Релативно топол август, но со попријатни температури на воздухот во рамките на просечните и за нијанса попроменлив кога се очекуваат и епизоди со врнежи. Ова се проценките на американската Националната океанско-атмосферска администрација која предвидува температурите во месец август да се поповолни за нас, информираат од УХМР.
– Повремените дестабилизирања на атмосферата, поради продори на ладен воздух, циклонка активност, линии на нестабилност, патувачка групација на облаци со вертикален развој или слични атмосферски системи можат да иницираат и развој на грмотевични облаци поврзани со поројни врнежи од дожд, а не се исклучува и можноста во одделни денови да има појава на локално невреме со силен ветер и град, велат од УХМР.
Според Европскиот центар за среднорочна прогноза на времето за наредниот тримесечен период август-септември-октомври не се предвидуваат отстапувања на режимот на врнежи во Македонија во однос на просечните количини за овие месеци. Но, согласно предвидувањата на Националниот центар за еколошки прогнози (САД) се очекува оваа есен, особено септември, да биде поврнежлива од просечниот.
– Во текот на есента не се предвидува поголемо отстапување во однос на режимот на температурите во однос на просечните за нормален климатски период. Според првичните проценки се очекува претстојната зима да биде релативно посува и поблага со повисоки температури од просечните и дефицит на врнежи, велат од УХМР, од каде предупредуваат дека, кога станува збор за сезонските информации за времето, тие претставуваат само изгледи како би се развивала временската слика за неколку месеци однапред и затоа треба да се сфаќаат со помала доверливост.
Од УХМР информираат дека сегашната проценка според анализите на податоците од Европскиот центар за среднорочна прогноза на времето е дека продолжува многу топлото време, особено во првата недела од месец август кога според температурните отстапувања на 2 метри висина се предвидуваат 3-5 °С повисоки температури од просечните за овој месец.
– Според овој центар и во наредните три недели се очекува да продолжи топлото време, со 1-3 °С повисоки температури од просечните, но сепак за нијанса ќе попушти оваа екстремна топлина. Во однос на режимот на врнежи не се очекуваат драматични промени и тие ќе бидат во рамките на просечните со исклучок во првата недела од август, кога според овој центар ќе бидат под просечните. И на планините, истотака за овој период се очекува сличен режим на температурите (повисоки за 0.5- 1 °С) и во однос на врнежите, велат од УХМР.
Топлите бранови резултат на климатските промени
Се почесто се поставува прашањето дали овој циклус на изразено топло време во текот на месец јули или серија на топли бранови и рекордни температури во поедини делови на Европа (на пример во Германија е измерена највисока температура од 40.3 ° С откако се води евиденција од 1881 година) се како резултат на климатските промени. Според одделни научници одговорот е потврден.
– Според нивната анализа, речиси сигурно е дека климатските промени ја зголемуваат веројатноста за појава на тековните топлотни бранови кои се простираат низ поголемиот дел од Европа. Оваа констатација ја темелат на компаративна анализа помеѓу евидентираните и прогнозирани температури во неколку европски градови (Мадрид, Цирих и Париз) за ова лето со оние од почетокот на овој век пред глобалното затоплување да игра значајна улога на климата на нашата планета, велат од УХМР.
Од таму информираат дека научници од Оксфорд направиле истражување со помош на математички модели симулирајќи ја веројатноста за појавата на екстремно високи температури во неколку европски градови ова лето со и без влијание на климатските промени и востановиле дека двојно поголема е веројатноста за појавата на топлотниот бран како резултат на климатските промени.
– Се поставува прашањето дали актуелниот топлотен бран во поголемиот дел на Европа или пак екстремните топлотни бранови кои неодамна ја погодија Индија и Пакистан, и за жал однесоа многу човечки животи, се предизвикани од климатските промени. Одделни научници се воздржани во однос на перцепцијата за секоја директна поврзаност на климатските промени со различните временски состојби, влијанија и промени-краткорочниот, среднорочен и сезонски карактер на времето во одредена област, вклучувајки и појава на топлотни бранови. Но, се согласуваат дека човечките активности-согорување на фосилни горива, го менуваат хемискиот состав на атмосферата, предизвикувајќи промена во енергетскиот баланс на Земјата како еден вид на климатска повратна реакција, велат од УХМР.
Истакнат научник од Центарот за атмосферски истражувања на САД, смета дека и без климатските промени се случувале топлотни бранови и дека истите се од метеоролошка природа. Дали ова би значело дека научниците со нецелосна убеденост ги поврзуваат временските случаи како на пример топли бранови со климатските промени?
– Во контекст на ова прашање, неколку групи истражувачи од Австралија користејќи различни методи заклучиле дека топлотниот бран кој ја зафати Австралија во 2013 година со голема веројатност се јавил како резултат на антропогеното влијание врз климатските промени. Нивната студија е публикувана во Билтен на Американската метеоролошка асоцијација и била оценета како една од најиздржаните заклучоци за поврзаноста на екстремни временски настани и климатските промени, поради тоа што во истражувањата биле вклучени неколку различни модели кои доаѓаат до истиот заклучок, информираат од УХМР.
Метеоролошките фактори за појава на топлотни бранови
Оттаму велат дека појава на вакви временски прилики колку и да изгледаат невообичаени се како резултат на основниот физички концепт поврзан со сончевото зрачење, сложеноста и комплексноста на климатскиот систем како сезонските промени на времето.
– Природата својата моќ над човекот неколку пати ја покажала, за тоа колку сме немоќни во однос на неа, ни станало јасно неколку пати. Кога станува збор за сегашниот топлотен бран се претпоставува дека тој се јавува како резултат на климатската варијабилност-променливост или како уште се нарекува колебање (Северо-атланска осцилација, „Ел-Нињо“ и „Ла Ниња“) кои имаат сезонски влијанија на температурата на површината на океаните и морињата, температурните флуктуации, општата атмосферска и океанска циркулација, распоредот и влијанието на воздушните маси, атмосферски системи (циклони и антициклони) патеките на млазните струи и фронтални системи, велат од УХМР.
Поволни метеоролошки фактори за формирање на топлотни бранови-се простирање на суб-тропска воздушна маса, која се карактеризира со појава на висок воздушен притисок (антициклон), кој егзистира во текот на подолг временски период над одредена област, објаснуваат од УХМР.
– Во такви услови се врши топла адвекција (струење или транспорт на топол воздух), се создаваат стагнантни временски услови и се одржува стабилно суво, тивко и топло време а при манифестирање во подолг времски рок во котлините се создаваат и езера на многу топол воздух. Еден тип на климатска променливост која може да води кон пролонгирани топлотни бранови е позната како блокирање кое настанува кога систем со висок воздушен притисок останува стагнантен над одделен регион, блокиран од страна на две области со низок воздушен притисок, велат оттаму.
Реални проценки за промените на климата
Овде се поставува прашањето дали прашањето е во контест на основниот концепт на кој се базираат основните физички принципи и законитости поврзани со Сонцето како основен двигател на процесите во атмосферата на нашата планета и интеркацијата со океаните, струењата и друго или пак се размислува во однос на комплексноста на климатскиот систем и климатските промени како една од најексплоатираните теми во денешницата.
– Во однос на втората теза, а тоа покажува и петиот извештај на Меѓувладиниот панел за климатски промени за проценка за климатските промени дека климатскиот систем се менува. Глобалното затоплување на системот е недвосмислено, просечната глобална температура на земјата и површината на океаните се зголемува како и просечната сума на врнежи на Северната хемисфера, се намалува ледената маса на Гренланд и Антартикот, се топат глечерите, расте нивото на водите во морињата, се намалува соленоста, се врши ацидификација на океаните. Постои евиденција дека како резултат на климатските промени се зголемува честината и интензитетот на екстремните временски и хидролошки непогоди: појава на суши, пожари, поплави, топлотни бранови, студени бранови, бури и слични феномени, објаснуваат од УХМР.
Живееме во време на се позачестена појава на непогоди предизвикани од метеоролошка и хидролошка природа како резултат на климатските варијабилности и промени, и затоа во иднина се очекува зачестена појава на екстреми, велат оттаму.
Во стручните кругови се дебатира и за влијанието на човекот на овие промени.
Според УХМР, евидентно е влијанието на човекот врз климатскиот систем преку неконтролирани емисии на стакленички гасови CO2, CH4, NO, како резултат на емисии од термоцентрали, согорување на горива, земјоделски биопродукти, сечење на шумите, горива за транспорт, третман на отпади и друго.
– Емисиите со CO2=400ppm, според извештајот се највисоки од 1958 од преиндустрискиот период. Најновите сознанија од НАСА во контекст на климатските промени се тврдењата на одделни научници дека во однос на сончевиот циклус на зрачење, иако во 2014 година е достигнат максимумот, тој има пониска вредност во однос на сите досегашни регистрирани максимуми. Оваа намалена сончева активност во идните години на некој начин би можел да го сторнира или забави процесот на глобално затоплување, заклучуваат од УХМР.
МИА