Денеска е Велики Вторник


На Велики Вторник верниците си спомнуваат за настаните што се случиле на тој ден – токму на Велики Вторник Господ Исус Христос изговорил најмногу поуки и параболи во Ерусалим. Тој ден е Неговото најобилно поучување пред да започнат: предавството, прогоните, маките и страдањата, кога веќе не можел да поучува. Тоа се Неговите последни опомени пред да бидат извршени злосторствата врз Него. Тој ден е Неговиот последен ден за поука во храмот. Така го започнал денот – со доаѓање во Ерусалим и со влегување во храмот за да поучува.

На овој ден, Господ Исус Христос изрекол многу поуки и параболи, меѓу кои и познатите: За талантите и за Страшниот суд (Матеј 25,1-26,1); За воскресението на мртвите и За најголемата заповед (Матеј 22,15-46), како и За укорувањето на книжниците и фарисеите, пророштвото За разрушување на Ерусалим (Матеј 23,1-39) и други.

 

Им кажува за појавата на лажни христоси и спасители, разни антихристијански сили, војни и убиства, земјотреси и глад, гонење на христијаните, проповед на Евангелието кај сите народи во светот, непријателства меѓу луѓето, дури и меѓу своите најблиски, роднини и пријатели, појавата на Антихрист и дејствувањето на неговите приврзаници и најпосле: Христовото второ доаѓање и крајот на светот.

Говорејќи им на апостолите за последните времиња, Христос, на крајот, пак ги вратил на настаните што претстојат и завршил со зборовите: „Знаете дека по два дни ќе биде Пасха и Синот Човечки ќе биде предаден на распјатие“ (Матеј 26,2).

 

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1