Денес е Лазарева сабота


Лазарева Сабота или Лазарица се празнува во спомен на Лазаревото воскресение.Саботата пред Цветници се вика Лазарева сабота или Лазарица. Според преданието во саботата умрел Лазар од Витанија, а во неделата Исус го воскреснал. Поради тоа во народот неделата се смета за поголем празник од саботата.lazarica

Воскреснувањето на Лазар претставува предвесник на Христовото воскресенување, но и праобраз на општото воскресение на сите луѓе при Второто Христово пришествие. Затоа, впрочем и има големо значаење. Со своето воскресение Исус потврдил дека претстои воскресение за сите луѓе. „Значи нема да воскреснат само праведниците, а грешниците да исчезнат, туку сите ќе воскреснат и ќе се претстават пред Страшниот Христов Суд.“

Со Лазарева сабота се поврзани повеќе обичаи и песни познати како лазарски. Ги изведуваат девојки во групи одејќи по куќите и низ населените места и пресретнувајќи ги луѓето. Лазарките му пеат посебна песна на секој човек зависно од неговата возраст и општествената положба и за тоа добиваат дарови, најчесто пари. Во овие песни се велича личноста, се посакуваат напредок на семејството, здравје и среќен живот на поединецот.

Во зборникот на браќата Миладиновци покрај повеќето лазарски песни среќаваме податок и за изведувањето на овој обичај во Струга, во половината на минатиот век. „Рано децата ходат по куќи со шарени стапчиња. Тој ден, а повике в недељата, в Цветници се собираат девојките по махали и направјет една од них невеста. Кого ке сретат на п’т обколисват и пејет секому по возраста му т.е. ако је неженет друга песна, ако је женат друга; ако је жена или девојка друга. Тој дават пари на невестата која му целива р’ка. Со тие пари накупвет нужните јела и се гоштевает и попраштает Лазара со ора и песни“.

Кузман Шапкарев, пак, запишал дека на овој ден „младите моми на возраст од 12-13 години, се собираат во дружина од по 5-6 девојчиња и по едно момче, одат од куќа во куќа и заедно пеат лазарски песни соодветни со состојбите и условите во секоја куќа. Штотуку влезат во собата лазарките се наредуваат исправени во полукруг или на отворен лак, обрнати со лицето кон огништето или кон домаќините и под раководство и иницијатива на танчерката испеваат една или две песни соодветни на условите во куќата. Кога ги пеат се полулуваат напред и назад со телата. По испевањето бакнуваат рака на домаќините и домаќинките кои ги даруваат со по неколку пари или јајца. Парите ги собира танчарката, а јајцата раководителот на лазарките т.е. момчето со кошничката, кое нарочно го носи со себе. Ова последново и не пее“.

Во Гевгелиско лазарките пееле во групи по четири девојки, тие што на Тодорица во црквата се заколнале дека заедно ќе учат лазарски песни и „ќе пеат Лазар“.

Низ цела Македонија одејќи по куќите лазарките пееле песни за сите членови од семејството започнувајќи од најстариот. Нему му се пеело за синовите, снаите, внуците, за богатство и убави абери. На машките деца им се пеело за учење во манастир: „он го пратил за три години/ од се научил за три месеци“, на девојчињата им се пеело да се омажат за царевиот син, на ергените за грабење девојка, за женидба и убав живот. На девојка за мажење и се нагласувала нејзината работливост, се пеело за нејзините дарови, за свекорот и свекрвата, за деверите, золвите и јатрвите. Особено топли чувства се испеани во песните за невестите без деца.

Интересен обичај што се изведувал на овој ден е обичајот Кошкање на децата. Во минатото на овој обичај му се посветувало големо внимание. Ги кошкале сите деца што биле родени меѓу двете Лазареви саботи, што значи деца до една година. Ги кошкале дури и децата што имале по неколку дена. За овој обичај секоја мајка месела погача наутлија. Откако ќе ги испееле сите лазарски песни лазаркките застанувале во збиен круг, мајката им го давала бебето, тие го прифаќале и со кревање горе-долу неколку пати си го подавале една на друга, го кошкале така до три пати и за тоа време пееле:

Откако ќе ја испееле песната три пати, едно од девојчињата „со мајка и со татко“ (што значи да не е сираче) застанувало насреде во кругот, а една постара жена обично свекрвата ја земала погачата, ја раскршувала над главата на детето и едната половина им ја давала на лазарките, а другата половина ја земала мајката и ја раздавала на роднини и пријатели за здравје на детето.

 

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1