Македонскиот државјанин Сафет Јонузи (18) ќе остане 30 дена во притвор откако го признал убиството на Кенан Муховиќ
Македонскиот државјанин Сафет Јонузи (18) ќе остане 30 дена во притвор во босанските затвори откако го признал убиството на Кенан Муховиќ, четири години постариот Босанец. Тој го избол 22-годишното момче со нож во срце, бидејќи ја задевал неговата сестра. Крвавиот инцидент се случи на 29 август околу полноќ на улицата „Алија Изетбеговиќ“ во Какањ. Полицијата приведе уште двајца македонски државјани, кои потоа се ослободени, бидејќи немало докази дека учествувале во убиството. Истрага нема да биде поведена против сестрата на Сафет и нејзиното момче Авон Валон (17), кои вечерта биле сведоци на убиството.
Според досегашните сознанија на истрагата, тројцата македонски државјани биле во посета на роднини во Босна и Херцеговина. Вечерта пред да се случи крвавиот инцидент, гостите од Македонија се скарале со двајца локални момчиња, Муховиќ, и со нивниот пријател, 34-годишниот Садмир Шабиќ.
Расправијата се случила во еден од угостителските објекти во Какањ, а мотивот била Сание Јунузи, на која Босанците се обидувале да и’ се доближат. Недоразбирањата потоа се пренеле и на улицата, каде што двете групи почнале и физички да се пресметуваат. Јонузи, според босанските медиуми, во еден момент извадил нож и со него го пробол во срце момчето коешто ја задевало неговата сестра. Повредениот паднал на земја и веднаш починал од нанесените повреди. Јонузи му нанел повреди и на Шабиќ кого го избол по вратот и грбот. Повредениот се наоѓа во болница, каде што изминативе денови му биле извршени неколку операции. Неговата здравствена состојба е стабилна. Истрагата за целосно расветлување на случајот се’ уште е во тек.
Утрински