САД во Скопје, преку заедничка изјава упатија повик до политичките лидери во  Република Македонија да преземат одговорност и без одложување да стават крај на актуелната политичка криза во земјата.

27 февруари

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов во Виена одржа средба со генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун.

28 февруари

Хосе Емилио Пачеко, еден од најзначајните и највлијателните мексикански посети, е добитник на годинашниот „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата.

Собраниската Комисија за прашања на избори и именувања усвои одлука со којашто на пратениците од НДП од 23 јануари, кога го прекинаа бојкотот, платата ќе им биде исплаќана како по верификацијата на мандатот.

Државната изборна комисија (ДИК) го усвои новиот роковник за локалните избори откако Собранието ги донесе измените и дополнувањата на Изборниот законик со којшто рокот за поднесување на кандидатурите се продолжува до 3 март

1 март

Премиерот Никола Груевски денеска во Владата се сретна со комесарот за проширување на Европската Унија Штефан Филе.

На 33 лица кои до 18-годишна возраст имале статус на деца без родители и родителска грижа денеска им беа врачени решенија за вработување во државната администрација.

Постигнат е договор за надминување на политичката криза, потврди попладнево претседателот Ѓорге Иванов по заедничката средба во вилата „Водно“ со европската тројка преводена од еврокомесарот Штефан Филе, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски.

2 март

Група млади од албанска националност со транспаренти и знамиња протестираа пред зградата на Владата на Република Македонија во знак на поддршка на назначувањето на Талат Џафери за министер за одбрана.

Опозицијата се врати во Собранието.

Собранието на Република Македонија со 84 гласа „за“ и еден „против“ го продолжи рокот за доставување кандидатски листи за советници и градоначалници за уште пет дена, односно се определува дополнителен рок до 8 март за поднесување листи од страна на регистрирани политички партии или коалиции.

3 март

Владата целосно го врати долгот кон стопанството по основ на поврат на ДДВ и за извршените услуги кон државните институции,

Изборната кампања за претстојните локални избори почна денеска и ќе трае до 22 март на полноќ.  Изборите, што се закажани за 24 март, ќе се одржат во 80 општини и Градот Скопје.

4 март

Косовската полиција потврди дека лицата уапсени во Косово се Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, осомничени односно обвинети за петкратното убиство кај Смиљковското езеро.

5 март

Почна реализацијата на проектот преку кој врвни доктори од САД  ќе го пренесуваат нивното знаење и искуство во Македонија.

6 март

Неколку поврдени лица, оштетени автобуси и друг имот, се последиците од серијата инциденти што се случија во Скопје во изминатото деноноќие,

Околу 286 илјади пензионери добија зголемување на пензиите.

7 март

Во Парламентот на Канада е регистрирана Пратеничката група за пријателство со Македонија, информират од Амбасадата на Република Македонија во Отава.

Предвремени парламентарни избори во Македонија ќе има, најави лидерот на СДСМ  Бранко Црвенковски на митингот во Неготино

8 март

Заврши дополнителниот рок за поднесување кандидатури за советници и градоначалници, што го изгласа Собранието на Република Македонија откако власта и опозицијата постигнаа договор за надминување на политичките несогласувања.

Групата млади лица кои од пред Јајапашината џамија по молитвата преку Бит Пазар се упатија  кон Владата и го блокираа сообраќајот.

Пуштена во употреба новата детска градинка во Реонски центар во Аеродром.

ДИК го прифати барањето на ВМРО-ДПМНЕ за повлекување на кандидатските листи за советници во Струга и Кичево, откако СДСМ најави дека за возврат на тоа ќе ги поддржи кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ во двете општини.

9 март

Општинската изборна комисија од Струга донесе решение со кое ја отфрли заедничка листата на кандидати за членови на општинскиот совет поднесена од страна на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ .

Управен суд ги поништи решенијата на општинските изборни комисии на Кичево и на Струга, кои ги отфрлија заедничките советнички листи на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ за претстојните локални избори.

11 март

Еврејската заедница во Република Македонија во Скопје одбележа 70 години од депортацијата на 7.144 македонски Евреи во нацистичкиот логор Треблинка.

Ограбена централната градска пошта во Битола.

Македонскиот државјанин Исак Аидин (33) убиен во престрелка близу Венеција.

Во општина Аеродром почна изградбата на спортскиот центар „Јане Сандански“.

12 март

Условни казни од по седум месеци  затвор добија учесничите во  тепачките на скопското Кале, кои се случија во февруари 2011 година.

13 март

Министерот Блерим Беџети потврди дека предметот за случајот „Монструм“ е во Министерството за правда, но не прецизираше кога ќе го испрати во Косово од каде треба да се екстрадираат обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ.

Уставниот суд заклучи да се организира подготвителна седница на која ќе се разјаснат факти и правни прашања поврзани со Законот за лустрација, кои потоа на Судот би му овозможиле да оцени дали тој е во согласост со Уставот или не. Судот не донесе времена мерка за запирање на важење на Законот и тој продолжува да биде дел од правниот поредок и натаму да се применува.

14 март

Министерството за финансии исплати 455,3 милиони денари субвенции поддршка за сточарството.

15 март

Повторно е активирана Канадско-македонска група за пријателство во Парламентот во Отава, која ќе служи како тело за зацврстување на билатералните односи меѓу Канада и Македонија, соопшти Обединетата македонска дијаспора.

Бруто домашниот производ во последниот квартал од 2012 година забележа раст од 0,2 проценти, објави Државниот завод за статистика

Десетина ученици се степаа во автобус на ЈСП со број 50, кој сообраќал на релација Клинички центар-Хиподром.

На покана на генералниот секретар на Кабинетот на претседателот на Република Македонија, Борис Јосифовски, се одржа средба на генералните секретари на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Божиновски и на СДСМ Андреј Петров.

16 март

Најавено зголемување на минималната плата во текстилниот и кожарскиот сектор за 596 денари во нето износ или 1.471 денари бруто.

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ отворија заеднички изборен штаб во Кичево.

Почна изградбата на хидро-системот „Бошава”.

Договорен составот на комисијата за настаните од 24 декември . Благородна Дулиќ и Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ и Рената Треновска Десковска и Љубомир Фрчковски од СДСМ се членовите на ад-хок комисијата за утврдување на фактите за настаните од 24 декември.

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги претставија кандидатите за градоначалник и советници во Струга

18 март

Собранието на Република Албанија со 120 гласа „за“, едногласно, го донесе Законот за враќање на македонското име на општина Пустец, чиj назив на албански беше Лиќенас.

19 март

Џон Хајд го загуби местото во Парламентот на Западна Австралија поради поддршката за Македонија.

Министерството за финансии исплати 1.413.488.426 денари субвенции за произведен и продаден тутун од реколтата 2012 на 22.313 земјоделци.

21 март

Министерството за финансии исплати вкупно 341 милиони денари субвенции на 13.041 земјоделец за поддршка на одржување лозови насади, производство и продажба на тутун и производство на градинарски култури.

22 март

Повеќе од 15 фарми производители на млеко од неколку реони низ Македонија и официјално се приклучија кон првата кооператива  за млеко „Милкооп“ со што станаа нејзини партнери и основачи.

Министерството за финансии исплати вкупно 144,4 милиони денари субвенции на 10.681 земјоделец за поддршка на сточарството, лозарството, производство на градинарски култури, на житни култури и производство на тутун и премии за помош за осигурување.

Комисијата за верификација на фактите утврди дека двајца поранешни функционери биле соработници на тајните служби., едниот е поранешен началник на Одделението на УБК во Битола, а вториот поранешен раководител во Институтот за национална историја.

СВР Скопје до надлежното Јавно Обвинителство, поднесе кривична пријава против Б.Д.(29) осомничена дека сторила кривично дело „измама“, и против А.В.(59), нејзиниот татко пријавен за „помагање“. Тие лажно продале станови за 650 илјади евра.

Скопскиот Основен суд ги ослободи од обвинение поранешниот директор на Агенцијата за обнова и развој Васил Тупурковски и неговиот заменик Јован Андонов Реган за случајот „тајвански кредити“.

Во присуство на Мишел Платини, претседателот на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА), отворен новиот комплекс на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), наречен „Куќа на фудбалот“, a изграден со средства добиени од УЕФА и со помош на Владата.

23 март

На полноќ заврши изборната кампања за локалните избори што ќе се одржат утре и започна изборниот молк. Гласаа затворeниците, раселените и немоќните лица.

24 март

Петтите локални избори по независноста на Македонија.

25 март

ДИК: ВМРО-ДПМНЕ победи во Скопје и 54 општини, СДСМ во 7, ДУИ во 11, ДПА во една

Европската комисија го поздрави фактот што локалните избори во Македонија се одржаа во мирна атмосфера без поголеми инциденти.

Гласањето на првиот круг од локалните избори беше спроведено во мирна атмосфера, со голема излезеност на граѓаните, оцени Граѓанската асоцијација МОСТ.

Локалните избори во Македонија беа конкурентни и ефикасно спроведени. Денот на изборите беше мирен иако беа забележани некои процедурални нерегуалности, вклучително и случаи на групно гласање, оценуваат во прелиминарниот извештај набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа.

26 март

Американскиот Стејт департмент го поздрави завршувањето на првиот круг на локалните избори во Македонија без насилни инциденти..

Во 51 општина е завршено гласањето во првиот круг од локалните избори, во 29 општини и Градот Скопје ќе се одржи втор круг гласање, соопшти ДИК.

27 март

Вкупно 428 приговори на изборниот процес пристигнале до Државната изборна комисија од страна на политичките партии во законски предвидениот рок од 48 часа по затворањето на гласачките места.

Никола Младенов, новинар и сопственик на неделникот и на дневниот весник „Фокус“, загина во сообраќајна несреќа во близина на скопската населба Хиподром.

Индустриското производство во февруари годинава во однос на февруари лани забележа раст од 4,5 проценти, објави Државниот завод за статистика.

29 март

Виена Иншуренс Груп ја презеде Кјуби Македонија АД

Министерот за правда Блерим Беџети изјави дека е во тек постапката за екстрадиција од Косово на  Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, првообвинети во случајот „Монструм“, но не прецизира кога тие би можеле да бидат доведени во Македонија за да одговараат за петкратното убиство кај Смилковското езеро.

Со средства во износ од 15 милиони евра државата ќе поддржи отворање нови или проширување на постојните семејни бизниси во руралните средини, најави Владата.

Вкупно 1,26 милијарди евра за изградба и ревитализација на инфраструктурни објекти во електроенергетскиот сектор, секторот на природен гас, топлинска енергија, нафта и нафтени деривати со точно дефинирани суми и рокови за реализација, предвидува Програмата за спроведување на Стратегијата за развој на енергетиката во периодот 2013-2017 година.

30 март

Врз основа на поднесените приговори од ДПА на 13 избирачки места во општина Чаир ќе има прегласување, одлучи  ДИК.

31 март

Над 11 милиони евра намени Владата на РМ за изградба на 24 нови и 120 реконструкции во 40 училишта.

Коалицијата „Сојуз за иднината“, предводена од СДСМ, поднела до Управниот суд на Република Македонија повеќе од 100 тужби, зашто смета дека Државната изборна комисија одлуките ги донела со надглсување, а не врз основа на закон и аргументи.

2 април

Македонците во Грција бараат македонскиот јазик да стане официјален

Компанијата „Сол Хидропауер ДООЕЛ Скопје“ почна со реализација на инвестицијата вредна 15 милиони евра во општина Теарце. Означен почетокот на изградба на првата, од трите планирани мали хидроцентрали на реката Бистрица

3 април

Во Кавадарци отворен малиот групен дом за деца во социјален ризик, прв од ваков вид во Република Македонија.

Министерството за финансии исплати 209 милиони денари на 4.980 сточари за одгледување овци, говеда, пчели и маторици.

4 април

Три турски компании  од областа на медицината ќе инвестираат во Македонија. Вкупната инвестиција ќе биде 50 милиони евра и ќе отвори 700 нови работни места, од кои 350 во првата година од работењето, најавија од Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија.

Спроведувањето на Охридскиот договор, процесот на интеграција и решавањето на спорот со името беа теми на средбата на заменик-претседателот на Владата, Муса Џафери и грчкиот амбасадор Теохарис Лалакос.

5 април

ДОМ најави поддршка за сите кандидати за градоначалници од коалицијата „За подобра Македонија” на претстојното гласање на Локалните избори 2013.

Министерството за финансии денеска исплати 140 милиони денари на 6.270 земјоделци за производство на поледелски култури и одржување на лозови насади.

На веб-страницата на Собранието на Република Македонија прикачен нов банер со хронолошки приказ на постапката и околностите за донесување на Буџетот на Република Македонија за 2013 година.

Во Битола го отворен првиот мал групен Дом за деца без родители во кој ќе бидат сместени осум деца над тригодишна возраст и со пречки во развојот.

6 април

На полноќ заврши изборната кампања за вториот круг од локалните избори што ќе се одржат утре и започна изборниот молк.

Досегашниот лидер на македонската партија Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) Едмонд Темелко доби поддршка партијата да ја води и наредните четири години.

7 април

Во Македонија се одржа  вториот круг од локалните избори. Градоначалници ќе се бираат во 29 општини и во Градот Скопје, а првиот круг се прегласуваше на три избирачки места во Струмица и на едно во Општина Долнени.

Изборниот ден помина во мирна, фер и демократска атмосфера, каква што се очекуваше, во која граѓаните може слободно да ја изразат својата волја, оцени ДИК.

Република Македонија на денешен ден пред 20 години со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација.

8 април

ДИК: ВМРО-ДПМНЕ победи во Скопје и 16 општини, СДСМ во 3, ДУИ во 7, ДПА во 2

Народните избраници ја продолжија работата по неколкунеделната пауза поради одржувањето на локалните избори. Во Собранието се одржа координација на пратеничките групи, но на неа не присуствуваше опозицијата.

Граѓанската асоцијација „МОСТ“ оцени дека гласањето во вториот круг од локалните избори генерално е спроведено во мирна атмосфера со незначително намален број на нерегуларности.

Вториот круг од Локалните избори во Република Македонија е ефикасно спроведен и изразено конкурентен, но останува недостигот од рамноправен терен за натпревар, е првичната оценка на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР.

Министерството за финансии исплати 71 милион денари на 3.117 земјоделци за одржување на овошни и лозови насади и производство на градинарски култури.

Претставен Нацрт-текстот на новиот закон за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги.

Во ЕП усвоена Резолуцијата за Македонија со препорака да се отворат пристапните преговори.

Јохан Тарчуловски ќе биде пуштен од затворот во Германија, потврди Хашкиот трибунал.

Европската комисија попладневно ги поздрави како што посочи ефикасно одржаните избори во Република Македонија

9 април

Американскиот институт Вен, кој се залага за почитување на верските слободи во светот, ја критикуваше Грција поради кршењето на правото на верските заедници, вклучително и македонската, слободно да ја почитуваат својата вера.

Еврокомесарот за проширување Штефан Филе во посетата на Мкаедонија.

Судските органи по преземањето на истражните дејствија констатирале дека сообраќајната несреќа во која на 27 март кај клучката Хиподром пред Скопје, загина новинарот Никола Младенов, била несреќен случај.

Комисијата за верификација на факти прогласи две лица за соработници со тајните служби, а две лица за наредбодатели и корисници на информации.

Во Њујорк заврши рундата разговори за разликите околу името меѓу пратеникот на ОН Метју Нимиц и петставниците на Македонија и Грција, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис. На прес-конференцијата по средбата амбасадорот Нимиц изјави дека се разговарало за конкретни предлози и оти очекува двајцата посредници да ги пренесат на своите Влади.

Политичките партии до 19 часот, кога истече рокот за поднесување, доставија повеќе приговори до Државната изборна комисија (ДИК) за вториот круг од локалните избори во Македонија, што се одржаа во неделата на 7 април. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ доставија по повеќе од 100, ДПА 4, а ДУИ и НДП по 16 приговори.

10 април

Владата ќе вработи 1.600 лица во јавниот сектор од социјално загрозени семејства, најави премиерот Никола Груевски.

Јохан Тарчуловски излезе од затворот во градот Диц, Германија, каде што ја издржуваше затворската казна.

Европарламентот го одложи гласањето за Резолуцијата за Македонија за следниот месец.

11 април

Јохан Тарчуловски, кој од страна на Трибуналот за воени злосторства во Хаг беше осуден на 12 години затвор за случувањата во скопското село Љуботен,  се врати во Македонија.

Оштетени се два автобуса број 70 и 55 на Јавното сообраќајно претпријатие во тепачка што се случи вечерва околу 19 часот и 40 минути во близина на бензиската пумпа на „Макпетрол“ кај новата Железничка станица.

13 април

Државната изборна комисија ги разгледа и ги одби сите 252 приговори поднесени од СДСМ за вториот круг од локалните избори за 15 општини. Во изминатите два дена беа одбиени и 33 приговори на ВМРО-ДПМНЕ за Куманово и 60 за Центар, 16 на НДП за Гостивар, 4 на ДУИ за Студеничани и 2 на ДПА за Чаир и Врапчиште. Одбиени беа и 15 од вкупно 17 приговори на ВМРО-ДПМНЕ за општина Струга. За оваа општина беа прифатени два приговора.

Царинската управа спречи нов обид за изнесување 48 стари нумизматички монети од 2 век п.н.е до 4 век од н.е., како и монети од поново време (од 17 век од н.е.), со различно писмо, големина и ознаки, од Македонија преку граничниот премин Делчево во Бугарија

14 април

Со средства во висина од околу 4,5 милиони евра или за два и пол пати повеќе од лани, Владата најави дека годинава ќе го поддржи развојот на јавната инфраструктура во руралните средини, обновата и развојот на селата и зачувувањето и унапредувањето на традиционалните вредности во руралните средини.

15 април

Министерството за култура ги промовира последните 20 изданија од проектот „Превод на литературни дела на добитници на Нобеловата награда за литература“, со што е биде заокружена едицијата од 145 наслови.

Не пристигна ниту една понуда на јавниот повик за доделување концесија за користење вода за производство на електрична енергија од хидроелектричните централи на Црна Река – Чебрен и Галиште.

16 април

Македонија е земја со стабилна економија и стабилни макроекономски перформанси во услови на тешки окружение. Предвидениот раст од два отсто е остварлив иако има ризици, оцени мисијата на Меѓународниот монетарен фонд која во изминатите две недели престојуваше во Македонија.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески ги додели првите 40 лиценци за ревизија.

Советот на општина Пустец донесе едногласна одлука со која на сите населени места во општината, по четириесет години им се вратија нивните автентични топоними.

ЕК даде уште една петта по ред препорака за одредување датум за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.

17 април

Во недела на 21 април вториот круг од локалните избори ќе се повтори на 29 избирачки места во скопската општина Центар, на девет во Струга и во едно во скопската општина Ѓорче Петров. Втор круг од локалните избори ќе има во општина Долнени на 39 избирачки места, одлучи ДИК.

18 април

Владата го продолжи рокот на јавниот повик за продажба на акциите на Република Македонија во друштвото „11 Октомври- Еурокомпозит“ АД Прилеп.

21 април

Повторено гласање за втор круг од локалните избори во неколку општини.

22 април

Обединетата македонска дијаспора, најголемата организација на Македонците во странство, упати писмо до Хашкиот трибунал за воени злосторства во поранешна Југославија, во кое бара повторно отворање на четирите случаи за воени злосторства од 2001 година против поранешната Ослободителна национална армија.

Комисијата за верификација на фактите прогласи две лица  за соработници и наредбодатели и едно лице за соработник на поранешните тајни служби. Сите тројца се поранешни носители на јавни функции.

Советот на министри на ЕУ за јуни месец ја одложи одлуката за носење на заклучок дали да се прифати препораката на Европската комисија за одредување датум за почеток на пристапните преговори со Република Македонија.

Владата со детален отчет за проектот за Скопје 2014.

23 април

Почна реконструкцијата на фасадата на зградата на Владата на Република Македонија која треба да се спроведе во период од една година.

Министерството за финансиинајави дека ќе врати 815 милиони денари  или околу 13 милиони евра во стопанството по основ државни записи.

24 април

Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) е прогласен за институт на УНЕСКО

25 април

Меморандум за разбирање од областа на здравството потпишаа денеска министерот за здравство Никола Тодоров, професор Јурген Ларсон од Универзитетската болница Каролинска и Мајкл Норд Грејт, директор на компанијата Stockholm Care од Шведска.

26 април

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов во американскиот град Тусон, во сојузната држава Аризона, го отвори почесниот конзулат на Македонија.

Дваесет и осум лица, од кои најголем дел македонски државјани, се повредени кога автобусот со кој патувале на релација Скопје – Прага излетал од патот во близина на унгарскиот главен град Будимпешта.

Пуштена во употреба мала хидроелектрана на Брестјанска Река

29 април

Во Њујорк презентација на културните, археолошките и туристичките вредности на Македонија.

Десет воздухопловни организации од Југоисточна Европа во Сараево потпишаа писмо со намери за заедничко давање услуги на земјите од регионот, под покровителство на Советот за регионална соработка.

Работната група за измена на Изборниот законик, по заклучок на Управувачкиот комитет за изборни реформи одржа состанок на кој се расправаше за утврдување на динамиката за работа на работната група, како и за исполнување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

Индустриското производство во март бележи пораст од 4,2 проценти во споредба со истиот месец лани, објави денеска Државниот завод за статистика.

30 април

Музејот на македонската борба номиниран за најдобар музеј во Европа за наградата „Мичелети“ (Micheletti) за 2013 година во категорија на историски и военоисториски музеи во организација на Европската музејска академија (ЕМА).

1 мај

МВР спроведе голема акција против недозволена трговија со културно-историското наследство, при што се приведени 15-тина лица. Меѓу приведените две лица се вработени во Управата за заштита на културното богатство. Апсења се спроведуваа низ повеќе градови во земјава, но главно во Скопје и во Кавадарци.

Министерството за здравство додели 28 лиценци за отворање аптеки, со акцент на руралните области во државата.

Една жена загина, а 12 деца се повредени во тешката сообраќајна несреќа што се случи вечерва во близина на кочанското село Оризари.

2 мај

Со работа почнува граничниот премин за локален граничен сообраќај Џепиште – Требиште, согласно договорот меѓу Владата на Република Македонија и на Советот на министри на Република Албанија од ноември минатата година.

Надоместокот за легализација на тераси во станбени згради и тераси пренаменети во станбен простор ќе биде 61 денар по метар квадратен, одлучи Владата.

4 мај

Со панихида на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје беа одбележани 110 години од загинувањето на идеологот на македонската револуционерна борба.

7 мај

Македонски државјани на граничниот премин „Богородица“ пријавиле дека за време на првомајските и велигденските празници, додека престојувале во Грција, им биле оштетени возилата и им биле украдени регистарските таблици

Нови четири огласи за вработувања со субвенционирање, но и преку кредитирање на невработени лица и правни субјекти објави денеска Агенцијата за вработување на Република Македонија.

Кривичниот суд во Скопје му пресуди 13-годишна затворска казна на Петар Маневски за смртта на матурантот Мухамед Али Јашари, кој настрада при тепачка во дворот на ГУЦ „Здравко Цветковски“.

8 мај

Шест лица се приведени  за организиран криминал под сомнение за перење пари, во продолжение на акцијата „Диригент“, која  е насочена против Франкфурт мафијата.

Средба меѓу министерот за надворешни работи Димитрис Аврамопулос и заменик претседателот на македонската Влада задолжен за европски прашања  Фатмир Бесими.

9 мај

Уставниот суд поведе постапка за три члена од Законот за посебен регистар на лица осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија, донесен во 2012 година.

10 мај

Околу 110 странски и 150 домашни гости во Скопје ќе учествуваа на Третата светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети во Њујорк се сретна со посредникот на ОН во разговорите за името Метју Нимиц.

13 мај

Светски познатиот бренд „Хилтон“ го официјализира влезот во Македонија со потпишување договор за франшиза со „Стоун бриџ хотел“ кој ќе гради хотел Double Tree by Hilton Skopje во општина Аеродром покрај кејот на реката Вардар во близина на мостот „Близнак“.

14 мај

Владата распиша оглас за ангажирање на околу 80 лица на раководни функции во државни институции.

Врховниот суд на Република Македонија ја потврди петгодишната казна затвор за Љубе Бошкоски, за случајот „Кампања“, во кој беше обвинет за злоупотреба на службената должност и овластување и незаконско финансирање на изборната кампања.

15 мај

Министерството за финансии одлучи преку државни записи на нето-основа да врати во стопанството 1.215.000.000 денари, односно 20 милиони евра.

Затворени рестораните на Мекдоналдс во Македонија.

16 мај

Владата додели концесии за детални геолошки истражувања за минерални суровини на 50 локации низ државата.

Aкадемик профeсор д-р Владо Камбовски е предложен за претседател на експертската комисија за настаните кои се случија и кои претходеа на 24 декември во Собранието од страна на Кабинетот на претседателот на државата на денешната средба на генералните секретари на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Кирил Божиновски и Андреј Петров.

Евангелос Венизелос, лидерот на грчката социјалистичка партија ПАСОК, која е член во владејачката коалиција, најави дека Грција во јуни повторно ќе стави вето на отворањето на преговорите за членство на Македонија во Европската Унија.

17 мај

Грчкиот претседател Каролос Папуљас најави дека нема да учествува на Самитот на шефови на држави и влади на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, што во рамките на македонското претседавање со Процесот ќе се одржи на 1 јуни во Охрид.

Министрите за внатрешни работи на Република Македонија и Република Албанија, Гордана Јанкулоска и Фламур Нока, на граничниот премин Ќафасан го пуштија во работа заедничкиот Контакт-центар за полициска соработка меѓу полициите на двете земји.

18 мај

Со поставување камен-темелник официјално е означен почетокот на изградбата на Паркот на ветерни електрани „Богданци“. Овој прв од ваков тип капацитет во земјава ќе обезбеди чиста енергија од обновлив извор, користејќи го ветерот како погонска сила.

19 мај

Владата објави конкурс за доделување стипендии на лица кои ќе успеат да се запишат на докторски студии на еден од 100-те најреномирани универзитети по општествени науки или на еден од 200-те најреномирани универзитети по технички науки.

21 мај

Уставниот суд на Република Македонија одржа втора подготвителна седница за оценување на уставноста на повеќе одредби од Законот за определување на услов за ограничување за вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност.

22 мај

Почна реализацијата на владиниот проект за вработување лица од социјално ранливи категории во јавниот сектор. Објавен огласот за вработување 1.600 лица во Јавното претпријатие „Македонски шуми.

Владата на Република Македонија ја издаде 12. емисија обврзници за денационализација во износ од 13 милиони евра, кои ќе бидат исплатени на 675 баратели.

Во Владата на Република Македонија доделени 71 концесија за геолошки истражувања и за експлоатација на минерални суровини.

Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за иницијативата поднесени од Либерално демократската партија и тројца граѓани за  оценување на уставноста и законитоста на Правилата за снабдување со топлинска енергија, донесени од Регулаторната комисија за енергија на РМ во 2012. Со тоа, граѓаните кои се исклучени од парното ќе мора да плаќаат надомест за ангажирана моќност.

Во дебатата по декларацијата на Европската комисија и Европскиот совет за напредокот на Македонија, европратениците побараа почеток на преговорите за членство на Република Македонија во ЕУ.

23 мај

Европскиот парламент со големо мнозинство ја усвои Резолуцијата за напредокот на Република Македонија во 2012 година и повоторно препорача почеток на преговори за Република Македонија.

МВР по спроведена повеќемесечна истрага под името „Сити“ вчера во акција во Скопје, Куманово и Штип приведе 8 лица, членови на организирана криминална група инволвирана во вршење криминални активности со изработка и употреба на фалсификувани платежни картички и вршење нелегални трансакции.

24 мај

Триесетгодишната Илина Арсова е првата жена Македонка која го развиори македонското знаме на Монт Еверест.

27 мај

Во основните и средните училишта низ Македонија  почна првото екстерно оценување во државава.

Вкупно 77 мерки за економски раст и предложи денеска бизнис-заедницата на Владата.

Комисијата за верификација на фактите лустрираше поранешен министер за внатрешни работи од времето на плурализмот. Поранешниот министер и актуелен универзитетски професор, во деведесетите, кога раководел со полициските служби, со свој потпис, наредувал следење на политички неистомисленици.

28 мај

Полицијата приведе девет лица, меѓу кои и поранешен судија, адвокат и новинар, во врска со откривање идентитет на заштитен сведок во случајот на убиство во велешкото село Ореше.

29 мај

Итен прекин на преговорите за спорот со името со Грција и барање за прием во Обединетите нации под името Република Македонија, бараат група интелектуалци од Македонија. Со промената на името, сметаат тие, ќе се обезличи државата и ќе укине македонскиот народ.

Собранието на Република Македонија ги именуваше новите министри за образование и наука и за труд и социјална политика, Спиро Ристовски и Диме Спасов.

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов ги откажа Самитот на шефови на држави и влади на земјите вклучени во Процесот за соработка во Југоисточна Европа и Форумот на Дијалогот меѓу цвилизациите што требаше да се одржат викендов во Охрид и Струга. Тој изјави дека државниот интерес и достоинството на Македонија го обврзале да ја донесе одлуката и оти Република Македонија постапила целосно во согласност со основачките документи и правила, и како одговорен претседавач со ПСЈИЕ.

30 мај

Комисијата за верификации на факти  ги објави имињата на лустрираните на последната седница. Лустрирани се Љубомир Фрчковски, поранешен министер за внатрешни и надворешни работи, Ѓорги Тоновски, професор на Универзитетот ФОН и Петар Карајанов, поранешен секретар и претседател на Градскиот комитет на СКМ -Скопје.

1 јуни

ТВ програмите од денеска почнаа да се емитуваат само на дигитален сигнал, аналогниот исклучен.

2 јуни

Грчката полиција не и дозволи влез во земјата на новинарката од дневниот весник „Дневник“.

Зоран Заев, досегашнен потпретседател на СДСМ и градоначалник на Струмица, избран за нов претседател на опозициската СДСМ. На 14. Конгрес на партијата за него гласале 395 делегати.

3 јуни

Во сите општини во Македонија целокупната постапка за издавање одобренија за градба ќе се одвива електронски.

Владите на Република Македонија и Република Србија во Белград одржаа заедничка седница.

Автобус на ЈСП Скопје што сообраќал на линија бр. 66 кон с. Бучинци синоќа околу 23 часот бил каменуван од непознати лица на автобуската постојка на бул. „Александар Македонски”.

4 јуни

Република Македонија склучи договори со Италија, Шпанија, Албанија и Словенија за реципрочно признавање на македонските возачки дозволи.

5 јуни

Уште еден нацрт – текст на законот за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги со вградени забелешки  објавен на Единствениот национален електронскиот регистар на прописи на Република Македонија – ЕНЕР.

6 јуни

Премиерот Никола Груевски се сретна со новоизбраниот претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија Зоран Заев.

8 јуни

Се одложи либерализацијата на пазарот со струја, што требаше да стартува на 1 јули.

10 јуни

Стартуваше примената на Законот за психичко, физичко и сексуално вознемирување или таканаречениот Закон за мобинг.

Собранието го донесе по скратена постапка Законот за прекинување бременост. Опозицијата не учествуваше во расправата и на гласањето и законот помина со еден глас против од пратеникот на Либералната партија Ивон Величковски..

11 јуни

На 79-годишна возраст почина полошко-кумановскиот владика Кирил.

Мирен протест се одржа пред Грчката канцеларија за врски во Скопје организиран од Македонската асоцијација на новинари поради забраната за влез во Грција на новинарката на „Дневник“ Ивана Костовска.

12 јуни

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ соопштија дека е постигнат договор проф. д-р Борче Давитковски, актуелен декан на правниот факултет Јустинијан Први при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ во Скопје да биде претседател на Комисијата која што ќе ги истражи настаните од 24 декември.

Централниот регистар го означи почетокот на примената на Системот за издавање е-потврди, развиен како дел од четвртата фаза на проектот на Владата на Република Македонија за регулаторна гилотина.

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски во Њујорк се сретна со посредникот во грчко-македонскиот спор Метју Нимиц.

14 јуни

Конституирана е Комисијата која треба да ги расчисти случувањата во и пред Собранието на Република Македонија на 24 декември минатата година. Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ денеска се сретнаа кај претседателот Ѓорге Иванов

СДСМ прва седница на Централниот одбор на партијата во нов состав го комплетира новото партиско раководство

15 јуни

Царинската управа на Република Македонија заплени 117 килограми висококвалитетна дрога марихуана во автобус со албански регистарски таблички.

Македонците превозници кои носат стока на Косово ќе треба да плаќаат по 100 евра такса. Новата давачка ќе важи и за камионите од регионот, освен за Албанија, кои превезуваат стока на Косово. Ваква одлука донесе косовската Влада, наведувајќи дека се работи за реципроцитетна мерка.

Членовите на Ад-хок комисијата за расчистување на случувањата пред и во Собранието на 24 декември минатата година ја утврдија динамиката на работа.

17 јуни

На последните состаноци на дипломатите од Постојаните мисии на земјите-членки на ЕУ во Брисел (т.н. КОВЕБ-група), како и на состаноците на КОРЕПЕР-групата (амбасадори на земјите-членки при Унијата), претставниците на Бугарија ставиле јасно до знаење дека доколку до последниот состанок на Советот за општи работи (кој се одржува два дена пред Самитот на ЕС закажан за 27 јуни), не биде потпишан договорот за добрососедство, тогаш Софија ќе ја поддржи Грција во блокада на Македонија,

Понудувачот „Авто Македонија“ со автомобилот „Шевролет спарк“ достави најниска понуда од 45.350.800 денари на денешната електронска аукција, која се одвиваше во МВР за доставување 100 возила во полициска изведба.

18 јуни

Се додека Скопје инсистира на идеолошката конструкција на „македонизмот“, до тогаш вратата на НАТО ќе ја држи затворена, а процесот на интеграцијата во ЕУ замрзнат, изјави грчкиот претседател Каролос Папуљас во интервју за српскиот версник „Политика“.

19 јуни

Владата објави нов јавен повик за пројавување интерес за 99 позиции на централно и локално ниво за пополнување на раководни места.

Ирското претседателство со ЕУ ги разби сите надежи дека Унијата ќе ги надмине тесноградите интереси и по пет позитивни извештаи со препораки на ЕК ќе и додели на Република Македонија датум за почеток на преговорите со членство. Ирското претседателство објави дека на Самитот на Европскиот совет на 27 и 28 јуни ќе се разговара само за доделување датум за преговори на Србија.

Светиот Синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија одлучи да ја подели Полошко-кумановската епархија на два дела.

20 јуни

Претседателите на академиите на Македонија и на Бугарија, Владо Камбовски и Стефан Воденичаров на средба во Софија договорија архивите на двете академии да бидат отворени за бугарските и за македонските истражувачи.

22 јуни

Повеќе здруженија на бранители и семејства на загинити бранители, потпишаа „Декларација на бранителите”. По иницијатива на Форумот на безбедност, девет здруженија на бранители со декларација побараа никој да не ги дели, да им се признае она што го сториле во 2001 година и да не бидат злоупотребувани од страна на политичките партии.

24 јуни

Поетот, литературен критичар и универзитетски професор Веле Смилевски е избран за член на Руската академија на науките и уметностите.

Министерката за внатрешни работи  Гордана Јанкулоска и нејзинот косовски колега Бајрам Реџепи на граничниот премин Глобочица на косовска страна потпишаа договор со кој се предвидува отворање на нов меѓународен граничен премин Белановце-Станиќ што од македонска страна се наоѓа во Кумановскиот регион.

25 јуни

Сеф со околу 500 илјади евра и 50 илјади долари е украден од стан на улица „Бихаќка“ во Скопје.

Земјите-членки на ЕУ одлучија за Република Македонија воопшто да нема ниту заклучок, ниту датум за почеток на преговорите за членство во Европската унија на претстојниот Самит на Европскиот совет.

26 јуни

Десетина бугарски интелектуалци и политичари потпишаа писмо со кое бараат Софија да го поддржи почнувањето на преговорите со Македонија за членство во ЕУ. Писмото е испратено до претседателот на Бугарија Росен Плевнелиев, до премиерот Пламен Орешарски и до претседателот на Народното собрание Михаил Миков.

27 јуни

Работната група за проверка на Избирачкиот список во Државната изборна комисија ја договори динамиката на ажурирањето и стручната помош од ОБСЕ за ревизија на списокот.

29 јуни

Комисијата за верификација на фактите го лустрираше писателот Славко Јаневски.

30 јуни

Над 400 единици на ресурси, во кои спаѓаат цели комплекси или делови од комплекси од поранешни производни капацитети се најдоа на листата изготвена од Владата на Република Македонија за т.н. brown field инвестиции.

1 јули

Над 12 илјади правни лица и самостојни вршители на дејност ќе можат да го користат новиот систем на електронски услуги на Управата за јавни приходи.

Кривичниот суд му одреди три години затворска казна на првобвинетиот во случајот „Тенковски делови“, поранешен премиер и министер за одбрана, Владо Бучковски.

Стартува електронскиот рецепт како дел од интегрираниот здравствен информатички систем.

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во Загреб се сретна со неговиот грчки колега Каролос Папуљас. Ова е прва средба воопшто одржана меѓу македонски и грчки претседател

Пет понудувачи доставија понуди по огласот за доделување лиценца за вршење здравствена дејност-дијализа со вклучени специјалистичко-консултативни прегледи во мрежата на здравствени установи по јавниот повик што на 27 мај го распиша Министерството за здравство.

2 јули

Владата на Република Македонија донесе одлука да доделува полни стипендии за студирање на 87 реномирани универзитети и специјализирани школи од областа на „фини уметности“ односно за музика, филм и ликовна уметност за кои ќе важи конкурсот за нивно добивање.

Расчинетиот владика на МПЦ ОА Јован Вранишковски доби три години затвор, а 18 негови роднини и приврзаници условни казни, поради перење пари преку здружението „Анастасија” од Нижеполе.

Министерството за финансии исплати 328,8 милиони денари (5,3 милиони евра) на 3.397 земјоделци за поддршка на сточарството.

4 јули

Министерството за финансии исплати 302 милиони денари субвенции на 8.103 земјоделци за поддршка на повеќе мерки во земјоделството.

5 јули

Испратен нов контингент на АРМ од составот на Првата механизирана пешадиска бригада (1.мпбр) во мировна мисија ИСАФ во Авганистан

Затворски казни добија осуммина од обвинитетите за насилните протести што се случија во март годинава по изборот на Талат Џафери за министер за одбрана. Условни осуди добија шестмина од обвинетите, а тројца се ослободени од обвинението.

Владата на Руската Федерација го одобри договорот со Владата на Република Македонија  за изградба на крак од гасоводот Јужен поток за снабдување на земјата со гас, објави прес-службата на руската Влада.

9 јули

Компаниите Орка Холдинг АД Скопје и Метрополитен ДООЕЛ Скопје добија лиценци за вршење здравствена дејност дијализа на јавното наддавање што се одржа во Министерството за здравство.

10 јули

Потпишан Договорот за изработка на главниот проект изградбата на железничката пруга од Бељаковце до Крива Паланка долга 36 километри, која е дел од Коридорот 8.

Министерството за финансии исплати 338 милиони денари на 9.055 земјоделци за повеќе мерки.

ЈО: Смртта на Младенов несреќен случај, неприспособената брзина причина за сообраќајката

11 јули

Одбележани дваесет години од отворањето на првите македонски амбасади.

Потпишан колективен договор меѓу МО и Синдикатот на одбраната и безбедноста

12 јули

МВР го склучи договорот за набавка за 100 нови патнички моторни возила  „Спарк“ со полицски ознаки (полициска изведба) со Аутомакедонија АД – Скопје.

Првообвинетите во случајот „Монструм“ Алил Демири и Африм Исмалиовиќ во приштинскиот суд се осудени на две и на две и пол години затвор за нелегално поседување оружје.

Љубе Бошкоски е осуден на 12 години затвор за помагање во убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев на 10 јули 2001 година, кога беше министер за внатрешни работи. Во Основниот суд Скопје 1 беа пресудени 10 години затвор и за шефот на неговото обезбедување Зоран Трајковски.

Со настап на рускиот баритон Дмитри Хворостовски, заедно со Оркестарот и Хорот на Македонската опера и балет, под диригентска палка на Константин Орбелиан, вечерва во Античкиот театар во Охрид започна 53-то издание на „Охридско лето“.

13 јули

Индиската компанија „Сахара груп“ на милијардерот Субрата Рој го објави инвестицискиот план за Агрокомбинатот „Џумајлија.

МВР  поднесе кривична пријава против М.Џ.(34) поради постоење основано сомневање дека од јануари до јуни годинава извршила 12 кривични дела  „измама“ при што се стекнала со противправна имотна корист од околу 567.300 денари. Таа за лажни вработувања во НАТО заработила 567.300 денари.

14 јули

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) го објави Договорот за закуп на земјоделско земјиште склучен со индиската компанија „Сахара груп“ за агрокомбинатот „Џумајлија“.

15 јули

Основниот суд Скопје 2 му изрече парична казна од 650.000 денари на лидерот на НСДП Тито Петковски по тужбата од премиерот Никола Груевски за клевета и нарушување на угледот и честа.

Постапувајќи по барање за проширување на истрагата „Фаланга“, МВР поднесе посебен извештај против Паско Кузман (65) директор на Управата за заштита на културното наследство, осомничен за „злоупотреба на службената положба и овластување“.

16 јули

Еден мигрант е убиен, а тројца се тешко ранети од огнено оружје во близина на граничниот премин Табановце.

18 јули

Македонската православна црква-МПЦ го доби и со тоа заврши 16-годишниот судски спор што водеше пред австралиските судови, а во врска со имотот на црквата „Св. Петка“ во Австралија.

Почнаа градежните работи за гасификација на Клиничкиот центар, капитална инвестиција која чини околу 48 милиони денари.

Шпанскиот кинематографер Хосе Луис Алкаин е добитник на наградата „Златна камера 300“ за животно дело на годинашниот 34. Интернационален фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.

19 јули

Во полицската акција „Решето“ во кумановското село Лојане при претреси во 10 објекти, во шест се пронајдени 34 илегални мигранти, а меѓу нив 13 се малолетни. Приведени се шест лица жители на село Лојане на возраст од 31 до 46 години.

Претседателот на Комисијата за настаните од 24 септември Борче Давитковски, изјави дека донел одлука да поднесе оставка поради неможноста да се усогласат заклучоците во извештајот.

21 јули

Скопје го доби првиот Аква парк

23 јули

Македонија го потпиша договорот со Руската Федерација за соработка во изградбата на гасоводот Јужен тек. Македонија се вклучува со крак, а од каде ќе се гради дали од Србија или Бугарија треба да одлучи „Газпром“. Договорот од македонска страна го потпиша вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во Москва.

Претседателот Ѓорге Иванов го прими Борче Давитковски, претседател на ад-хок комисијата за расветлување на настаните кои се случија и кои претходеа на 24 декември 2012 година, кој го информираше за неговата одлука за оставка на оваа функција, како и за досегашната работа на Комисијата.

24 јули

Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, му го продолжи притворот на новинарот Томислав Кежаровски и на другите притворени во акцијата Ликвидација поради опасност од бегство.

25 јули

Во организација на Обединетата македонска дијаспора (ОМД) во Скопје се одржа Четвртата годишна Глобална конференција.

Република Македонија отвори Почесен козулат во Долна Австрија, со седиште во Сент Пелтен, главен град на оваа сојузна држава на Република Австрија.

Пред Кривичниот суд во Скопје се одржа протест поради продолжувањето на притворот за новинарот Томислав Кежаровски.

26 јули

Македонската и бугарската влада одржаа заедничка седница во недела на 28 јули во пограничниот бугарски град Ќустендил.

Скопје доби автоматско управување на сообраќајот. Пуштен е во пробна работа Центарот за управување и контрола на сообраќајот, кој се очекува да профункционира во целост од ноември годинава.

Градоначалникот на општина Пустец во Албанија, Едмон Темелко бил спречен да влезе во Грција за да учествува на средба на која требало да се разговара за проект поддржан од Европската унија.

27 јули

Министерството за здравство почна процедура за преземање 45 доктори-специјалисти од приватно во јавно здравство кои се јавија на првиот оглас на Министерството од вкупно пријавените 103 лекари-специјалисти.

28 јули

Искористување на европските фондови, соработка во земјоделството и инфраструктурното поврзување помеѓу двете земји било тема на средбите на министрите од владите на Македонија и на Бугарија во пограничниот град Ќустендил.

29 јули

Се грижиме за топол дом“ е акција што почна да ја спроведува МТСП во соработка со Црвениот крст на Македонија, а со која ќе бидат опфатени социјално загрозените семејства.

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, по повод 2-ри Август 2013 година – Националниот празник на Република Македонија, даде помилување на 39 осудени лица.

Комисијата за верификација на фактите ја прифати иницијативата од трето лице, чиј родител бил жртва на тајните служби, да му се дозволи увид во неговото досие. Одобрена е иницијативата и лицето може да изврши увид во досието на својот татко. Дел од медиумите објавија дека станува збор за барањето на Васил Шишков, чиј татко Ристо Шишков, бардот на македонското актерство бил жртва на тајните служби.

30 јули

Во Собранието на Република Македонија Јавна денеска се одржа јавна расправа за Предлог законот за медиуми.

31 јули

За директор на Управата за заштита на културно наследство назначен Виктор Лилчиќ, професор на Филозофскиот факултетет и доктор на археолошки науки.

 Министерството за финансии на својата веб страница (http://www.finance.gov.mk/files/u1/Spogodba_so_RF_za_Juzen_Tek.pdf) го објави договорот со Руската Федерација за вклучување на Република Македонија во гасоводниот проект „Јужен тек“.

Во МНР му беше упатена вербална нота на шефот на грчката канцеларија за врски во Скопје, Харис Лалакос, поради зачестеното оштетување возила со македонски регистарски таблички на територијата на Грција.

1 август

Со пристигнувањето на коњаниците од Илинденскиот марш во Крушево почна манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“.

2 август

Двата историски Илиндена – 110 години од Илинденското востание и 69 години од Првото заседание на АСНОМ  беа одбележани со големи народни собири на Мечкин Камен во Крушево и во Меморијалниот центар АСНОМ во кумановското село Пелинце.

Вкупно 35 пливачи од сите градови на Македонија учествуваа на Илинденскиот пливачки маратон што традиционално по 34-ти пат денеска ќе се плива на Охридското Езеро.

Матицата на иселениците од Македонија и СМК во соработка со повеќе здруженија на граѓани и општина Битола во потпелистерското село Трново по 42 пат ја одржаа Светската семакедонска илинденска средба.

6 август

Владата на Република Македонија донесе одлука за почеток на постапката за доделување под концесија на дивечот во 32. ловишта во девет ловни региони во Република Македонија

7 август

Организацијата за медиуми во Југоисточна Европа (СЕЕМО) изрази загриженост поради фактот дека грчките власти не им дозволија на редица новинари да влезат во Грција, соопшти прес-канцеларијата на СЕЕМО и прецизира дека станува збор за новинари од Македонија на кои не им бил дозволен влез на грчка територија.

9 август

Со палење копии од Букурешкиот договор групата Македонски манифест денеска на плоштадот „Македонија“ во Скопје одбележа 100 години од тој договор со кој по Балканските војни Македонија беше распарчена и упати апел за национално единство за спречување на евентуалниот нов Букурешки договор преку преговорите за името.

Во Кривичниот суд во Скопје се одржа првото рочиште во случајот „Ликвидација”, во кој е обвинет и новинарот Томислав Кежаровски дека во новинарски текст од 2008 година објавил идентитет на заштитен сведок во случај за убиство.

10 август

Македонија денеска одбележа еден од најтрагичните историски датуми во нејзиното постоење, денот на кој пред  100 години беше потпишан Букурешкиот мировен договор, акт со кој нејзината етно-географска територија е разделена меѓу балканските држави.

12 август

Со цел подобрување на законите за медиуми, што се во собраниска процедура, Владата до Собранието на Република Македонија достави повеќе амандмани.

Владата донесе измена во субвенциите за проектот  „Купи куќа, купи стан“ со која парите за половина учество станаа неповратни. Измената ќе важи и за новите и за веќе земените кредити. Граѓаните сега можат на самиот старт од проектот да добијат неповратни 9.200 евра за стан или 15.000 евра за изградба на куќа, а оние корисници кои веќе аплицирале за половина учество и го добиле заемот, немаат обврска да го враќаат.

13 август

12 години од потпишувањето на Рамковниот договор со кој се стави крај на воениот конфликт во Македонија во 2001 година.

16 август

Министерството за труд и социјална политика распиша оглас за вработување на уште 50 лица во државната администрација, кои до 18 години имале статус на деца без родители и без родителска грижа.

19 август

Претседателот на Владата Никола Груевски и лидерот на СДСМ Зоран Заев на се договорија крајниот рок за постигнување согласност за Извештајот на комисијата за настаните на 24 декември да биде пролонгиран до петок, по што доколку не биде постигната согласност ќе се смета дека не може да се постигне конечно решение.

20 август

Промовирана Лабораторија за геномика и протеомика во Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија (ИЦГИБ) „Георги Д. Ефремов“ при Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), која овозможува анализа на гени и други современи биомедицински истражувања.

Почна амандманската расправа за предлог-законите за медиуми и за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, која се очекува да заврши за најмногу три дена, како што е предвидено со Деловникот за работа на Парламентот. За двата закона се поднесени околу 130 амандмани, од кои 94 за Предлог-законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, поголем дел од страна на опозицијата.

22 август

Со засадување дрвце во Паркот на поезијата во чест на годинашниот лауреат, мексиканскиот поет Хосе Емилио Пачеко, и со традиционалното читање на песната „Т’га за југ“ пред Домот на поезијата во Струга, почна 52. издание на фестивалот Струшки вечери на поезијата.

23 август

На вкупна површина од 208 хектари, отворена технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) „Штип”.

Презентираната физибилити студија согласно која во комплексот Клинички центар „Мајка Тереза“ ќе се градат две катни гаражи и хелиодром со вкупно 2.500 паркинг места по пат на Договор за јавно-приватно партнерство.  Приватниот партнер во проектот треба да вложи 21 милион и 300 илјади евра, а сопственоста на објектите во периодот на концесионирање да остане кај јавниот партнер.

24 август

Рајмонд Аксел од Франција победи на денешниот 27. Меѓународен пливачки маратон што се пливаше на Охридското Езеро. Хедел кому ова му е прво појавување на охридскиот маратон, патеката „Климе Савин“ долга 30 километри ја исплива за 5:09:54 часа, соборувајќи го рекордот на бугаринот Петар Стојчев.  На маратонот учствуваа 27 пливачи.

СДСМ со надгласување да изгласа извештај со правни формулации за настаните од 24 декември какви што сака, а доколку претседателот на ад хок Комисијата Борче Давитковски не сака да гласа на таков начин, да изберат нов кој ВМРО-ДПМНЕ го прифаќа однапред, или пак во понеделник на вонредна седница да се распушти Парламентот и да се распишат предвремени парламентарни избори кои би се одржале на 13 октомври, пред Македонија да го добие извештајот од Европската комисија. Ова се двете решенија што премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски ги понуди откако во договорениот рок ад-хок Комисијата за случувањата од 24 декември не успеа да постигне согласност и да донесе извештај.

25 август

Мексиканскиот поет Хосе Мануел Пачеко го прими Златниот венец на 52. Струшки вечери на поезијата.

Ад-хок комисијата го потпиша конечниот извештај за настаните во Собранието на Македонија на 24-ти декември минатата година. Во Клубот на пратениците свои потписи на извештајот ставија претседателот на комисијата Борче Давитковски и нејзините членови од ВМРО – ДПМНЕ Илија Димовски и Благородна Дулиќ и од СДСМ Љубомир Фрчкоски и Рената Десковска Треневска.

Опозицијата го заврши нивното формално учество во работата на Собранието и во полн состав се врати во неговата работа.

Студенти, постдипломци и докторанти од Медицинскиот факултет во Штип ќе се едуцираат по новата наставна програма на англиски јазик договорена денеска со јапонската болница „Токуда“. Програмата чија реализација во Софија ја парафираа министерот за здравство Никола Тодоров, ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ Саша Митрев и директорот на „Токуда“ Јавор Дренски, предвидува и полагање специјалистички испити за нашите лекари.

Државната награда „Мајка Тереза“ во „Порта Македонија“ им беше врачена на годинашните добитници: сликарот, хуманист и новинар Живко Поповски – Цветин и на Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје.

27 август

Индиската компанија „Сахара груп“ денеска го почна проектот за реорганизација на агрокомбинатот „Џумајлија“, инвестиција од околу 200 милиони евра.

На интернет-страницата на Европската банка за обнова и развој објавен јавен повик за набавка на нови дизел-моторни и електро-моторни гарнитури за превоз на патници за потребите на Македонски железници АД Транспорт. Тоа е прва набавка по цели 35 години од купувањето на последниот воз во железницата.

Отворена современа лабораторија за хемиски и физички испитувања на културното наследство

28 август

Краткометражниот филм „Четврток“ на режисерот Милчо Манчевски имаше светска премиера на отворањето на Филмскиот фестивал во Венеција.

Полицијата го уапси 28-годишниот С.Љ. осомничен за петкратното убиство кај Смилковското Езеро. Како што информираа од МВР тој е приведен при обид да излезе од Македонија на граничниот премин Блаце. С.Љ. е изведен пред истражен судија и му е изречен притвор од 30 дена.

29 август

Во Собранието на Република Македонија се одржа координација кај претседателот Трајко Вељаноски за препораките на Комисијата за настаните од 24 декември, на која не присуствуваше ДПА. Формирана е Работната група што треба да ги имплементира препораките од извештајот на комисијата за случувањата од 24 декември лани.

Бугарски „нон-пејпер” документ во кој се посочува дека македонската нација не постои, дека нашиот идентитет е фалсификуван од Тито и дека бугарски интелектуалци во Македонија биле истребени по Втората светска војна, а во кој државата се ословува со БЈРМ, веќе неколку умесеци циркулира меѓу шефовите на дипломатиите на земјите-членки на Европската унија, јави дописникот на МИА од Брисел..

2 септември

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на археолошкиот локалитет Стоби ги врачи првите конзерваторски лиценци на 12 стручни лица за непосредна заштита на културните добра во Македонија.

Заштитната мерка за условен увоз на пченица од денеска престана да важи. Владата одлучи да ја укине откако оцени дека пазарот е стабилизиран и оти се надминати сите предизвици кои може да предизвикаат евентуални нарушувања.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети во Атина имаше средба со грчкиот министер за надворешни работи и вицепремиер Евангелос Венизелос.

Македонската гранична полиција евидентираше нов случај на оштетување на возило пријавен од страна на македонски државјанин кој престојувал во Грција, со што бројот на вакви инциденти летово се искачи на 61.

Првата седница на Работната група за имплементација на препораките од ад хок комисијата за 24 декември. Утврдени се агендата и динамиката за работа на групата која ќе се среќава најмалку двапати неделно, а за своите потреби и поефикасно завршување на задачата ќе ангажира стручна служба од Собранието, но и експерти од Канцеларијата на ЕУ во Скопје.

3 септември

Кинескиот институт „Конфуциј“ беше свечено отворен во НУБ „Св. Климент Охридски“. Тој е меѓу 327-те во светот, а Македонија е меѓу 93 земји во кои Кина ги има отворено  институтите „Конфуциј“ за изучување на кинескиот јазик и култура.

4 септември

Полицијата кај населено место Маврови Анови ја пронајде малолетната шестгодишна Александра Бошњаковска .

5 септември

Крупни реформи во работата на инспекциските органи, забрзување на прекршочните постапки, основање државна комисија за одлучување во втор степен во инспекцискиот надзор и прекршочната постапка како посебно правно лице, најави премиерот Никола Груевски.

Во Собранието на Република Македонија се одржа втората средба на работната група која треба да ги имплементира 11-те препораки од Извештајот за 24 декември во и пред Собранието, на која доминираа дискусиите околку измената на Деловникот и Законот за буџет.

6 септември

Стапи во сила правилникот за премер на подземниот катастар со којшто се утврдени правилата врз основа на кои геодетските фирми може да стартуваат со мерење на сите инфраструктурни објекти на компаниите.

Косово го ограничи увозот на македонски производи.

Полицијата во викенд куќата во село Визбегово го приведе К.П.Х.(46) –Кирил Поп Христов Кили од Скопје, а се трага по неговиот брат  В.П.Х.(35), исто од Скопје, осомничени за „овластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори”.

Почнаа градежните работи за реконструкција на Ургентниот центар при Универзитетската клиника за детски болести.

Претставници на Сахара Пјур денеска го презентираа мастер планот за проектот Сахара млекарница во Македонија.

7 септември

Во пресрет на официјалната посета на претседателот на Република Полска Бронислав Коморовски на Република Македонија на 10 и 11 септември, македонскиот претседател Ѓорге Иванов донесе указ со кој го одлукува неговиот полски колега со Орден „8 Септември“.

8 септември

Република Македонија одбележа 22 години од успешно спроведениот референдум на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава..

Пуштена во употреба новата зграда на Уставниот суд и Државниот архив

9 септември

Медијаторот на ОН Метју Нимиц во Атина се сретна со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Грција Евангелос Венизелос, на која тој му кажал оти Грција не се согласува со неговиот последен предлог „Горна Република Македонија“

Македонија воведе такса за влез на косовските граѓани.

10 септември

Во Македонски Железници Транспорт АД – Скопје се одржа отворање на понуди за набавка на 150 товарни вагони. Беа поднесени понуди од осум понудувачи од кои седум комплетни и една некомплетна. Понудите се од компании од Чешка, Романија, Хрватска, Кина, Словачка, Србија и Индија.

Превозниците од „Макамтранс“ја блокираа македонско-косовската граница поради трговската блокада на Косово за македонски производи, што почна во петокот. Блокадата на граничните премини Блаце и Јажинце од страна на македонските превозници го прекина сообраќајот за сите видови возила во двата правци.

11 септември

Министерот за одбрана Талат Џафери во Лариса имаше тет-а-тет средба со грчкиот министер за одбрана Димитрис Аврамопулос.

Немаме решение меѓу Македонија и Грција во врска со априлскиот предлог, изјави по средбата со премиерот Никола Груевски медијаторот  во спорот за името Метју Нимиц, по средбите со државниот врв во Македонија кој во Скопје допатува од Атина. Во Атина имаат два проблема во врска со мојот предлог – местопложбата на географската одредница и обемот на употреба на договореното име. Во Скопје, пак, добив став кој е во согласност со долгорочните стратегиски позиции на земјата, рече посредникот Нимиц.

13 септември

Есма Реџепова ја прими титулата Национален уметник на Република Македонија

Владата на Република Македонија донесе одлука мерката за условен увоз на брашно да престане да важи на 15 септември во 00 часот.

14 септември

Со премиера на македонскиот игран филм „Соба со пијано“ на режисерот Игор Иванов-Изи во Битола беше отворен 34. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, на кој беа прикажни 74 филмови.

15 септември

Косово ја крена рампата за македонските производи, со што прекина и блокадата на косовската граница од македонска страна и наплатата на влезна такса за косовските државјани и возила во Македонија.

16 септември

Во рамки на полициската акција „Шпион“ која тече во изминатите две години приведени се 17 лица. Постојат сомненија за инволвирани 22, по три лица се трага, а од осомничените двајца веќе издржуваат казна затвор по друга основа. Извршени се претреси во домовите на 17 лица при што се одземени голем број компјутери, лап-топови, досиеја, 32 мобилни телефони, мемориски картички, 16 парчиња огнено оружје, УСБ-стикови.

Парламентарните политички партии, освен Либералната партија и ДПА, во Собранието потпишаа Меморандум за исполнување на стратешката цел за членство на Република Македонија во Европската унија.

Со поставување камен темелник денеска во Скопје започна изградбата на новиот објект на затворот Идризово, најголема казнено поправна установа во Република Македонија.

Почна судскиот процес против обвинетите во полициската акција Фаланга 2 кои се товарат за вршење нелегални ископувања и одземање археолошки предмети.

17 септември

Приведените 17 лица во полициската акција „Шпион“, осомничени  за шпионажа, злосторничко здружување, уцена и измама, со доказен материјал се изведени пред истражен судија.

До Основното јавно обвинителство за организиран криминал поднесена е кривична пријава против 20 лица осомничени за злосторничко здружување, злоупотреба на службена должност, шпионажа, уцени и измама. Станува збор за лица поранешни и сегашни вработени во МВР, во Военото разузнавање, во Агенцијата за разузнавање, државни институции, вработени во приватни фирми и сопственици на медиуми. По три лица полицијата се уште трага и продолжува со натамошни мерки за целосно расчистување на случајот.

ВМРО-ДПМНЕ предлага импементирање на сите препораки на комисијата за 24 декември

 Во Крива Паланка беше одржан петтиот состанок на работните групи од Република Македонија и од Република Бугарија, во врска со нацрт текстот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.

18 септември

Истражниот судија во Основниот суд Скопје 1 им одреди мерка притвор од 30 дена на 16 притворени во акцијата „Шпион“, а на еден од осомничените мерка домашен притвор поради лоша здравствена состојба.

19 септември

Опозицијата се врати на собраниските едници за пратенички прашања.

Тим експерти од Турција ја зачуваа целокупната збирка на ориентални ракописи што ја поседува Националната и универзитетска бибилотека „Св. Климент Охридски“. Од средината на јуни до овој месец дигитализираа 3.544 ракописни книги и околу 1.000 листови со фрагменти или околу 900.000 страници.

Дванаесет лица се приведени, едно лице веќе е во затвор, а три лица се недостапни, е билансот од акцијата „Диригент“ на македонската полиција во соработка со германската што беше спроведена утрото во повеќе градови низ Македонија, а во врска со недозволена трговија со дрога на територијата на Франкфурт и перење пари односно легализирање на парите стекнати од шверцот на наркотици.

Комисијата за лустрација на денешната седница како наредбодавач лустрира уште еден поранешен министер за внатрешни работи. Комисијата смета дека тој е одговорен за досието „Темел“ за следење на функционери и членови на една опозициска партија од 90-тите години.

Владата го утврди буџетот за 2014 година.

20 септември

Владата  одлучи со средства од Буџетот на Република Македонија, а по пат на конкурси, секоја година да се финансира создавање 200 нови композиции, од кои 150 од областа на забавната и народната музика и 50 детски композиции,

Во скопскиот Кривичен суд продолжи судскиот процес „Фаланга два“. Исказ на ова рочиште се очекува да даде и поранешниот директор на Управата за заштита на културното наследство Паско Кузман, кој е дел од групата 16 приведени во акцијата.

21 септември

Поставување камен-темелник на Технолошко-индустриската развојна зона „Струмица“.

23 септември

Амбасадорот Метју Нимиц треба да свика нова средба на посредниците во разговорите за името, во Њујорк, во текот на следните недели. Портпаролот на генералниот секретар на Обединетите нации, Мартин Несирки изјави дека ова е најавено по досегашните разговори на Генералното Собрание на ОН во Њујорк.

24 септември

Министерот за здравство Никола Тодоров ја посети Њујоршката универзитетска болница каде договори размена на искуства и експертиза.

Со 47 гласа „за“, 12 воздржани и 26 „против“ Собранието не ја донесе одлуката за пристапување кон измена на  Уставот на Република Македонија во делот на дефинирањето на бракот како заедница исклучиво меѓу маж и жена, поднесен од пратеници од владејачкото мнозинство.

25 септември

Владината делегација, предводена од претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров, остварија посета на Медицинскиот центар Принстон и договорија соработка во здравството.

Судот од Ним ја одобри екстрадицијата на Миле Хаџиски или Зоран Томовиќ на Република Македонија.

Лидија Каначковиќ, судија во Вишиот управен суд и Селим Адеми, државен советник во Министерството за правда се новите членови на Судскиот совет на Република Македонија.

26 септември

Кривичниот суд во Скопје по петти пат му го продолжи притворот на новинарот на „Нова Македонија“ Томислав Кежаровски за уште 30 дена.

Собранието на РМ го донесе Законот за ратификација на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Руската Федерација за соработка при изградба на гасоводот – кракот за испорака на гас во Република Македонија.

27 септември

Невладините Х.Е.Р.А. – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“, Реактор – Истражување во акција, Хелсиншкиот комитет за човекови права и универзитетскиот професор Каролина Ристова-Астеруд до Уставниот суд покренаа  постапка за оценување на уставноста и повлекување на актуелниот Закон за абортус.

Премиерот Никола Груевски се обрати во ОН: Македонскиот народ никогаш нема да прифати да биде преименуван

28 септември

Министерството за внатрешни работи денеска ги доби новите 100 возила со полициски ознаки од марката „шевролет спарк“ од компанијата „Авто Македонија“, која на електронското наддавање постигна најповолна цена согласно критериумите кои се бараа во тендерот.

30 септември

Во наредните две и пол години во основните и средните училишта во Република Македонија ќе се вработат нови 294 психолози и педагози, најавија од МОН.

Договорена соработка со професори археолози од Оксфорд. Со цел подобро запознавање со македонското културно богатство, тројца професори од Катедрата за археологија при Универзитетот од Оксфорд се гости во Македонија. Организатор е британската фондација „Кирил Трајковски“.

Пуштен во употреба новиот затвор во Куманово

октомври

Од денеска брашното што се става во промет мора да има контролна маркичка која ќе биде поставена на видно место. Маркичката треба да биде читлива и прицврстена или трајно втисната на пакувањето.

Министерот за правда Блерим Беџети во врска со иницијативата на Здружението на новинарите на Македонија за ослободување од гонење на новинарот Томислав Кежаровски, изјави дека додека случајот е во судска постапка би било преседан да се ослободи обвинетиот од гонење.

Со перформанс на танчери од студиото на Шајмак Давар од Индија и од Македонија, на плоштадот Македонија почна Сахара Балканскиот мировен фестивал, организиран по повод одбележувањето на роденденот на Махатма Ганди и на Меѓународниот ден против насилството.

2 октомври

Фармацевтската компанија „Алкалоид АД Скопје“ доби авторизација за пласман на над 30 свои лекови на пазарите во земјите-членки на Заедницата на независни држави (ЗНД), меѓу кои:  Ерменија, Азербејџан, Грузија и Туркменистан, а во исто врмеме почна и повеќе проекти во Казакстан.  Првите продажби во овие земји треба да започнат до крајот на тековната или на почетокот на следната година, соопштија од компанијата.

Над 85 килограми марихуана запленила полицијата вчера при контрола на патничко моторно возило „Ауди А4“ со охридски регистерски таблици, кое излетало од патот во близина на селото Ботун.

Центар за позитронска емисиона томографија – ПЕТ Центар ќе се гради во кругот на Градската општа болница „8 Септември“-Скопје. Договорот за изградба на ПЕТ Центарот го потпишаа министерот за здравство Никола Тодоров и Франц Бургшталер, извршен директор на австриската компанија Страбаг АГ, која достави најприфатлива понуда на меѓународниот тендер за градба.

3 октомври

Во организација на Унверзитетот „Свети Кирил и Методој“ од Скопје и Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“, во Охрид се одржра симпозиум посветен од 1150-годишнината од Моравската мисија на светите браќа Кирил и Методиј. Овој настан, првпат се организира во соработка со Руската академија на науките и Московската духовна академија.

4 октомври

Осум компании доставија понуди на тендерот за рехабилитација на железничката пруга од Куманово до Бељаковце во должина од 30 километри. За реализација на овој проект обезбедени се 45,5 милиони евра од Европската банка за обнова и развој. На тендерот се пријавија 16 компании, од кои осум доставија понуди.

6 октомври

Со директно компјутерско рангирање беа избрани најдобрите 1.600 апликанти кои ќе бидат вработени во државните институции и органи согласно огласот за вработување на лица од социјално ранливи категории објавен од ЈП „Македонски шуми“.

7 октомври

Италијанската компанија „Текнохозе“ која во Македонија е регистрирана под името „Витек Македонија“ постави камен-темелник на вториот објект во Технолошко-индустриската зона Скопје 1 во Бунарџик во кој ќе се произведуваат армирани гумени црева за висок притисок.

9 октомври

Руско-македонската фармацевтска компанија Продис, членка на руската „Протек Груп“, почна да ги извезува своите производи на украинскиот пазар. Вредноста на првиот извоз во Украина изнесува околу 70.000 евра.

Министерството за внатрешни работи отпочна со финалната фаза од реализација на полициската акција која имаше цел документирање и расчистување на сомненијата за сериозен криминал во АД „Машино промет”.

10 октомври

Републиканскиот конгресмен од Флорида Треј Радел е новиот, 21-ви член на групата на пријатели на Македонија во Конгресот на САД.

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК)  почна изградба на нов антенски систем за контрола и мониторинг на радиофреквенции за територијата на целата држава.

МВР поднесе кривична пријава против 12 лица од Скопје и од Штип, во својство на членови на Управниот и Надзорниот одбор на АД „Машино промет“,  сопственици на фирмите „Ин ком“, „Интеркомерц“ и „Би метали“ во Штип, како и вработени во УЈП, осомничени за „злоупотреба на службената положба и овластување“ и за „помагање во врска со злоупотреба на службената положба“.

11 октомври

Република Македонија одбележа 72 години од почетокот на антифашистичкото востание и народноослободителната војна.

Пуштена во употреба новата зграда на Обвинителството, објект во кој ќе бидат сместени Основното и Вишото јавно обвинителство Скопје и Јавното обвинителство на Република Македонија.

Во Собранието на Република Македонија беше врачена државната награда „11 Октомври“ за животно дело за 2013 година на проф. д-р Срѓан Керим, економист и дипломат-во областа на науката и образованието, на проф. м-р Решат Амети, ликовен уметник-во областа на културата и уметноста и на новинарот и публицистот Драгослав Аргировски-во областа на новинарството и публицистиката.

14 октомври

Oпозицијата одлучи да ја бојкотира собраниската Работна група за случувањата од 24 декември поради притворот  што му е одреден на Мирослав Шиповиќ осомничен во случајот „Претседавач.“

Тројца стоматолози, по извршениот инспекциски надзор од Државниот и санитарен инспекторат на Република Македобија, останаа без докторска лиценца и добија отказ од јавното здравство поради паралелно вршење на стоматолошка дејност во јавното здравство и во приватни здравствени ординации.

15 октомври

Првоосомничениот во случајот „Претседавач“ Мирослав Шиповиќ е приведен на аеродромот во Виена, по меѓународна потерница распишана од основен суд Скопје 1.

На Клиниката за ортопедски  болести во Скопје првпат се направени операции на дланка на пет пациенти.

16 октомври

Во село Кадино во Општина Илинден отворена фабрика за производство на работна и заштитна облека „ВПТЕКС Македонија“ на холандската фирма Van Puijenbroek Textiel.

Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ ја потврди фискалната стабилност на Македонија и го задржа кредитниот рејтинг на земјата на стабилен „ББ+“.

Министерството за труд и социјална политика на својата веб страница ги објави предлог-условите и потребната документација за најавеното вработување на 300 лица со инвалидност.

Европската комисија даде петта по ред позитивна препорака за Република Македонија да ги почне преговорите за членство во Европската унија.

Вкупно 752 лека (иновативни, оригинатори и генерички лекови) од денеска во аптеките се продаваат по намалени цени.

17 октомври

Изведена симулација на летот Скопје – Мостар на кој пред речиси 10 години загина македонскиот претседател Борис Трајковски.

Грчкиот дневен весник “Екатимерини”, во својата вчерашна вест за прогрес-извештаите на Европската комисија за земјите-кандидати и потенцијални кандидати за членство во Европската унија, објавена на интернет-страницата на англиски јазик, за Република Македонија го употребува уставното име на државата.

Министерот за правда Блерим Беџети го потпиша барањето за екстрадиција на првоосомничениот во случајот „Претседавач“ Мирослав Шиповиќ, кој завчера беше приведен на аеродромот во Виена, по меѓународна потерница распишана од основниот суд Скопје 1..

18 октомври

Во индустриската зона Жабени во Битола отворена фабриката Кромберг и Шуберт.

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Борис Кондарко поднесе оставка.

21 октомври

Новинарот на „Нова Македонија“ Томислав Кежаровски, осомничен во предметот „Ликвидација“, е осуден на четири години и шест месеци затворска казна, поради објавување на идентитетот на заштитениот сведок во случајот „Ореше“ во весникот „Репортер 92“.

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски денеска пред почетокот на работата по точките од 74. седница, ја констатира оставката на претседателот на ДИК, Борис Кондарко.

22 октомври

Собранието ја ратификуваше Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Косово за отворање на нов заеднички граничен премин „Белановце – Станчиќ“, наменет за меѓународен патен сообраќај меѓу двете земји.

23 октомври

Одбележан 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

Новинарите и медиумските работници одржаа протест изразувајќи незадоволство поради пресудата од 4,5 години затвор за новинарот на „Нова Македонија“ Томислав Кежаровски.

Во Њујорк почна дводневна рунда разговори за спорот за името, свикана од амбасадорот Метју Нимиц, пратеник на генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун.

25 октомври

Посредникот на Обединетите нации во разговорите за името меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц, по синоќешните одделни разговори, имаше и заедничка средба со претставниците на двете земји, Зоран Јолевски и Адаматиос Василакис. На прес-конференција Нимиц кажа дека се разговарало за неговите предлог идеи од април оваа година, но оти има сериозни разлики меѓу двете страни. Наведе дека се уште не решил кои ќе бидат неговите следни чекори.

Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија донесе одлука за забрана за користење на социјалната мрежа Фејсбук меѓу свештенството, монаштвото и владиците, објави весникот „Нова Македонија“.

Со 66 гласа „за“, еден „против“ и ниту еден „воздржан“ републичкото Собрание го изгласа Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на  автопатските делници  Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид.

На Клиниката за токсикологија синоќа починаа таткото и синот од осумчленото тетовско семејство кое јадело отровни печурки.

28 октомври

Во Скопје е отворен првиот семеен центар што ќе нуди услуги за психо-социјална поддршка на семејства  во конфликтни односи, во кои се врши насилство или пак во изминатиот период постоело насилство.

29 октомври

Дневник пишува дека грчкиот претставник Адамантиос Василакис на последната рунда разговори во Њујорк соопштил оти официјална Атина сè уште размислува која би била географската одредница наменета за Република Македонија. Василикас предложил, дека за Атина прифатливо би било името „Славјанско-албанска Македонија“. Инсистирал „новото име да се најде и на сите документи, сеедно дали се тие за надворешна или внатрешна употреба, а сметал дека не е никаков проблем да се смени и нашиот Устав.

Македонија е меѓу десетте врвни светски дестинациии кои треба да се посетат во 2014 година, препорачува најголемиот туристички печатен водич „Лонли планет“ во своето специјално издание „Lonely Planet’s Best in Travel 2014 – top 10 countries“.

30 октомври

Поставен камен-темелник за изградба на фабрика за полнење вода во близина на дебарското село Гари.

Владата обезбеди средства за отпремнини и социјален пакет за вработените од ОХИС, со што се прифатени барањата на Синдикатот. Обезбедени се 65 милиони денари за отпремнини кои во следните седум до 10 дена ќе бидат трансферирани од Владата во ОХИС, како и дополнителни 43 милиони денари за надоместокот кој вработените ќе го добиваат преку Агенцијата за вработување.

1 ноември

Од денеска по електронски пат ќе се вршат сите административни постапки предвидени во Законот за градење.

Владата објави оглас за вработување на неопределено време на 300 лица со инвалидност. Изборот на лицата кои ќе бидат вработени ќе биде направен по електронски пат врз основа на исполнетите услови кои се бараат во огласот. Лицата првично ќе бидат вработени во „Македонски шуми“, а потоа ќе бидат прераспоредени во државните институции.

Судијката Елена Гошева е новиот претседател на Уставниот суд. Избрана е со тајно гласање, по предлог на еден од колегите.

2 ноември

Заврши изградбата на мини хидроелектричната централа на Тресонечка река во Општина Маврово Ростуше, инвестиција на компанијата „Хидроенерџи груп“, во вредност од 2,1 милион евра.

3 ноември

Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан во сослужение со останатите митрополити и епископи од Синодот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија одржаа света архиерејска литургија со која го интронизираа досегашниот епископ велички господин Јосиф за прв митрополит на новоформираната Тетовско- гостиварска епархија.

4 ноември

Собранието на Република Македонија го донесе ребалансот на буџетот за 2013 година со кој дополнителни средства добија Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и Министерството за образование и наука. Поддршка доби од 58 пратеници. СДСМ не да гласаше за предложениот ребаланс.

Грчкиот претседател Каролос Папуљас на денешната средба во Тирана со албанскиот претседател Бујар Нишани, разговарале и за проблемот за името со Македонија. Треба да се најде име кое ќе биде прифатливо за сите со географска одредница и за севкупна употреба. Ја поддржувам иницијативата за името „Славо-албанска Македонија“, изјавил Папуљас, пренесува онлајн изданието на тиранскиот весник „Шекули“.

Едукација на македонски хирурзи кои ќе субспецијализираат за кадаверична трансплантација на бубрези, црн дроб, панкреас и други типови абдоменална трансплантација во болницата „Аденбрук“ при Универзитетските болници – Кембриџ, предвидува Меморандумот за соработка што го потпиша министерот за здравсто Никола Тодоров по посетата на Центарот за транспалтанција и лабораториите при Одделот за хириругија во таа здравствена установа.

5 ноември

Германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин имаше средба со Метју Нимиц, посредникот во грчко-македонскиот спор за името. Меркел и Нимиц се согласиле дека пречките, ако постои политичката волја, се надминливи.

6 ноември

Тетовската полицвија откри работилница за изработување и дистрибуција на фалсификувани дипломи и уверенија од Државниот унивезитет во Тетово, наменети за лица од Италија.

7 ноември

Поставен камен-темелник за изградба на Центар за позитронска емисиона томографија – ПЕТ-Центар во кругот на Градската општа болница „8 Септември“ – Скопје. ПЕТ-Центарот е инвестиција вредна околу 380 милиони денари, а ќе го гради австриската компнаија „Штрабаг АГ“.

Остатоци од средновековна црква, изградена од камен и варов малтер, како и уште еден објект на ранохристијанска базилика се откриени на локалитетот „Рајца – Манастирите“ во атарот на охридското село Љубаништа.

Притворот на новинарот Томислав Кежаровски да биде заменет со куќен притвор, одлучи денеска Кривичниот совет на Основен суд Скопје 1..

Со попис откриена кражба на артефакти во Музејот на Македонија.

8 ноември

Зоран Божиновски, еден од обвинетите во случајот „Шпион“ е уапсен во Нови Сад, Србија, врз основа на меѓународна потерница.

Компанијата „Џонсон Мети“ пушти во употреба нови производствени погони во фабриката за катализатори во Технолошко-индустриската развојна зона Скопје 1 – „Бунарџик“, инвестиција во износ од 60 милиони евра.

Поставен-камен темелник за изградбата Технолошко-развојната економска зона кај Тетово.

9 ноември

Во индустриската зона „Раброво отворен новиот производствен погон на текстилната компанија „Докатекстил“ со којa се заокружи инвестицијата вредна 2,5 милиони евра.

10 ноември

Со света архиерејска литургија со која чиноначалствуваше архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан денеска во соборниот храм Свети Никола во Куманово се одржа чинот на интронизација на досегашниот епископ Јосиф Лешочки во митрополит на новата епархија.

Пуштен во употреба гасоводот во Клиничкиот центар-Скопје

11 ноември

Родителите и старателите кои во училиштата оставиле контакт телефон од денеска имаат можност еднаш неделно на својот мобилен телефон да добиваат бесплатна СМС порака со информации за тековните активности, оценки и поведение на нивните деца.

Австриските власти го одбриле барањето за екстрадиција на претседателот на Советот на Општина Центар Мирослав Шиповиќ, кој е првоосомничен во случајот за финансиски криминал во фирмата „Машинопромет“.

12 ноември

Управата за јавни приходи ја промовира информатичко-форензичката лабораторија, како значајна алатка за поефикасна превенција, откривање и санкционрирање на даночните затајувања и измами.

Владата на Република Македонија со кинеската компанија „Sinohydro Corporation Limited“ ги потпиша договорите за изградба на автопатските делници од Миладиновци до Штип и од Кичево до Охрид.

13 ноември

Во собраниската Комисија за финансирање и буџет почна расправата за Предлог буџетот за 2014 година, за кој опозициските пратеници поднесоа 684 амандмани. Најмногу амандмани има од СДСМ – 316, НДП 178, ДПА 150, ПЕИ 33 и НСДП седум.

Паркот на ветерни електрани (ПВЕ) „Богданци“ влезе во финална фаза од изградбата, откако  вчера од пристаништето во Солун преку граничниот премин Богородица почна транспортот на компонентите од  кои ќе бидат изградени ветерните турбини.

Ќе се заострува казнената политика за педофилите. Владата предложи измени на Кривичниот законик со кои ќе бидат зголемени затворските казни и првпат во Македонија ќе се воведе медицинско-фармаколошки третман (хемиска кастрација) за лицата што ќе извршат полов напад врз дете до 14 години.

Уставниот суд на Република Македонија не поведе постапка по членот 7 став 6 од Законот за здравствено осигурување, кој предвидува обврска осигурените лица кои ќе примат здравствена услуга во здравствена установа која нема договор со Фондот за здравствено осигурување на Македонија, таа услуга сами да ја платат, а не да ја плати ФЗОМ.

14 ноември

Осум деца вечерва се поврдени при напад од група малолетници во автобус со број 45, во близина на Стајковци.

15 ноември

Комисијата за финансирање и буџет ја почна амандманската расправа по Предлог-буџетот за 2014 година.

Проширувањето и Западен Балкан, кои беа Солунската агенда, не се приоритет на претседателството, во смисла дека настаните се движат, изјави грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос.

Актерот Кирил Поп Христов денеска е осуден на една година затворска казна за производство и пуштање во промет марихуана. До правосилноста на пресудата ќе остане во домашен притвор.

Металуршките и енергетски капацитети, текстилната индустрија и рудниците кои до април 2014 година нема да ги исполнат условите за добивање А-интегрирана дозвола ќе бидат затворени, најавија од Владата.

Државната изборна комисија до декември да го преземе Избирачкиот список од Државниот завод за статистика (ДЗС), заклучи на денешниот состанок Работната група за избирачки список.

18 ноември

Вицепремиерот и министер за надворешни работи на Грција, Евангелос Венизелос, носел родено презиме Туркоглу, што во превод од турски јазик значи „син на Турчин”, но истото го сменил со цел да напредува во својата политичка кариера. Информацијата ја доставила американската амбасада во Атина до својата централа, а неодамна преку сајтот „Викиликс” излезе во рамки на откриените коресподенции на дипломатските преставништва на САД ширум светот.

Земјиштето на легализираните семејни куќи од денеска може да се откупи по цена од 61 денар за метар квадаратен  за парцели до 500 метри квадратни. Доколку парцелата е поголема  делот кој е над 500 метри квадратни ќе се отуѓува согласно цените за продажба по пат на непосредба спогодба, односно истите цени кои се плаќаат за оформување на парцелата.

19 ноември

Трисетгодишниот Јанче Дојчиновски, одржувач на машини во рудникот за олово и цинк „Саса“ во Македонска Каменица, почина од повредите што ги добил кога врз него паднала машината со која поправал камион.

Цариниците на граничниот премин Деве Баир запленија 1.500 парчиња накит „Сваровски“, кои во Македонија се обидела да ги внесе бугарска државјанка.

Недостигаат вкупно 166 артефакти од депото на Музејот на Македонија, покажа конечниот попис за кражбата, кој во моментот го разгледуваат инспектори во полицијата.

20 ноември

Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ одбележа 60 години

21 ноември

Пратениците го избраа Никола Рилковски за претседател на Државната изборна комисија, а Вангелина Маркудова за судија во Уставниот суд на Република Македонија.

Претседавачот на општина Центар Мирослав Шиповиќ од Виена е екстрадиран во Скопје.

Во координираната акција „Орион“ на македонското и на германското МВР, во Македонија се приведени пет лица, а се трага по останатите од 13 – члената криминална група која подолг временски период се занимавала со набавување и фалсификување странски патни исправи, лични карти, возачки дозволи, сообраќајни исправи, осигурителни картички, дипломи, како и изготување на документи  и  исправи од институциите на Македонија.

25 ноември

Владата најави дека ќе поддржи вкупно 134 проекти во 72 општини преку Програмата за рурален развој. За оваа намена се предвидени 1,45 милијарди денари што е највисока поддршка досега за локалната самоуправа.

МАНУ одбележа 90 години од раѓањето на Ацо Шопов.

Република Македонија без одложување да ги почне преговорите за членство во Европската унија, оти не е само загрозен кредибилитетот на Брисел, туку и на Обединетите нации чија преговарачка рамка за решение на проблемот со името не дава резултат. Ована дебата во Комисијата за надворешни работи (АФЕТ) при Европскиот парламент го побара известувачот за нашата земја, британскиот европратнеик Ричард Ховит, во рамки на својата предлог-Резолуција што ЕП ќе треба да ја усвои во февруари идната година.

26 ноември

Две лица повредени во одвоени инциденти во автобуси на ЈСП

Под мотото „Засади здравје! Засади здрава иднина!“  се одржа 12. акција „Ден на дрвото – засади ја својата иднина!“, во која беа засадени пет милиони садници на површина од 1.150 хектари низ цела Македонија.

27 ноември

Полицијата спроведе акција „Отпад“ во неколку града во Македонија, во која беа приведени сопственици на фирми кои затајувале данок и переле пари со фиктивни фактури.

29 ноември

На граничниот премин Богородица е приведен Владимир Поп Христов, братот на актерот Кирил Поп Христров – Кили, при обид од соседна Грција да влезе во Македонија. Нему му беше одредена мерка притвор во отсуство, за одгледување и производство марихуана, дело кое според обвинителството го сторил заедно со неговиот брат, актерот Кирил Поп Христов кој е осуден на една година затвор за ова кривично дело.

Распишан е конкурс за креирање на комисијата која ќе врши избор на композициите што ќе се здобијат со правото да бидат финансирани од страна на државата. Конкурсот ќе трае до 15 декември, а носител е националниот сервис МТВ, кој ќе биде и реализатор.

Атина јасно им стави до знаење на сите инволвирани страни, сојузници, на  властите во Скопје и на медијаторот Метју Нимиц, дека Грција ќе биде подготвена да прифати сложено име, ерга омнес, со географска одредница пред името на земјата, а не пред државното уредување, изјави грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос во интервју за весникот „Нафтемборики“.

Комисијата за верификација на фактите го отвори предметот за првиот претседaтел на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто.

30 ноември

Министерството за труд и социјална политика објави оглас за субвенционирање за вработување на невработени млади лица до 29 години, корисници на социјална парична помош. Вкупниот износ средства обезбеден за реализација на оваа програма е 12 милиони и 750 илјади денари за обезбедување на вработување на 125 лица.

Собраниската Комисија за финансирање и буџет ја заврши амандманската расправа по Предлог-законот за Буџет за 2014 година, иако не беа разгледани сите 684 поднесени амандмани. Расправата мораше да биде прекината бидејќи измина рокот од десет дена предвиден во Деловникот за разгледување на амандманите. Од 291 разгледани амандмани, прифатени се само пет.

1 декември

Почна наградната игра „Фискална во рака-награда без мака“.

Седумдесет  стечајци од велешка „Порцеланка“ со над 25 годишен стаж кои десетина години се бореа за своите права, од овој месец од државата ќе добиваат месечен надомест од 7.400 денари и ќе имаат платено здравствено осигурување до пензионирање.

2 декември

„Македоника“ од Скопје и Државниот архив на Република Македонија го објавија петтиот том од оставината на Павел Шатев со наслов „Записи за нацијата и државата“.

Министерството за одбрана објави оглас за прием на 170 професионални војници во Армијата на Република Македонија за работа на определено време од три години.

Грчко-македонскиот бизнис форум што требаше да се одржи на 17 декември во Атина е одложен. Не е дадена фицијална информација од организаторот Атинската Комора за трговија и индустрија ( ЕБЕА) зошто го одложува форумот, ниту некакви најави за нов датум.

Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) ги презентираше новите решенија од Предлог-законот за административни службеници и Предлог-законот за вработени во јавниот сектор.

3 декември

Републичкото Собрание  го изгласа Законот за изменување на Законот за исплата на платите,  со кој се предвидува наместо во декември годинава, зголемувањето на платите на вработените во јавниот сектор за 5 проценти, да се реализира во октомври следната година..

4 декември

Новата концертна сала што ќе се гради на местото на сегашната Универзална ќе биде во форма на јајце, ќе има голема сала со 2.500 до 3.000 седишта, мала за камерни изведби со околу 300 места и административни простории. Презентирани идејното решениекое е на архитектите Стојан Павлевски и Иван Симеонов од „Стоун дизајн“, а е избрано од 10 идејни решенија пристигнати на конкурсот на Министерството за култура.

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, го одликува со орден „8 Септември“ претседателот на угарската Влада,  Виктор Орбан, кој престојува во официјална посета на земјата.

6 декември

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов,  ги додели стипендиите „Борис Трајковски” за академската 2013/2014 година. Стипендиите, традиционално, се доделуваат на 20 најдобри студенти за постдипломски студии на Програмата за бизнис администрација – МБА на Сити колеџот во Солун, Факултет за меѓународни студии, при Универзитетот „Шефилд“ од Велика Британија.

Министерството за култура додели уште 11 решенија за национална пензија, со кои нејзини приматели досега се вкупно 59 уметници и автори.

Група непознати лица го оштетиле споменикот на цар Душан поставен на мостот „Око“.

7 декември

Со премиера на „Вечната куќа“ по текст на Јордан Плевнеш и режија на Дејан Пројковски, Македонскиот народен театар своите претстави почнa да ги изведува во новиот објект изграден на местото на некогашниот Стар театар.

8 декември

Комплекс куќи со ист покрив  опожарени во Тенеќе Маало, во населбата Топанско Поле.

Државната награда „Св.Климент Охридски“ за 2013   година во областа на воспитанието и образованието му беше врачена на педагогот и методичар проф. м-р Аџи Фида. Во областа култура наградена е примабалерината доц. м-р Александра Мијалкова, а во здравството проф. д-р Никола Јанкуловски, дигестивен хирург и примариус д-р Коте Тасевски, специјалист ендодонт.

10 декември

Во Стопанската комора на Македонија презентирани можностите што ги нуди градот Солун за унапредување на билатералната соработка со македонските бизнисмени.

Собранието на Република Македонија ги усвои оставките на Благоја Гешоски и Јанаќе Витановски од функцијата член на Комисијата за верификација на фактите.

12 декември

Македонската православна црква – Охридска архиепископија најави дека ќе ја ревидира својата неодамнешна одлука со која на владиците, свештенството и на монаштвото им се забрани користењето на социјалната мрежа Фејсбук, одлучи Светиот Синод.

15 декември

Патнички и товарен воз се судрија на железничката пруга Велес – Скопје, кај станицата Рајко.

16 декември

Скопскиот кривичен суд му изрече две години затвор на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Слободан Богоевски за случајот „Агент“.

17 декември

Советот за општи работи на Европската унија (ГАК) го донесе заклучокот за Самитот на Европскито совет во однос на предлогот на Европската комисија за почеток на пристапните преговори со Република Македонија, заклучувајќи, според најавите, дека „земјите-членки на Унијата ќе се вратат на ова прашање во 2014 година”.

18 декември

Агенцијата за вработување на Република Македонија ја промовираше веб страната www.avrm.gov.mk каде за прв пат на едно место ќе ја има понудата и побарувачката за работна сила.

Пожар  избувна во седумкатната зграда со број 14, во населбата Блок 70 во Тетово.

19 декември

Во скопската населба Аеродром поставен камен-темелник на новиот православен крст кој ќе биде висок 51 метар и широк 4 метри.

21 декември

Отворен првиот специјализиран Детски ургентен центар во Македонија, сместен во Универзитетската клиника за детски болести во Скопје. За потребите на новата организациона единица беа изведени повеќе градежни реконструкции, објектот беше внатрешно преуреден, а беше обезбедена и најсовремена медицинска апаратура.

Ренато Вугринец не доби дозвола да игра за Македонија на ЕП во Данска

24 декември

Лицата Ј.Н. (45), доктор на Универзитетска клиника за уво, нос и грло и Н.П. (29), доктор специјализант на Клиниката вчера биле преведени за примање поткуп, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Известувачот за Република Македонија од Европскиот парламент (ЕП), Ричард Ховит, поднесе најмногу амандмани на Предлог-резолуцијата за нашата земја што самиот ја предложи, при што меѓудругото предлага и бришење на единствената придавка „македонски“ што ја употребува во овој предлог.

Скопскиот кривичен суд изрече пресуди за обвинетите во случајот „Детонатор“. На двајца од обвинетите судот им изрече доживотен затвор, а на четворица од 12,5 до 14,5 години затвор. Останатите обвинети се казнети со 1, 3 и 9,5 години затвор.Обвинетите, кои се товарат за повеќе кривични дела, како убиство во обид, насилство, лихварство, изнуда и недозволено држење оружје, за време на судскиот процес се бранеа дека се невини.

25 декември

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, по повод Новата 2014 година, даде помилување на 53 осудени лица.

26 декември

Националната комисија на УНЕСКО денеска го одбележа воведувањето на првото добро од Македонија на репрезентативната листа на светското нематеријално културно наследство на УНЕСКО – ритуалот „Четрсе“. Апликацијата беше поднесена во 2011 година, а прогласувањето овој месец, за време на конференција во Баку (2-7 декември 2013).

Сител

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1