Денес се празнуваат три празници


На 1 јануари според стариот (односно 14 јануари според новиот) календар христијанските верници празнуваат три празници: Обрезание Господово, Свети Василиј Велики и Православна Нова Година.vasilij-sv-547x320

Според еврејските закони секое машко дете на осмиот ден од раѓањето се носело во храмот каде што било обрежувано, а притоа му било давано и име. Овој чин се сметал за воспоставување врска со Бога поради што необрежаните се сметале за неосветени и нечисти, а со тоа и отпадници од еврејскиот народ. Исус како божји син можел и да не биде обрежан, но тој не дошол на земјата за да ги негира законите туку за да ги потврдува и да служи за пример. Поради тоа светото семејство на осмиот ден од раѓањето го донесло во храмот новородениот син каде што по извршувањето на овој обред му ставиле име, онака како што им рекол ангелот при јавувањето на Света Дева Марија, Исус (еврејски збор што значи Спасител) и Христос (грчки збор што значи помазан). Во Евангелието според Лука е запишано: „А кога се навршија осум дена, за да биде обрезан Младенецот, Му кладоа име Исус, известено од ангелот уште пред да биде зачнат во утробата.“ (Лука, 2, 21) Во спомен на овој настан светата црква го востановила празникот Обрезание Господово на осмиот ден по Божик – денот на Христовото раѓање.VASILICA maznik

Овој празник се совпаѓа со празникот на Свети Василиј Велики познат и како Кесариски поради тоа што бил најпознат владика во градот Касарија Кападокиска. Роден е во овој град, во 329 година, од побожни родители, татко кој исто така се викал Василиј и мајка Емилија. Уште мал се стекнал со образование, примил свештенички чин и го учел народот на божјата наука. На големата популарност му завидувал тогашниот владика во Кесарија поради што Василиј заминал во пустина каде што останал до смртта на владиката. Потоа се вратил и бил поставен за владика, направил многу добри дела по кои црквата сè уште го споменува. Умрел на 1 јануари 389 (според некои 379) поради што црквата секоја година на овој ден го празнува споменот на неговото име. Останал како пример за позитивни човекови особини поради што црквата го нарекла Велики.vevcani

Поради совпаѓањето со празникот на Свети Василиј овој празник во народот најчесто е познат како Василица, а тоа најповеќе асоцира на обичаите и верувањата поврзани со Новата Година. Василица се паѓа во периодот на т.н. Некрстени денови, период што трае од Божик до Водици, кога според легендата Исус не бил крстен и ѓаволите се мачеле да го излажат да не се крсти и да не се исполни волјата божја. Се верува дека овие денови за човекот се опасни бидејќи тогаш мртвите се во движење, разни вампири, караконџули, вештерки, самовили и други нечисти сили се активни и на сите начини сакаат да му напакостат. За заштита од овие негативни демони човекот во овој период избегнувал некои потешки работи, но изведува и разни магиски заштитни дејствија. Особено познати се некои обичаи, како бабарските, русалиските и сл. од кои траги на почвата на Македонија се одржале до денес. Посебно интересна е една драмска игра со маски која се среќава на теренот на цела етничка Македонија, но секаде со различни имиња според имињата на учесниците во играта: во Охридско – василичари, во Битолско – бабари, во Скопско-џамалари, во Тиквешијата – џаламари, во Разлошко-сурваскаре, во Костурско и други места во Егејска Македонија ешкари итн. Иако во повеќе места оваа драмска игра се играла во текот на сите дванаесет Некрстени денови, сепак, таа најчесто е поврзана со празникот Василица.

Возрасните за овие прослави се подготвуваат од порано. Тие набавуваат прибор за маскирање, предмети за тропање и правење врева, како ѕвонци, клопотарци, тенеќиња, тенџериња, но и музички инструменти: гајди, кавали, тапани и сл. Со овие реквизити се создава голема врева која има цел не само да создаде весела атмосфера туку и да ги заплаши и избрка лошите духови.

Во василичарските дружини одат луѓе веселници, луѓе што знаат да се шегуваат. Обичаите што притоа ги изведуваат претставуваат вистинска народна драма со точно определени улоги на учесниците, со маскирање и други елементи присутни во фолклорниот театар.

Постојат повеќе обичаи и верувања што се директно поврзани со започнувањето на Новата година. Тука во прв ред е прогнозирањето на среќата и напредокот на секој член од семејството како и на стоката и на земјоделските култури. Во загреана пепел или во нагорена црепна се ставаат зрна жито и во зависност од тоа колку ќе скокне зрното се гледа колку ќе има напредок во претстојната година. Исто така, во црепна се ставаат жарје и се покриваат со вршник, а потоа се гледа тие што се изгорени со бела пепел ќе имаат напредок, а тие што се изгаснати, црни јаглења, ќе доживеат болест и несреќа. На Василица во некои места месат и погача или баница со пара, како што тоа во повеќе места се прави на Бадник, и со тоа се прогнозира кој член од семејството ќе биде најсреќен. Според некои верувања на Василица секој требало да облече нешто ново за да го износи во текот на годината.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1