Денеска верниците го слават еден од најрадосните христијански празници- Благовестие или Благовец.
Според светото писмо, тоа е ден кога на Богородица и се јавил архангелот Гаврило и и рекол дека со посредство на Светиот дух е во благословена состојба и дека ќе роди син.
Благовестие спаѓа во редот на Богородичните празници и во календарот е обележан со црвено, што значи дека на овој ден не треба да се работат тешки работи, а жените не треба да шијат и да перат.
Благовестие посебно го слават жените. Оние кои сакаат да забременат одат во црква или манастир каде иконите се посветени на овој празник и се молат на Богородица.
Се смета дека на овој ден не се чувствува болката, па на малите девојчиња им се ставаат обетки.
За земјоделците од овој ден почнува сеидбата на житата и тогаш се изнесува семето на сонце. Овоштарите сметаат дека овој ден е најсреќен и најдобар за калемење, а лозарите ја кројат лозата.