Денеска е Св. Пантелејмон – исцелител кој лечел со Божја помош


Денеска е Св. великомаченик Пантелејмон.

Свети Пантелејмон се роди во Никомидија од татко незнабожец, Евсторгиј, и мајка христијанка, Евула. Во младоста ја изучи лекарската вештина. Подоцна поверува во Христа и се крсти. Господ му имаше дадено голема благодат да лечи од секакви болести, не само користејќи ја лекарската вештина, туку и со силна молитва. Така излечи и еден слепец од кого сите лекари веќе беа дигнале раце. А тоа ги побуди истиве, поради нивната завист, да го обвинат пред властите како христијанин. Свети Пантелејмон беше ставен на маки, а откако стана јасно дека ништо не може да го поколеба во верата во преслаткиот Господ го испратија на губилиште, под некое маслиново дрво. Тој клекна на колена, се помоли на Бога, а потоа му беше отсечена главата. Пострада во 304 година. Чудотворец во текот на животот, тој продолжи да исцелува и преку неговите свети мошти кои се зачуваа.sveti-pantelejmon-620x350-70272

Св.Климент Охридски, Св. седмочисленици, Св. Пантелејмон

Голем македонски и општохристијански празник

На 9 август (нoв стил) се празнува споменот на св. Климент Охридски кој е упокоен на овој ден 916 година. Исто така, на овој ден се празнува и споменот на светите Седмочисленици. На овој ден Светата православна црква го празнува и споменот на големиот исцелител свети Пантелејмон.

Именден празнуваат: Пантелеј, Панде, Пано, Панка, Панто, Панчо…

Големиот македонски и сесловенски просветител свети Климент Охридски Чудотворец починал на денешен ден 916 година. Но бидејќи тој и за време на својот живот именденот го празнувал на 8 декември (25 ноември с.с.) на празникот на Св. свештеномаченик Климент епископ Римски, подоцна неговиот главен празник бил поместен на овој датум, а на денешен ден се празнувал заедничкиот спомен на седумтемина рамноапостолни словенски светители познати како свети Седмочисленици (св. Кирил, Методиј, Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј). Св. Климент Охридски Чудотворец е најпознатиот ученик на светите браќа Кирил и Методиј, последен од нив починал и поради тоа денот на неговото упокојување бил земен за нивни заеднички празник.
Светиот великомаченик Пантелејмон спаѓа меѓу најпознатите исцелители што лечеле со Божја помош. Настрадал за време на царот Максимилијан кога е вршен страшен прогон на христијаните. Роден е во Никомидија во областа Витанија во Мала Азија. Најпрвин се викал Пантелеон, што значи „лав во сè“, а подоцна бил наречен Пантелејмон што значи „семилостив“. Татко му бил паганин, а мајка му христијанка, којашто од мал го воспитувала во христијански дух. Но таа умрела додека тој бил мал, а татко му го дал да го изучува лекарскиот занает кај познатиот лекар Евстрогиј кој го лекувал и царското семејство. Така младиот Пантелејмон се стекнал со симпатии и од царот Максимилијан кој од учителот барал да не го жали трудот кога се работи за образованието на младиот ученик. Така Пантелејмон со многу желба од своја страна, но и со внимание од страна на познатиот лекар го изучувал лекарскиот занает, се стекнал со многу симпатии и од пошироката средина и бргу напредувал во медицинските науки.
Пантелејмон секој ден го посетувал својот учител Евстрогиј. Патот минувал покрај една бедна куќичка во која живеел еден стар свештеник по име Ермолај. Тој посакал Пантелејмона да го воведе во вистинската вера. Најпрвин го повикал и го распрашувал за неговите родители и за неговото верување. Тој му раскажал за сè искрено дека мајка му била христијанка и додека била жива го воспитувала во тој дух, а дека татко му е паганин зашто сака да остане во служба на царот. Потоа свештеникот му зборувал на Пантелејмон за вистинскиот Бог Исус Христос, за неговите чуда, за исцелувањето болни, за воскреснувањето мртви итн. Тие раскажувања го потсетиле на зборовите на мајка му за вредностите на вистинската вера и кај него се разгорела љубовта кон Бога. Така кога почнал да лекува Пантелејмон се повикувал на Господ. Еднаш на враќање од кај учителот на патот видел мртво дете каснато од змија, којашто лежела покрај детето. Пантелејмон најпрвин се исплашил, но кога се сетил на зборовите од свештеникот дека Господ е семоќен, се наведнал над детето и побарал за него лек повикувајќи ја Божјата сила. Тогаш детето се разбудило, а змијата умрела. Потоа Пантелејмон веднаш отишол кај свештеникот и се крстил. Подоцна лекувал и слеп човек кого не можел да го излекува ниту еден лекар во империјата. Кога и него го излекувал кај свештеникот дошол и татко му и тој се крстил.
Свети Пантелејмон бил многу популарен лекар што лечел од разни телесни и душевни болести. Кога умрел и татко му имотот го раздал на сиромасите, а тој лечел бесплатно. Особено внимателно ги лекувал христијаните што имале рани од мачењето. Поради завист од лекарите бил наклеветен кај царот кој најпрвин се обидел да го врати во идолопоклонство, но Пантелејмон му одговорил дека ниту по цена на животот нема да се откаже од својот единствен Бог Исус Христос. За да му докаже на царот кој е вистинскиот Бог побарал од царот еден безнадежно болен што требало да го лекуваат идолските жреци, односно лекарите неверници. Откако тие не успеале да го излекуваат Пантелејмон и над него го повикал името на Исус по што болниот веднаш оздравел.
По тој настан популарноста на Пантелејмон уште повеќе пораснала, а многумина поверувале во Исус Христос и се крстиле. Тоа, пак, уште повеќе ги разгневило лекарите кои од царот побарале да го погуби за да не привлече многумина во христијани. Поради тоа бил мачен, бесен, гребан по телото со остри предмети и горен со оган, а потоа фрлен во казан со растопено олово, но сето тоа јуначки го поднесол. Најпосле царот наредил да се исече со меч заедно со свештеникот Ермолај. Откако бил осуден на смрт, не со страв туку со радост тргнал кон губилиштето пеејќи ги Давидовите псалми. Потоа клекнал да се моли, а во тоа време џелатот замавнал со сабјата и го удрил по вратот, но на општо изненадување на насобраниот народ сабјата се искршила на безброј делови. Додека се молел Пантелејмон џелатот не можел да го погуби, иако повеќепати се обидувал. Дури откако ја завршил молитвата самиот побарал да го погубат. Тоа се случило во родното место Никомидија на 27 јули според стариот (или на 9 август според новиот) календар во 305 година.
На Света Гора има голем манастир посветен на свети Пантелејмон во кој според преданието се наоѓаат дел од моштите на светецот. Во Македонија впечатливи градби посветени на св. Пантелејмон се Светиклиментовата црква на Плаошник, потоа црквите во Горно Нерези, Скопско, во Велес, манастирите во Кочанско, Штипско и други места.

Тропар
Свети великомаченик Пантелејмон

Страдалнику свети и лекару Пантелејмоне, моли го милостивиот Бог да ни дарува прошка на гревовите на нашите души.

Преданија и легенди за Свети Климент

За Св. Климента

Во г. Охрид има многу и од секаков вид прекрасни овоштија, какви што нема секаде. Кажуваат дека Свети Климент ги просветил преку христијанската вера не само луѓето во Охридскиот крај, туку дека и самите плодородни дрвја ги опитомил, пренесувајќи во градот питоми овоштија од Азија, калеми, та ги накалемил дотогаш дивите месни овошни дрвја.

Свети Наум и Свети Климент истовремено почнале да ги градат своите храмови

Свети Наум и Св. Климент, проповедувајќи ја, секој на едната страна од езерото Христовата наука, решиле и заедно да подигнат богомолишта и така црквата Св. Климент во Охрид и манастирот Св. Наум истовремено почнале да се градат. Ѕидарите од еднио до другио рид, на кои се подигаат овие цркви, затегнале едно јаже преку езерото и преку тоа јаже си ги додавале потребните алати. Па се договориле уште и тоа, за да се види која црква порано ќе се заврши вака да направат: кога ќе се затресе јажето, да се прекине работата на обете страни да се види колку која е готова. Црквата на Св. Климент била уште за малку готова, уште кубето да се направи, но на јажето паднале црни чавки и јажето се затресло, а ѕидарите помислиле дека тоа е даден знак и престанале да работат (затоа на Турците им било лесно да ја потурчат оваа црква, додале само минаре, а кубе немало). А кај Свети Наум уште работеле и кога довршиле чекале да им се даде знак, но знакот го немало. Утредента на јажето паднале бели гулаби и јажето се затресло, но Свети Наум уште вчера бил готов.

Потковата од коњот на Св.Климент

Кога дошле турските војски да го заземат Охрид, Свети Климент им ја затворил Долна Порта за да не можат да влезат во градот. Тогаш тие отишле кон Горна Порта. Се преплашиле кога и таму, пред вратите вјавнат на бел коњ и облечен се во бело, со долга бела брада, го виделе Свети Климент. А кога Свети Климент ја извадил сабјата и замавнал со неа, од нејзиниот блесок исплашените Турци почнале да бегаат, кој како нозе го држеле.
Потоа кога Свети Климент, се свртил назд, да си влезе во градот, неговиот коњ се сопнал и од задната нога се откинала потковата и се закачила горе на железната врата од Горна Порта.
Потковата до денешни дни стоеше на вратата.

Светиклиментова ст’паљка

В Охрид имат камен над кој сет вглобени петични стапаљки од скорни, кои вељат че беха од Св. Климент.

За Здеглавје и Белица или првите Св. Климентови епикопии Главница и Велица

а) Во Охридскиот округ, 8-9 часа на север од градот има околија Дебарца нарекувана, разделена на два дела – Горна и Долна Дебарца. Во последнава има главно село Здеглавје или по турски изговарано Изделглавје.
Преданието кај нас кажува дека тоа село Здеглавје било некогашната Главиница, првата Св. Климентова епископија. А некои други сочувани знаци ја потврдуваат верноста на тоа народно предание.
б) На најзападната граница од истиот округ околу саат и пол – два на запад од гр. Струга на источното ребро од Беличката планина која е ветка од Акрокеравнијските, лежат две влашки села Горна и Долна Белица првото горе на планината, помало, а последното долу во подножјето, доста големо со жители повеќето трговци. Понадолу кон север – уште две села доста големи; Вевчани и Октиси, а близу до нив едно арнауто-мухамеданско со теке и шех во него и со жители најсвирепи злоупотребувачи на земјата.
Предание се сочувало и за тие села, особено за последното дека се на истата местоположба на која стоела некогашната Белица, искривено Велица, втората Св. Климентова епископија, која според истото предание тогаш била град со 3000 и повеќе семејства. За потврда и на верност на ова предание има докази кои ќе се видат публикувани на друго место.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1