Денес е Бадник – Ден предвесник на Христовото Рождество


Бадник или Коледе – ден пред роденденот на Исус Христос (Божик), според христијанската традиција. Според Јулијанскиот календар по кој се раководи Македонската православна црква, секоја година Бадник паѓа на 6 , а Божиќ на 7 јануари. Суштината на празникот е во радоста на христијаните пред големиот ден — Христовото раѓање. Истовремено, со овој ден завршуваат и Божиќните пости.

badnik crkva

Традиционално, Бадник се прославува кај сите христијани, но црквите кои го користат Грегоријанскиот календар го прославуваат на 24. декември. Кај сите христијански народи има низа обичаи за Бадник, осбоено поврзани со Бадниковата вечера.

Зборот Бадник веројатно доаѓа од старословенски – да бидеш буден. Таа ноќ, како што запишал Шапкарев, „сите домашни луѓе не заспиваат туку преноќеваат будни, та од тоа се гледа дека таа ноќ е наречена: бадник – будник“. И многумина други истражувачи на овие обичаи сметаат дека името на овој ден доаѓа од бдеењето, будноста покрај обредниот оган.

Рано изутрината на Бадник, децата пеат и одат по куќите каде што добиваат подароци како што се: пари, ореви, костени, јаболка, портокали и др.

Една од најпеаните песни што и сега се пее во овие случаи „Коледе леде“ ја среќаваме и во запис на Г. Бојаџиев, обjaвена во 1893:

Истражувачите сметаат дека во праисторијата овој ден бил празник поврзан со враќањето на Сонцето од јужните напоредници, по зимската краткоденица. Раѓањето на новото Сонце значело и раѓање или обнова на животот. Подоцна, Христијанската црква го презела овој празник и симболично го поврзала со Христовото раѓање. На прекорот дека Христијаните започнале да го празнуваат денот на Сонцето исто како и паганите, Свети Августин одговорил: „Ние го празнуваме не како неверниците поради Сонцето, туку поради оној што го создал Сонцето“.

Традиционално, во Македонија семејството се собира на вечера на Бадник. Се подготвува богата трпеза исклучително со посна храна: питулици, сарма, грав, компир, зелник, овошје и друго, што треба да обезбеди богат род на земјоделските култури во следната година. Обичај е по вечерата софрата да не се крева, туку така заедно со храната да остане цела ноќ. Ова е поврзано со верувањето дека ноќта ќе дојде дедо Боже и ќе се нахрани, или во некои места, духовите на мртвите.

На Бадник во секоја куќа се меси кравјаче, пита или погача во која се става пара. Вечерта кога сите ќе седнат на вечера, домаќинот, откако ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата, го крши кравјачето на толку делови колку што има членови семејството, оставајќи уште дел за Бога и за куќата. Сите присутни во својот дел од кравјачето ја бараат парата, и оној што ќе ја најде се смета за најсреќниот во годината што претстои.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1