Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР спроведе координирана акцијата со цел сузбивање на организирана криминална група, составена од 16 лица за кои постои сомневање дека во континуитет, во периодот од 2007 до 2013 година, биле инволвирани во криминални активности поврзани со злоупотреби при спроведување на постапки за јавни набавки спротивно на законските прописи со привилегирање и во корист на повеќе правни и физички лица блиски до членовите на криминалната група, информира МВР на својата официјална страна.
Случајот е реализиран во координација со ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција и по претходно спроведено криминалистичко истражување во рамките на меѓуресорска соработка со Управа за финанасиска полиција. Врз основа на обезбедените докази за криминалната активност на групата, како организатори фигурираат шест лица од Охрид на возраст од 38 до 59 години, додека како помагачи биле инволвирани уште 10 лица, од кои 9 од Охрид и едно од Струга.
Според обезбедените докази, оваа криминална група била предводена од првоосомничениот, кој во својство на одговорно лице – Градоначалник на Општина Охрид во периодот од 2007 до месец Март 2013 година формирал злосторничко здружение во кое вклучил лице вработено во општината со Договор за дело од 2006 до 2009 година како негов советник, а од 2009 во својство на раководител на Одделението за сообраќај и патишта, потоа Раководител на Одделение за комунални дејности, Раководител на Сектор за туризам и локален економски развој. Истите создале организирана криминална група во која се вклучени како членови и тројца сопственици и управители на правни лица, со цел вршење на кривични дела при спроведувања на постапки за јавни набавки спротивно на законските прописи со привилегирање и во корист на повеќе правни и физички лица блиски на криминалната група.
Во спроведувањето на своите криминални активности, членовите на злосторничкото здружение биле потпомогнати од седуммина вработени во Општина Охрид во својство на одговорни лица кои што вршеле надзор на извршени работи од спроведени постапки за јавни набавки распишани од страна на општината, на начин што со свој потпис потврдиле како да се извршени „непостоечки градежни и други услуги“. Тоа го сториле со помош од управители на приватни фирми кои изготвувале и доставувале фактури со невистинита содржина, а изведувале градежни работи во 2007 година по усна наредба на градоначалникот без да биде објавен тендер за јавна набавка. Во текот на 2008 година, првоосомничениот објавил тендери во кои биле содржани и претходно извршените работи од страна на трговските друштва „Охрид промет, Ташма градба и Сидро градба, кои ги добила „Ина Трејд“. Тие му изготвиле и доставиле фактури со невистинита содржина за неизвршени работи, а исто така опфатиле и дел од веќе извршените работи во 2007 година без тендер и се стекнале со противправна имотна корист.
Притоа со ваквите дејствија злосторничкото здружение, ставило во поповолна положба група повластени доверители – правни и физички лица блиски на криминалната група на кои им е исплатен износ од 1.765.590.971,00 денари, при што севкупно се оштетени сите доверители кои согласно со списокот на запишани доверители ја блокирале сметката на општината и стојат на ред за наплата за износ од 724.055.213,50 денари. Исто така, не биле евидентирани и прокнижени во сметководствената евиденција побарувања (од 86 доверители) во износ од 129.298.844,00 денари, при што ги оштетиле доверителите на Општина Охрид за вкупен износ од 853.354.057,50 денари.
Врз основа на фиктивни договори за пренесување на побарувања, првоосомничениот овозможил да бидат исплатени парични средства во вкупен износ од 6.396.659,00 денари, наводно за долгови на „Сидро Градба“ и „Ташма Градба“ кон повеќе правни лица со коишто „Сидро Градба“ и „Ташма Градба“ воошто немале деловен однос, оштетувајќи ја Општина Охрид за истиот износ, а во корист на други физички и правни лица блиски на злосторничкото здружение.
Криминалната група, во период од 2007 до 2013 година со незаконитото постапување, го оштетиле Буџетот на Општина Охрид во износ од вкупно 47.869.817,00 денари, а се стекнале со противправна имотна корист од 148.684.616,00 денари од спорните јавни набавки. Во тие средства се вклучени 2.284.641,00 денари, лична корист на првопријавениот, а при тоа извршување на кривичното дело перење пари легализирале и противправна имотна корист во вкупен износ од 15.892.700,00 денари. Покрај ова, првоосомничениот се товари и дека побарал и примил поткуп во вкупен износ од од 734.641,00 денари исплатен од две лица.
Денеска, врз основа на издадени Наредби за приведување од страна на судија на претходна постапка, од слобода беа лишени вкупно 14 лица, едно лице во моментот е надвор од државата, а за уште едно лице се преземаат активности за лишување од слобода.
До ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, поднесена е кривична пријава против сите 16 лица за кривичните дела „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службена положба и овластување“, „перење пари и други приноси од казниво дело“, „оштетување или повластување на доверители“, „фалсификување или уништување на деловни книги“, „примање поткуп“ и „помагање“.