Денеска е Св.великомаченик Георгиј Победоносец (Ѓурѓовден)


Празник на обновувањето на природата и на животот воопшто

Именден празнуваат: Ѓорѓија, Ѓуро, Ѓурѓа, Ѓоре,

Ганка, Ганчо, Гинка, Ѓурѓица и др.

Големиот црковен и народен празник посветен на светиот великомаченик Георгиј Победоносец меѓу народот познат како Ѓурѓовден спаѓа меѓу неподвижните празници или меѓу празниците со постојан датум. Секоја година се паѓа на 6 мај според новиот, или на 23 април според стариот календар. Ѓурѓовден е најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и другото население, што од друга страна зборува за фактот дека во неговата основа лежи некој голем претхрстијански празник во чест на пролетта, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто. Како голем празник Ѓурѓовден се поврзува со Велигден, па и во народната песна се пее за нивната поврзаност, за раззеленувањето на вегетацијата и за враќањето на животот по пасивниот зимски период.

Свети Георгиј е погубен на 6 мај (23 април, с.с.) според некои извори 303 година и секоја година на овој датум Светата црква го празнува споменот на својот Великомаченик. На иконите, св. Георгиј е претставен како војвода, како на коњ ја убива ламјата којашто се наоѓа под копитата на коњот.

На Ѓурѓовден се изведуваат многу и најразлични обичаи.

Кај нашиот народ со Ѓурѓовден започнува летната половина од годината што трае до Митровден.Човекот му се радува на оживувањето на природата, никнувањето на есенските посеви, на разлистувањето на овошките на раззеленувањето на гората и на обновувањето на вегетацијата воопшто, бидејќи тоа значи и негова егзистенција. Меѓу повеќето обичаи и песни поврзани со овој ден посебно значајно место заземаат оние т.н. билјарски обичаи и песни што се изведуваат при берењето на билките, вечерта спроти празникот и на самиот ден рано наутро.

И кукурекот во народното верување има значајно место. Со кукурек се запотнува по вратите од куќите и плевните, потоа се става на креветите, ковчезите, амбарите, стомните, на бутинот, на каците, на бочвите, на плугот, јаремот, на колата итн. Вечерта спроти празникот кога билјарките одат на билје, бараат еден машки кукурек – самак (на едно место да има само еден корен). Го врзуваат со црвен конец и го оставаат да стои преку ноќта. Утрото на Ѓурѓовден пак се оди на билје и тој кукурек со мотика се откопува од корен. Со тој корен преку годината се лекуваат разни болести кај стоката.

И вапцувањето јајца со црвена боја има значајно место во ѓурѓовденските празнувања, исто како и во велигденските. Од Велигден до Спасовден (а во тој период редовно се паѓа и Ѓурѓовден) луѓето се поздравуваат со „Христос воскресе“ и си отпоздравуваат со „Вистина воскресе“, и вапцуваат јајца со црвена боја. За Ѓурѓовден јајцата се вапцуваат вечерта спроти празникот и никој, освен домаќинката што ги вапцува, не смее да ги види до утрото. Утрото пак, кога децата ќе се разбудат со црвено јајце им се минува по лицето со зборовите „Црвено бело дебело“ за да бидат дебели и црвени во образите како јајцето (црвенилото симболизира здравје).

Посебно значаен обичај што е поврзан со Ѓурѓовден е лулањето или нишањето. На зелени, односно сурови дрва (слива, врба, муренка, јаболкница и др.) се обесуваат ортоми и на нив преку целиот ден се нишаат децата, но и повозрасните девојки и момчиња, дури и помладите невести. Секој што е на нишалката во рацете држи црвено јајце, а во некои краишта уште и некој сребрен предмет (најчесто прстен), коприва, трева огојка, лепаец и камен. Среброто симболизира трајност, (долговечност), огојката – гоење, каменот цврстина, лепаецот се носи за да се лепат по девојките момчиња и по момчињата девојки, а и копривата во народните верувања поседува магиска моќ.

Многубројните и разновидни обичаи што се изведуваат на Ѓурѓовден, како што се оние со билките, песните што го опеваат разбудувањето на природата, радоста поради враќањето на животот по зимскиот пасивен период и сл. упатуваат на сознанието дека Ѓурѓовден е сточарски и земјоделски празник, а свети Георгиј е небесен клучар кој ги контролира небесните и земните природни појави што влијаат да биде богат бериќетот.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1