Нашата држава треба да направи компромис со Грција и да прифати во меѓународните односи да го користи единствено своето уставно име – Република Македонија, и на тој начин да овозможи компромис преку кој ќе се направи разлика меѓу името на нашата држава и поширокиот регион „Македонија“ во кој таа се наоѓа, нагласува професорот по меѓународно право Тони Дескоски на својот Фејсбук профил, анализирајќи го коментарот на Ставрос Теодоракис лидер на грчката Либерално-демократската партија „Потами“.
Професорот Дескоски во интервју за Канал 5 телевизија ја анализираше и биографската книга на професерот Денко Малески „Бебето од катран“ од 1992 година кога беше министер за надворешни работи, при што рече дека Република Македонија (Скопје) е името на нашата држава кое и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во повеќе наврати минатите години го прифатиле како решение во спорот со Грција.
Тој за МИА вели дека од нејасни причини во 1993 година тогашниот претседател Киро Глигоров и потсекретарот за надворешни работи Ристо Никовски го одбиле предлогот на британскиот Форин Офис да не поддржат за прием во Обединетите нации под името Република Македонија (Скопје), име кое министерот Малески го договарал со Британците.
Во својата биографија поранешниот министер Малески открива дека во преговорите бил на чекор до финалниот договор за тоа име, но од нејасни причини бил заобиколен од тогашниот државен врв, и не бил информиран за состанокот во Форин Офис во Лондон, на кој потсекретарот Ристо Никовски го одбил предлогот на Британските дипломати, по што министерот си поднел оставка.