Денеска е Преображение Христово


Празникот Преображение Господово спаѓа во големите празници што ги празнува Светата Христова црква, но тој и со поголемиот број обичаи и верувања има значајно место во животот на нашиот народ, така што во целокупното празнување на овој празник следиме повеќе слоеви на народната култура.

На Преображение прв пат се јаде грозје или друго овошје откако свештеникот ќе го отпее и благослови. Тоа претставува и благодарност кон Бога за дадените плодови на земјата.

Преображение Господово што се празнува секоја година на 19/6 август, за време на Богородичините пости, пред празникот Успение на Пресвета Богородица (Голема Богородица.)

На иконите, овој настан е претставен така што Исус стои на врвот на планината во бела облека, од десната страна е пророкот Мојсеј со таблицата со законите, а од левата страна пророкот Илија. Долу се апостолите паднати ничкум, а со рацете ги заштитуваат очите од силната светлина што зрачи од Исуса.

Според народното верување тогаш по прв пат во годината се бере грозје и се носи во црквата каде што свештеникот по молитвата го благословува. Во краишта каде што нема грозје се осветуваат други плодови како јаболка, сливи и сл. Овој чин претставува и благодарност кон Господа за сите природни дарови на земјава. На Преображение во црквата се дава нафора и грозје. Тоа не е нафора во вистинската смисла на зборот, туку само благодарност кон Господа за плодовите.

Во народот постојат повеќе верувања поврзани со овој празник. Поради заладувањето на времето се верува дека на тој ден се преобразува природата. Лисјето на дрвјата почнуваат да венеат, а и водата станува студена поради што на Преображение луѓето за последен пат се бањаат во реките.

Со Преображение е поврзано и верувањето дека ноќта спроти празникот небото се отворало како на Богојавление, се јавувал Бог и на сите што будни ќе го пречекаат тој миг им ги исполнувал желбите.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1