Денеска е голем празник – Отсекување на главата на Св. Јован Крстител


Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 29 август.

Денеска е Отсекување на главата на Св. Јован Крстител.

Во времето кога Јован проповедаше во Палестина, во Галилеја владееше Ирод Антипа, еден од синовите на оној Ирод што насекаде се прослави со својот расипан карактер. Овој наследи некои особини од татко му, па ја избрка својата законита жена и живееше незаконито со Иродијада, жената на својот се уште жив брат Филип. Јован отворено и пред целиот народ го прекоруваше и го разобличуваше за тоа, па Ирод го затвори. Во една прилика Ирод приреди гозба во својот дворец. Ќерката на Иродијада, Саломија, го восхити Ирода со својата страствената игра на гозбата, така што овој замаен од пиењето и вети се што ќе посака. Саломија, поучена од мајка и, која не можеше да му го прости јавното разобличување на Јована, ја побара главата на пророкот. Ирод нареди и Јован беше обезглавен. Иродијада продолжи да се изживува над мртвата Јованова глава и го избоде неговиот јазик со игли. Подоцна еден дворски слуга чесно ја закопа главата на свети Јован Крстител. Наскоро злосторниците ги снајде заслужената казна. Првин кнезот Арета, таткото на законитата Иродова жена, подигна војска и го порази Ирода, а подоцна цезарот Калигула го протера во Галија, па во Шпанија, каде Ирод и Иродијада ги завршија своите неславни животи во беда и понижување. Саломија, пак, ја снајде лоша смрт во реката Сикорис.

Православните христијани денеска го одбележеуваат празникот Отсекување на главата на Свети Јован Крстител. Празникот посветен на погубувањето на св. Јован Крстител што секоја година се празнува на 11 септември (н.с.) во народниот говор се среќава под различни имиња: Св. Јован Сечиглав, Св. Јован Отсечен, Св. Јован Опсечен итн. Поради значењето на овој светец црквата овој ден го прогласила за пост.

Последниот старозаветен пророк Свети Јован е наречен Крстител затоа што го крстил Исус Христос во реката Јордан. Тој е наречен и Претеча што значи претходник, зашто со своето учење навистина му претходел на Исус, одел пред него, го повикувал народот на покајание и го најавувал доаѓањето на Спасителот. „Јас ве крштевам со вода, а тој што ќе дојде по мене ќе ве крсти со Дух Свети“, говорел Свети Јован додека го покрстувал народот. Многумина Јудејци доаѓале кај него за да бидат крстени, а многумина го почитувале како вистинскиот Спасител.

Јован сведочел дека Исус е синот Божји. „Он треба да расте, а јас да се смалувам! Кој доаѓа одозгора, тој е над сите, а кој доаѓа од земјата, земен е и како земен зборува. Кој доаѓа од небото над сите е“. (Јован, 3/30-31)

Почитувајќи го како најголем пророк, Црквата му посветила неколку празници во годината. Во христијанскиот календар се празнува денот на неговото раѓање (Иванден, 7.VII/24.VI) денот на неговото погубување наречен Отсечение главата на Свети Јован, потоа за голем празник се смета и денот кога Св. Јован го крстил Исуса во реката Јордан, Собор на св. Јован Крстител (денот по Богојавление 20/7.I.) на 24 февруари (с.с.) се празнува Првото и Второто, а на 15 мај (с.с.) и Третото наоѓање главата на Св. Јован кога таа е пренесена во Цариград итн. Така во христијанската вера Св. Јован е една од ретките личности покрај Исус и Пресвета Богородица кому Светата црква му посветила повеќе празници. Празникот Отсечение главата на Св. Јован Крстител е еден од петнаесетте големи христијански празници, а за подостоинствено празнување и за сочувство со страдањата на Св. Јован од страна на Светата црква одреден е строг пост. Во народниот говор, согласно некои дијалекти празникот се среќава со имињата Свети Јован Сечиглав, (како што го пишува М. Цепенков), Свети Јован Отсечен, Свети Јован Опсечен, некаде едноставно само Отсечение или Опсечение.

Денот на погубувањето на Св. Јован Крстител со строг пост црквата го празнува на 11 септември (29 август според стариот календар) под името Отсекување (или Отсечение) главата на Свети Јован Крстител. Иако Свети Јован е погубен пред Пасха празникот е поместен на овој ден зашто на овој ден е осветена црквата што над неговиот гроб во Севастија ја подигнале светите цареви, како што ги викал народот царот Константин и неговата мајка, царицата Елена.

Значењето на Свети Јован Крстител. неговиот голем култ воопшто во христијанскиот свет оставил значајни траги и во традицијата на македонскиот народ. Па така како и другите празници посветени на овој светител и овој ден се празнува со многу внимание, со домашни, селски или поголеми свечености, со заеднички гозби (ортии) и сл. Народот на овој пост држи строг пост, не јаде не само мрсно, туку и риба и зејтин. Останало забележано дека на овој ден луѓето не јаделе ни лубеница, домати, црвено грозје и други продукти со црвена боја што потсетувале на крвта на светителот.

 

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1