На иницијатива на премиерот Зоран Заев денеска во Скопје треба да се одржи лидерска средба за да ги информира претседателот Ѓорге Иванов и лидерите на партиите за деталите од средбата со грчкиот премиер Алексис Ципрас и за можноста да се даде шанса за евентуално решение што би било прифатливо за двете страни.
– Би сакал да се запази редот, да има информирање за деталите. Прво да му ги соопштам на претседателот на државата, на лидерот на опозицијата, на лидерот на најголемата албанска партија, на претседателот на Собранието. Тоа е редот, за да имаме шанса да изградиме национален консензус по вака важно прашање. Веднаш по состанокот ќе дадеме изјава и сето ќе го споделиме со јавноста, рече Заев, вчера најавувајќи ја лидерската средба.
Присуството на средбата го потврди македонскиот претседател Ѓорге Иванов, од чиј кабинет вчера соопштија дека тој ја прифатил поканата на премиерот Зоран Заев за лидерската средба.
Иванов на средбата очекува да биде информиран за суштината и за деталите од разговорите во процесот за надминување на разликата околу името, истакнаа вчера од кабинетот на претседателот.
И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски синоќа во изјава за медиумите потврди дека ќе учествува на средбата и истакна оти ставот по однос на евентуален договор партијата ќе го каже по нејзиното завршување, откако ќе ги има сите информации.
И од кабинетот на грчкиот премиер Алексис Ципрас најавија дека во претседателската палата во Атина тој ќе го извести претседателот Прокопис Павлопулос за текот на преговорите околу името.
По средбата со Павлопулос, грчкиот премиер, за истата тема, но телефонски, ќе ги извести лидерите на политичките партии, јави дописничката на МИА од Атина.
Изминатите два дена во одредени медиуми се појави информацијата дека најновиот македонски предлог за името во преговорите со Грција бил „Република Илинденска Македонија“. Владата вчера ниту ја потврди, ниту демантира информацијата.
– Како што изјави премиерот Заев во последната фаза од преговорите, од македонска страна се презентирани повеќе опции за можни решенија, а за една од нив потврдено е дека може да биде прифатлива и за двете страни, соопштија вчера од Владата за МИА.
Наспроти ова, грчкиот весник „Катимерини“ објави текст со изјава на извор близок да македонскиот премиер и до шефот на македонската дипломатија во која тој тврди дека двете страни се блиску до договор за името „Илинденска Македонија“.
Според весникот, Ципрас имал позитивен став за овој предлог, а Коѕијас го отфрлил.
– Извор близок до премиерот Заев и до министерот за надворешни работи Димитров за „Катимерини“ спомена дека двете страни се дојдени блиску до договор за името „Илинденска Македонија“, што се за Скопје се однесува на историскиот настан Илинден (Свети Илија) и на вооруженото востание на „македонскиот народ“ против Отоманите, пишува грчкиот весник.
Од кабинетот на Ципрас, пак, соопштија дека ако нема ерга омнес и уставна ревизија, дискусијата за било какво име е празна содржина.